Четврток, 19 Февруари 2026    Печати
Истрагата за скандалот со дрогата нема да запре на неколкумина приведени

MN

Настапот на премиерот Христијан Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија не беше само уште едно телевизиско гостување. Тоа беше јасна политичка порака дека истрагата за скандалот со дрогата извезени во Србија нема да запре на неколкумина приведени, туку дека ќе оди до крај, без оглед на политичката припадност на инволвираните.

Мицкоски изјави дека истрагата веќе опфаќа најмалку десет лица, покрај двајцата кои се приведени, и дека ова е само почеток. Но суштината на неговата порака не беше во бројките, туку во насоката дека трагите водат кон луѓе поврзани со опозицискиот блок, со СДС, со т.н. Европски фронт, па дури и со поранешни политички функционери.

Дополнителна тежина на целиот случај му дава и информацијата за конфискација на околу 100 тони марихуана, бројка што сама по себе говори за размерите на скандалот.

Ако станува збор за количини од ваков обем, тогаш не може да се зборува за изолиран инцидент или индивидуален престап, туку за добро организирана мрежа која функционирала подолг временски период.

Дополнително, Мицкоски ја отвори и темата за политиките на поранешната влада на СДС и ДУИ во однос на Законот за одгледување канабис.

Потсетувањето дека се правеле обиди за либерализација и извоз на цвет од канабис е обид сегашниот скандал да се стави во поширок контекст како последица на една поранешна економска и регулаторна стратегија.

Споменувањето на имиња како Али Ахмети, Зоран Заев и Венко Филипче дополнително ја заострува политичката линија. Со тоа скандалот од правно-полициска сфера се префрла и во доменот на политичка одговорност.

Конфискацијата од околу 100 тони марихуана е тест за кредибилитетот на институциите. Доколку доказите се цврсти, постапките транспарентни, а обвиненијата правно издржани, тогаш ова може да биде пресвртница во борбата против организираниот криминал.

Ова е момент кога институциите треба да покажат зрелост. Зашто кога станува збор за толкави количини дрога и можни високи политички врски, единствениот вистински одговор е, владеење на правото, без разлика на името и функцијата.