Сабота, 07 Март 2026    Печати
Политиката на СДС: лаги и кратко паметење

saat sds

Во политиката довербата е највредната валута. Таа тешко се гради, а лесно се губи. Кога еднаш ќе биде нарушена, потребни се години за повторно да се врати.

Проблемот на СДС не е само во политичките порази, туку во нешто многу подлабоко, во долгата низа ветувања, тврдења и изјави кои со текот на времето се покажаа како неточни или неисполнети. Со години се градеа наративи и очекувања кои подоцна се судрија со реалноста.

Јавноста памети дека беше ветувано дека нема да се случат одредени политички чекори, а потоа следеше бруталната промена на името на државата – потег што и денес предизвикува силни реакции во македонското општество.

Во истиот период беше потпишан и договорот со Бугарија, кој за значителен дел од јавноста остана симбол на сериозни политички отстапки.

Паралелно со овие процеси се најавуваа големи економски проекти, инвестиции и пресврт во развојот на државата. Се зборуваше за нов економски бран, за технолошки развој и за проекти кои требаше да ја променат економската слика на Македонија. Но голем дел од тие најави останаа само на ниво на изјави.

Во меѓувреме, јавноста слушаше и контрадикторни тврдења за состојбата со буџетот и за проекти кои требаше да донесат развој. Дополнително, државата беше потресена од сериозни трагедии и случаи како „Ласкарци“ и „Дурмо турс“ и многу други афери, кои отворија прашања за одговорноста и функционирањето на институциите.

Во тие моменти преку СЈО најгласно се ветуваше правда, со пораката дека „нема да има мир додека не се донесе правда“. Како симбол на тие ветувања беа поставени и бројчаници кои требаше да го мерат времето до правдата и до враќањето на средствата украдени од буџетот. Со текот на времето тие бројчаници останаа само како потсетник на уште едно неисполнето ветување.

Јавноста исто така памети и наративи за наводни договори за мигранти кои подоцна се покажаа како поинакви од она што претходно беше претставувано.

Кога вакви примери се натрупуваат со години, неизбежно се создава впечаток дека политиката на СДС се водела повеќе преку реторика и ветувања отколку преку конкретни резултати.

Она што денес дополнително го засилува овој впечаток е начинот на кој дел од функционерите на СДС настапуваат во јавноста. Наместо аргументирана политичка дебата, сè почесто се слушаат исти фрази, исти напади и координирани настапи кои имаат цел да создадат впечаток на хаос и политичка криза.

Кога една политичка структура почнува да функционира како затворен круг кој постојано ги повторува истите конструкции, тогаш проблемот повеќе не е само политички туку станува симптом на подлабока политичка криза.

Особено загрижува впечатокот дека СДС продолжува да се однесува како јавноста да има кратко паметење. Но искуството покажува дека граѓаните многу добро паметат, и зборови, и ветувања, и одлуки.

Ако барем за момент се погледнат од страна, можеби ќе сфатат дека ова што се случува сè помалку личи на нормална политичка дебата. Наместо сериозна политичка понуда и аргументирана расправа, јавноста сведочи на нервозни реакции, агресивна реторика и обиди за создавање политичка драма таму каде што е потребна одговорност.

Од почит кон јавноста и одговорноста кон граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ целосно ги отфрла обидите трагедиите и чувствителните теми да се злоупотребуваат за дневнополитички пресметки.

Македонија заслужува сериозна политика, визија и стабилност. Она што ѝ е најмалку потребно во овој момент се политичка хистерија и очајни настапи од СДС, партија која очигледно тешко се помирува со сопствениот пораз.