|
|
ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (38) |
ОЛИМПИСКИОТ ПАНТЕОН ВО ПАНОНИЈА -II ДЕЛ По смртта на мајка í Титеа, Басилеја се грижела за браќата и сестрите заради што го добила името Голема Мајка (Magna Mater), иако во митологијата постои ова почесно звање како Голема Божица (Μεγαλη Θεια, megali teja) за Тетија. Како кралица таа стапила во брак со својот брат Хиперион (`Υπεριων `υπερ, hiper-нај, преку и суфиксот ων, on-навистина, секако), со кого родила две исклучително убави и паметни деца, Хелиј и ќерката Селена. Басилија била почитувана како божество и претставувала персонификација за кралство. Тоа асоцира и на ономастиката на една област во Панонија, Војводина Хелиј (`Ηλιος, helios или αελιος, aelios-сонце, светлост на денот, светлост на животот, додека надвор од Балканот Митра) е персонификација на сонцето, бог на денот кој се гледа и се слуша. Со златна кацига на главата и со блескава облека, секој ден се крева на исток од Океан во златни кочии за на луѓето и боговите да им ја дарува светлоста на денот. Цел ден Хелиј патува преку небесниот свод за навечер да се спушти на далечниот запад и да се спушти во земјата на Хесперидите. Хесперидите (`Εσπεριδες, од `εσπερα, hespera-вечер, навечер) биле ќерки на Ноќ (Νυξ) што е персонификација на секојдневна природна појава. Хесперидите подоцна ги сметале за ќерки на Зевс (Дунав) и Темида (реката Тамиш) или на богот Форк (ада меѓу Панчево и Белград), а живееле во земјата на Хиперборејците. Од боговите биле задолжени да ги чуваат златните јаболка во Градината на боговите, која може да се лоцира западно од Тамиш, во Панчевачкото мочуриште, односно денешно Јаболково мочуриште, а тоа би било место каде Зевс се венчал со божицата Хера. Тогаш младенците, како свадбен дар, од божицата Геа (Земја) го добиле дрвото на животот со златни јаболка, кои на боговите им обезбедувале бесмртност и вечна младост. Веќе беше кажано дека јаболкото на палеобалкански јазик, што се пишува како мелон (μηλον), има двојно значење, јаболко и овца, па затоа и интерпретацијата е различна. Во секој случај, во Панчевачкото мочуриште постои топоним на селото Овча и Јаболко, а во митологијата оваа околност е рационализирана. Се прикажувало од Диодор Сиц. (Библ. IV, 26) дека Хесперидите имале големи стада овци, кои сакал да ги земе Бусирис, кој е персонифициран со една од левите притоки на реката Млава, под името Бусур. Нему му пошло од рака да ги грабне не само овците, туку и Хеспиридите, но нив ги ослободил Херакле, во состав на својата единесетта задача на кралот Еуристеј од Пелопонез да му донесе плод од златното јаболково дрво. Хесеридите се споменуваат и во митот со Аргонаутите. При враќањето од Колхида, Аргонаутите стасале во земјата на Хесперидите. На молба на Орфеј, тие на изморените морнари им го покажале изворот на студена бистра вода, кој го отворил Херакле со удар на ногата. Апата (απατη од глаголот απαταω, apatao-лаже) е една од најпознатите Хеспериди и претставува персонификација на измама. Таа поседувала волшебен појас со чија помош божицата Реа го излудувала својот маж Крон. Името на Апата денес го носи градот Апатин на Дунав, кој се наоѓа јужно од градот Бездан, митолошкиот Ереб. Од градовите на периферијата на Панонската Низина кои имаат топоними со митолошко значење ги наведуваме: Загреб, Ниш и Шабац. Загреб е главен град на Хрватска и лежи на Сава. Неговиот топоним асоцира на митолошкиот Дионис Загреј. Загреј (Ζαγρευς, Zagreva-вратен во живот) е придавка на богот Дионис, како син на богот Зевс. Во орфиското предание, божицата Реа родила ќерка Персефона и пред да ја однесе нејзиниот вујко Хад како своја жена во подземниот свет, неа ја оплодил Зевс. Бидејќи Зевсовата законска жена Хера била љубоморна и сакала да го уништи новороденчето, Зевс ги поставил синовите на Реа, т.е. своите браќа Посејдон и Хад, да го чуваат Загреј во колепка во една пештера. Тие го чувале детето, го забавувале играјќи и скокајќи околу него. Меѓутоа, Титаните, Зевсови непријатели, по наговор на Хера, маскирани и премачкани со бел гипс, успеале да ги заспијат чуварите и да го намамат Загреј надвор, нудејќи му детски играчки: џамлии, вртелешки, свирки, вртимушки, златна јаболка, волнени перчиња и др. Кога Титаните го нападнале, Загреј покажал храброст и се обидел да ги измами со промена на својот облик во: змија, лав, тигар, коњ и бик. Дел од Панонија огаш Титаните го зграпчиле за рогови, го растргнале, потоа приредиле гозба, а неговото распарчено тело го изнеле на трпеза. Мирисот на печено месо го намамил Зевс, кој кога го открил злосторството го проголтал неговото срце, кое уште треперело, и го родил повторно. Така Загреј станал бесмртен, а Зевс ги убил Титаните со гром. Од срцето на Загреј бил роден помлад Дионис. Зевс во митологијата бил познат и како љубовник кој обљубил божици, ќерки на Титаните и нимфи, но и многу смртни жени. Најмалку четири значајни олимписки божества ги изродил вонбрачно, а меѓу нив бил и Дионис. Која била негова мајка, тешко е да се утврди, зашто некои раскажуваат дека била божицата Деметра, други дека е Диона, трети Персефона, потоа Лето или Семела. Сепак, најчесто се истакнува дека Дионис е тракиски Зевсов син, или Зевсов јунак, роден на полјанка околу планина во Тракија со ороним Ниса, а дека бил породен и чуван од нисејските вили. Неговото име е персонификација на нишкиот бог Зевс, „бог од Ниса“. Етимолошки Дионис (Διονυσος) е кованица од Διος, Dios или Зевс и νυσος, nisos, од Νυσα, nisa. Nisa (Νυσα) е света шумовита планина во Тракија. Според Хомер Ниса била во Беотија, според Херодот во Етиопија, додека според Аријан во Индија. Сепак, повеќе автори сметаат дека Ниса бил во Тракија, во подоцнешната македонска покраина Пеонија, па оттаму и планината Нишка (το Νυσηιον, to Nisejon). Нимфата која го негувала и чувала Дионис се викала Нисија (Νυσια), што се однесува на Нишава, односно „. . . Нисејски девојки на богот Лудиот Дионис“ (Хомер, II, VI, 133). Новородениот син на Зевс го грабнале Титаните, по заповед на Хера, го распарчиле на делови, и покрај неговата способност да се преобразува. Распарчениот Дионис Титаните го ставиле во лонец и го свариле. Но, неговата баба Реа повторно го составила и го вратила во живот. Други раскажуваат дека го спасил Зевс, кој го од огнот го сошил во својата слабина. По неколку месеци Зевс во Ниса (Ниш) го родил Дионис и го дал на чување на нишките нимфи. Така Дионис бил роден повторно па затоа го носел прекарот „Двапати роден“ или Дитирамб (Διθυραμβος). На ридот Ниса, Дионис открил како се сади винова лоза, како се прави вино и како се ужива во него. Кога станал возрасно момче, меѓу убавите нимфи, кои постојано биле со него, и кога тргнал во белиот свет, се закитил со венци од ловор и бршлен. Со него тргнал и неговиот воспитувал Силен (Σιληνος), добродушен и обично пијан старец, сатир, кој ги презирал земските добра и кого луѓето, кога бил пијан, го врзувале со ланци од цвеќиња, за да им претскажува. Тоа му се случило и во македонската Бромија, кај кралот Мид, кој од Силен дознал многу тајни и добил поуки за ништожноста на човечкиот живот. Силен, како постојан Дионисов придружник, учествувал во борбата на боговите против Гигантите, јавајќи на магаре чие рикање ги натерало непријателите во бегство. Продолжува
Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ - ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН |