Среда, 09 Септември 2020   
МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО –ДУХОВЕН ЦЕНТАР НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕТНИЧКА МАКЕДОНИЈА (1)

3.5.1

Прославувањето 55 години од постоењето на првата македонска православна црква “Свети Климент Охридски“ во Канада, стожерот на најголемиот број активности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко  претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија

Овој црковно - национален дом е најголем центар на раселените од сите делови на Македонија. Таа е место на другарување на Македонците од седум до седумдесет и седум годишна возраст. Со други зборови, таа е македонски центар за поколенијата. 

Тоа е постигнато благодарение на демократска Канада која се смета за светски пример на мултикултурно општество. Таа е прва земја во светот која официјално го призна мултикултурното шаренило и ја продолжува континуираната, значајна и доследна недискриминаторска политика. Со тоа, мултикултурата на заедништво, почит и љубов кон Канада се прогласи за политика на власта на Канада, каде што секој староседелец или новодојденец како Канаѓанин има право на слобода на свеста, верата, мислата, изразувањето, мирното собирање и дружење, уживање и развој во сопствената култура, пропагирање и применување на сопствената религија и употребата на мајчиниот јазик. 

Македонска православна црква “Свети Климент Охридски“ е изградена во убавата метропола Торонто. Тој е распространет на брегот на езерото Онтарио, на осумдесетина километри од Нијагарините водопади и претставува град со многу европски нишани, кој магично го привлекува и опијува посетителот и намерникот. Торонто е град со прекрасни облакодери, раскошни населби со архитектура адаптирана од целиот свет, со уметнички галерии, музеи, опера и со други многубројни културно-историски споменици. Тој е најголемиот индустриски, културен, политички, административен и спортски центар, како и бисер на Онтарио и метропола со големи перспективи.

3.5.2 

Се претпоставува дека Торонто е третиот град по големина на македонското население. Според некои неофицијални податоци, во оваа метропола и во околните места свиле гнезда стотина илјади Македонци од сите делови на Македонија. Затоа се вели дека тој е македонски црковно-наџионален центар за поколенијата. Тие се соживеале и си нашле место под сонцето во секојдневниот живот со стотината други народи, нации и етнички групи од целиот свет, кои се доселиле во овој убав и по многу нешта карактеристичен велеград на богатите простори на Онтарио.

Првите македонски доселеници во Канада дошле во 1897 година. Заради високите дострели, особено на економско поле, Македонците се една од најзначајните етнички групи во Торонто и играат важна улога во целокупното живеење. Нив ги има од сите краишта од Македонија, кој се тесно врзани особено со црквата “Свети Климент Охридски” и со организацијата “Обединети Македонци”.

Иницијативата за формирање на оваа Македонска црковна општина и за нејзина изградба се роди на четвртиот Илинденски пикник што Националната организација „Обединети Македонци“ го одржа на 29 јули 1962 година. Тоа беше израз на силната љубов кон дедовската земја, Македонија, која секој иселеник длабоко ја носи во своето срце. Повеќе од осум илјади Македонци од Торонто и од околните места се собраа на пикникот во месноста Дон Милс.

На пикникот, кај сите присутни имаше голема возбуда, бидејќи за прв пат во Торонто беше присутен македонски владика, епископот Злетовско-струмички г. Наум. Тој, заедно со свештеникот Кирил Стојановски, на мајчин македонски јазик им се обрати на присутните и одржа помен-служба. Тоа беше незаборавно доживување и остави позитивни траги во црковното живеење кај Македонците.

Затоа со право се вели дека таа средба на организирано илинденско чествување значеше верба, желба, единство и љубов кон родната земја на македонските доселеници во Торонто и околината. Подоцна, со обновувањето на Охридската архиепископија се запали искрата за вековното црковно и национално живеење на Македонците.

Инаку, во историјата на Организацијата „Обединети Македонци“ е забележано дека во педесеттите години од минатиот век се појави група Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија, која имаше за цел да формира самостојна национална македонска организација. Притоа, беше поставено и прашањето за зачувување на македонскиот национален идентитет, како и обединување на македонските доселеници во Канада.

Првиот чекор, во оваа смисла, беше направен на пикникот во 1958 година. Овој пикник во националниот живот на Македонците во Торонто и пошироко има посебно значење. Тој претставува прв значаен симбол на иселеничкото единство на Македонците од етничка Македонија. Меѓутоа, 28 април 1959 година е запишан со златни букви, биделќи на тој ден се одржа историската конференција, кога беше прифатен Уставот и беше донесено решение за формирање на Македонската национална организација „Обединети Македонци“.

Организацијата „Обединети Македонци“ беше регистрирана како македонска национална културно-просветна непрофитна организација. Тоа овозможи таа да успее да ги обедини Македонците на национално и духовно поле и да развие силна дејност во животот на доселениците од сите делови на Македонија и  да ги отстрани влијанијата на туѓите пропаганди.

Меѓутоа, се чини најзначајно е тоа што на големиот собир што на 7 авгут 1962 година се одржа во хотелот „Кинг Едвард“, се донесе одлука за изградба на црква што ќе го носи името „Св. Климент Охридски“. За претседател беше избран истакнатиот иселеник Спиро Сандрс од с. Желево, Леринско, а за потпретседатели беа избрани Коста Андрус и Павле Базел-Василевски. Исто така, во управата влегоа и Питер Флоров, Дан Папас, како секретар, а Мајк Нешевич и Паул Џорџ беа избрани за благајници, додека во Надзорниот одбор беа вклучени: Џим Сандерс, Стево Тодоровски, Ван Петров, Виктор Паскалов, Џон Червенков, Благоја Тодоровски и Луј Мисиос.

На свеченоста присуствуваа и неколкуте стотици македонски доселеници, како и епископот Злетовско-струмучки, г. Наум и протаставрофорот Кирил Стојановски. Тие беа првите македонски црковно-национални мисионери во најголемата македонска колонија во Канада, кои, за прв пат, на 12 август 1962 година, во „Желевската сала“ во Торонто, извршија богослужба на мајчин македонски јазик, како и прво крштевање. Тоа беше настан што остана во сеќавање и е запишан со големи букви во историјата на оваа црковна општина.

Меѓу најзначајните и бележити датуми на црковната општина „Св. Климент Охридски“ е, секако, 12 декември 1962 година кога Црквата беше регистрирана пред канадските власти и чиј документ беше испраќан до бројни македонски семејства. Целта беше да се подигне моралот и вербата кај дојденците без разлика од кој дел на Македонија, а кои, не по своја вина, дотогаш своите црковни потреби ги задоволувале во немакедоснки храмови, од кои поголемиот број беа изградени токму од средства на Македонците, особено од Егејска Македонија.

3.5.3 

Торонто

Активностите на членовите на новоформираната црковна општина и на организацијата „Обединети Македонци“ од ден на ден беа поголеми и позначајни во остварувањето на големата идеја за своја Македонска православна црква. Така, во период од две години, тие собраа голем број финансиски средства и беше купено местото за идниот храм во централниот и богат Торнклиф Парк, во Ист Јорк, град што е збратимен со Скопје.

Како резултат на тоа, на 5 април 1964 година, на тоа свето македонско парче земја, во присуство на повеќе од 500 души, пријатели на Македонците и претставници на општината Лисајд, беше поставен камен-темелникот на Црквата. По тој повод, во специјална кутија беше ставена посвета на македонски и англиски јазик и беа запишани имињата на сите настојатели и местото на нивното раѓање во Македонија. За проект на Црквата беше користена макетата на академскиот сликар Питер Стојанов од Желево, Леринско, кој го понуди ликот на денешната катедрална црква.

Една година подоцна, на 18 април 1965 година, архиепископот Охридски и Скопски и прв митрополит Македонски, г.г. Доситеј, во сослужение со Злетовско-струмичкиот епископ г. Наум, протаставрофорите Нестор Поповски и Атанас Попов, како и, во тој период архиѓакон, митрополитот Кирил, а во присуство на неколку стотици македонски доселеници од сите делови на Македонја, го изврши осветувањето на храмот „Св. Климент Охридски“.

Со пуштањето во дејност на оваа црковна општина, македонските доселеници започнаа да живеат свој македонски црковен живот. Секоја година сè побогат, сè поразновиден, сè позначаен, самосвесен и попривлечен црковен живот. Зашто, со право тоа место стана центар на сите Македонци од сите делови на Македонија.

Продолжува

 1KatS

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

На прво место

News image

Падот на западнохристијанската цивилизација

Инквизиција, од латинскиот збор Inaqusittio, што значи – иследување, претставувала група н...

Историја

News image

Владетелите на Македонија

Сите познати и образувани луѓе во вековите пред Христа пишувале за македонската историја и за Македо...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ОД КИСЛЕВ – МЕСЕЦ ОД ЕВРЕЈСКИОТ КАЛЕНДАР - ДО ЗБОРОТ КРШТЕВАЊЕ (21)

Во ова продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе ги претставиме имињата, збо...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (44)

ТРОЈАНСКАТА ВОЈНА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.