Среда, 08 Ноември 2023   
Од Ѓурѓовден до Митровден

Ајдутите, организирани во дружина од 20 до 30 лица, обично дејствувале во периодот од мај до ноември, односно од Ѓурѓовден до Митровден, кога можеле да најдат засолниште во планините.

Отпорот против османлиската власт

dedo-iljoПроцесот на внатрешните општествени промени и надворешните воени порази што започнале да го поткопуваат османлискиот феудален систем биле причина за засилување на експлоатација и за влошување на положбата на рајата, особено на христијаните.

Тоа предизвикало реакција од нивна страна и тие започнале да се спротивставуваат на се потешките обврски спрема непосредниот феудален господар и спрема државата. Во тоа спротивставување биле евидентни две основни тенденции. Едната имала социјален карактер и била насочена против прекумерната експлоатација и угнетување, додека другата ги изразувала, до извесен степен, ослободителните стремежи на поробеното население.

Спротивставувањето на економската експлоатација најчесто се изразувало низ неоружен отпор, кој се пројавувал на различни начини и форми. Широко распространети форми биле напуштањето на земјата и одењето на други земјишни парцели, преобразувањето на ораниците во лозја, бавчи и градини, криењето за време на пописите или за време на собирањето на даноците, неплаќањето на даноците и сл. Така, 1655 година, судот во Битола донел одлука на селаните од селата Острец, Кишево, Скочивир и Трново за последните три години да не им зема данок со цел тие да се вратат во домовите што ги напуштиле. За намалување на економскиот притисок селаните, исто така, се служеле и со постојани поплаки и молби упатени до високите органи, жалејќи се на однесувањето на локалните феудалци. Овие поплаки понекогаш прераснувале во буни, доколку и државните органи не преземале соодветни мерки за заштита. Таква е Мариовско-прилепската буна, која избувнала есента 1564/1565 година, кога христијаните го тужеле управникот на хасот на везирот Мустафа-паша, во чиј состав влегувале Прилеп и Мариово, дека спротивно на шеријатот земал големи парични казни. Судот не ги признал аргументите на селаните, а војводата ги обвинил дека веќе две години не ги плаќале давачките и побарал тие давачки да бидат наплатени. Тогаш повеќе од 1.000 селани, со стапови и камења во рацете, се собрале пред вратите на судот и сакале да влезат внатре. Но, благодарение на бројноста на муслиманите во градот, бунтот набргу бил смирен. Истото се повторило и наредната 1565 година. Вакви буни што имале локален карактер особено зачестиле од втората половина на XVI век па натаму и особено биле присутни во Западна Македонија.

Една од најраширените и најстари форми на оружен отпор против османлиската власт било и ајдутското движење. Оваа општествена појава во XV-XVI век имала силни белези на друмско разбојништво, наследено од средниот век, без никаква врска со организиран отпор против власта. Претворањето на земјата на христијаните во чифлизи му дале на ајдутството поорганизирана форма на социјално движење. Веќе кон крајот на XVI век во изворите се регистрирани првите напади на спахиските имоти и чифлизи од страна на организирани групи од христијани. Иако ова движење имало претежно стихиен карактер и често се сведувало на разбојништво, тоа било еден од најдолготрајните облици на отпор. Ајдутите, организирани во дружина од 20 до 30 лица, обично дејствувале во периодот од мај до ноември, односно од Ѓурѓовден до Митровден, кога можеле да најдат засолниште во планините. Преку зима се засолнувале кај своите јатаци, а нивни чести засолништа биле и манастирите. Акциите на ајдутите се состоеле од напади на феудалните имоти и убиства на феудалците, палење на чифлизите, грабање и убивање на добитокот, растерување на работната сила и сл. Честа мета им биле и трговските каравани и собирачите на данок, кои ненадејно биле напаѓани од заседа. Мерките на османлиските власти против ајдутите биле енергични и сурови, но тие сепак не успевале да го спречат нивното постоење. Фатените ајдути најчесто биле осудувани на смрт, а во најдобар случај биле испраќани на доживотна робија како веслачи на галии. Ајдутството особено се засилувало во време на војните на Османлиската Империја со европските држави. За време на Австро-турската војна (1683–1699), во североисточна Македонија ајдутскиот водач Карпош создал територија врз која османлиската држава немала контрола. Во XIX век ајдутството преминало во својата последна фаза, станувајќи дел од оружената борба за национално ослободување. Ослободителните борби на балканските народи од XIX и во почетокот на XX в. биле во директна врска со ајдутството, кое социјалната форма постепено ја замениле со политичко-национална идеологија.

Уште од најраниот период македонското население се вклучило и во организираните оружени борби против османлиската власт. Во втората половина на XV век тоа активно учествувало во востанието на Скендербег. Востанието започнало 1443 година и зафатило дел од македонската територија во пределот на Дебарската област. Едно од најзначајните упоришта на востаниците бил Светиград (Коџаџик) во Дебарска жупа. Неколку значајни и големи битки меѓу востаниците и османлиската војска се одиграле на територијата на Македонија, а во нив учествувало и македонско православно население. Востанието конечно било задушено 1478 година. По неговото задушување мнозина албански христијани и помал дел од македонското население емигрирале во Јужна Италија, во Калабрија и на Сицилија.

Едно од најкрупните оружени востанија на територијата на Македонија во класичниот османлиски период било Карпошевото востание. Ова востание било подигнато во октомври 1689 година, во североисточна Македонија. На чело на востанието стоел ајдучкиот старешина Карпош, по кого и востанието го добило своето име. Карпош бил старешина на голема ајдучка дружина и дејствувал на планината Доспат, како и во околините на Ниш, Врање, Лесковац, Пирот. Еден краток период бил и мартолозбаша, одговорен за гонење на ајдуците, назначен на таа позиција од страна на османлиската власт, со цел да го придобие. Но, кога во рамките на големата Австро-турска војна (1683–1699) австриските војски, во октомври 1689 г., напредувале во Македонија, тој во кумановско-кривопаланечкиот крај започнал востание против Османлиите. Покрај успехот на австриските војски, причините за востанието лежеле и во тешката економска и социјална положба на христијанската раја. За време на востанието, за краток период била создадена територија од каде била истисната османлиската власт. Главно упориште на таа територија била касабата Крива Паланка. Но веќе во ноември османлиската војска извршила решавачки напад против Австријците и против востаниците на Карпош. На чело на овие војски се наоѓале сераскерот Коџа Махмуд-паша и ханот на кримските Татари Селим Ги-рај. Во деновите меѓу 24 и 28 ноември, надмоќните војски на Селим Гирај, без поголем судир, првин ја зазеле Крива Паланка, која била напуштена и запалена од страна на востаниците. Потоа, кај новоизграденото утврдување пред Куманово, тие ги поразиле востаниците, заробувајќи го притоа и Карпош. Оттука, Селим Гирај со војската се упатил кон Скопје, во кое влегол без борба, бидејќи австриските војски, откако го запалиле градот, го напуштиле. Кримските Татари поставиле логори во Скопското Поле и оттука се впуштиле кон Тетово, Велес и Мариово, гонејќи ги востаниците. Востанието било задушено а Карпош, во почетокот на декември 1689 година, по наредба на Селим Гирај, бил погубен во Скопје. Востанието на Карпош претставувало прв позначаен обид на македонското христијанско население да се спротивстави на османлиската власт. Се до XIX век, во Македонија немало друг посериозен обид за бунт или востание.

За време на оваа Австро-турска војна австрискиот цар Леополд I, во текот на 1690 година, упатил неколку апели за помасовно вклучување на христијаните од Балканот на страна на Австријците. Во овие апели на сите балкански народи им била ветувана заштита од моќната империја. На 26 април суверенот на Австрија упатил посебно заштитно писмо, кое се однесувало само на Gens Macedonica. Меѓутоа, целта на овие апели за мобилизирање на христијаните на страна на Австријците не била постигната и тие немале посериозно влијание врз расположе-нието на балканските христијани.

Извадок од книгата:
ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Лоза

 

На прво место

News image

СДС и ДУИ се длабоко во политичкото мочуриште, нервозни, исплашени и во паника

СДС и ДУИ се длабоко во политичкото мочуриште, нервозни, исплашени и во паника поради заштита на к...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.