Среда, 23 Септември 2020   
Борба за воведување на македонското наречје во Солун

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Во четвртото продолжението на „Жестока борба со грчката пропаганда кон крајот на XIX век“, бугарскиот автор Стефан Колчев Салганџиев (1847 - 1911) кој во периодот од 1868 до 1870 година, активно учествува во општествениот живот во градот и настојува во отворените училишта да се користи бугарскиот, а не македонскиот јазик, во својата книга „Личните дела и спомени за преродбата на солунските и серските Бугари, или 12 – годишната жестока нерамна борба со грчката пропаганда“ (1906), говори како заедничката борба на македонскиот и бугарскиот народ против грчката пропаганда, ќе се претвори во меѓусебна борба за превземање на црковно – училишните општини, како и за наметнување на бугарскиот јазик врз македонскиот народ. Односно за борбата кој јазик ќе доминира во ново отворените училишта, како што вели авторот „бугарското или македонското наречје“.

Откако Салганџиев не` запозна со својата свадба на која со тешки маки успеал да добие свештеник кој на славјански јазик ќе го изврши венчавањето, тој продолжува да ги опишува настаните по формирањето на Егзархијата во февруари 1870 г, кога Мачуковски продолжил да учителствува. Претходно видовме, како на барање на Ичо и Георги ќеаја, во Солун доаѓа Венјамин Мачуковски, кој кон крајот на октомври 1869 година го отворил училиштето.

Според авторот, учителот Мачуковски во текот на 1870 година набргу се нашол во тешка материјална положба. Како што вели Салганџиев: „Поради честото менување на учителите, Читалиштето во Цариград престана да ја исплаќа наставничката плата, одобрена за наставникот С. Бошков“. Меѓутоа, како нејзин поддржувач, тој тука не го зема во предвид основањето на Егзархијата и почнувањето на бугарската пропаганда. Сепак тој отворено говори за она што се очекувало по доаѓањето на Мачуковски и вели:

„Треба да забележам дека по преземањето на учителската должност од Манчуковски, секој велеше дека како роден Македонец, новиот учител ќе ги задоволи барањата на одреден кружок, односно да се предава на учениците на македонското наречје“...

Според авторот овие претензии на Мачуковски не ги споделувале другите граѓани на Солун, кои биле во разногласие со кружокот на учителот. Ова разногласие, како што пишува  Салганџиев, се случува само поради фактот дека „децата добиваа бесплатни учебници од раководството на Читалиштето, додека учебниците на македонското наречје требаа да се плаќаат“... Тоа укажува колку била моќна бугарската пропаганда која поддржана од крупните бугарски трговци и одредена земја, располагала со многу повеќе пари отколку Македонците.

Меѓутоа, без разлика на тешкотиите со кои се соочув новиот учител, како што пишува авторот, „Мачуковски продолжил со работата со видливо спокојство.  Тогаш тој за издржувањето на училиштето често земаше од двајцата истакнати членови на општината дедо Ичо и Георги ќеаја, а истовремено работеше да издејствува некаква помош од рускиот Конзул во Солун“.

Напорот на Мачуковски се исплатил и од Рускиот конзулат била одобрена поголема сума средства доволна за едногодишно функционирање на училиштето. Кога средствата преку солунскиот првенец Герасим биле префрлени во училишната општина, Мачуковски  побарал да му бидат исплатени заостанатите плати. Меѓутоа, претседателот на општината почнал со одлагање на исплатата од денес за утре што уште повеќе ја влошило неговата материјална положба. Тогаш се почувствува дека нешто не е во ред во раководството на училишната општина и дека нешто се подготвува против учителот, вели авторот кој истовремено се прашува: „Дали ваквиот однос бил само поради тоа што учителот не ги приморувал со сила да учат од учебниците на претседателот кои биле во неговиот магацин или пак се рабтело за нешто друго познато само нему“?

Набрзо потоа, продолжува Салганџиев, почнале да се плетат интриги, бидејќи други докази немале за да го избркаат Мачуковски од училиштето. Прво се прочул глас дека кога учителот бил во црква влегол со наметнато палто и со ракавици кои не ги извадил додека се крстел, дека не постел туку „блажел во среда и петок“, а потоа го обвиниле дека не е христијанин. За обвинувањата кои ќе произлезат од претседателот на општината авторот ќе напише: „Учителот не бил христијанин, бил безбожник, припадник на секта. Ќе ни ги привлече децата во секта – не го сакаме, да го истерате од училиште, викаа некои, наивни и незапознаени во тајната на Бугарите. А кој бил запознаен?! Никој друг, со исклучок на претседателот“.

Во овој период во Солун учителствува и баба Недела (Недела Петкова Караиванова од бугарски Сопот, 1826 - 1894). Оваа позната учителка која учителствувала во повеќе градови во Македонија (Прилеп, Охрид, Велес, Солун) и подоцна со својата ќерка ќе го шие Разловечкото востаничко знаме (1876), во Солун формирала женско друштво под име “Преродба“, а успеала да издејствува од Зографскиот манастир во Св. Гора годишна плата од 20 турски лири и отвори во Вардарската населба мешано училиште за девојчиња и момчиња.

И така, продолжува авторот, во Солун од едно станаа две училишта. Едното во Каламариската населба со македонскиот преродбеник учителот Мачуковски и второто во Вардарската населба со бугарската учителка баба Недела. И двете училишта беа дел од заедничката борба против грчката црква и нејзиното влијание. Оттука училиштето на баба Недела било сместено во една од куќите на дедо Ичо ќеаја, која родољубивиот старец ветуваше дека ќе ја дарува за училиште на Славјаните од Вардарската населба. Но, бидејќи претседателот на општината одби да му даде плата на Мачуковски, за која, како што пишува авторот, претседателот велеше да ја бара од дедо Ичо и Георги ќеаја кои го задржале за учител, Ичо се откажал од намерата. Револтиран од постапката на претседателот, уште повеќе и од тоа дека претседателот не сака да ги плати и трошоците за новоотвореното училиште во Вардарската населба, Ичо не само што одбил да го исполни ветувањето да ја подари куќата во која тоа беше сместено, туку во согласност со Георги Ќеаја се откажа и од идејата да ја купи куќата на А. Спандони во еноријата Св. Атанас наменета за училиште и црква.

Според авторот, по овој настан, дедо Ичо и Георги ќеаја се повлекоа од општината, а по нив другите нејзини членови што беше удар за македонскиот препород во Солун. Во обштинските тела останаа да раководат само претседателот со потпретседателот и благајникот, по што двете училишта го продолжија својот живот, преполн со препреки. Мачуковски поддржан од двајцата гореспоменати ќеаи, учителствуваше во Каламириското училиште, а баба Недела, обезбедена од Зографскиот манастир, во училиштето во Вардарската населба.

Прогонот кој претседателот го водеше против Мачуковски, се сврте и против баба Недела. Салганџиев во своите спомени ќе напомене дека тогаш сите ја чувствувале видливата нетрпеливост кон училишното дело на двајцата учители. Но, никој не ја гледал поврзаноста со употребата на учебници на македонско наречје.

Додека Мачуковски продолжи да суштествува на сметка на Ичо и Георги ќеаја, баба Недела ја изгубила подршката на Зографскиот манастир. Претседателот, потпретседателот и благајникот се свртеа против оваа стара жена и упатувале клевети на нејзина адреса, како што пишува авторот, до „Македонската дружина во Цариград и до Зографскиот манастир. Последниот врз основа на овие клевети ја прекина поддршката за баба Недела“.

Мачуковски кој бил болен, неможејќи да ги издржи секојдневните непријатности, во фебруари 1871 година, го напуштил Солун и заминал за родното место. Баба Недела која не се уплашила од грчките интриги во Воден и на други места во Македонија каде што учителствувала, ниту пак од турските вериги и зандани, оставена без поддршка и средства за живот, како што вели авторот, „го свитка вратот пред интригите на луѓето од бугарска народност и се прости со започнатото дело во Вардарската населба. Така се стави крај на третото суштествување на училиштето во Солун“.

Во 1872 година, Македонско-бугарската дружина во Цариград, која е формирана да се бори против грчката пропаганда, а во која дејствуваат претежно бугарски дејци од територијата на денешна Бугарија, која има за цел да ги одржува училиштата на сиромашните Македонски општини и преку нив да ја спроведува бугарската пропаганда, го испратила во Солун за учител Софискиот граѓанин Михал Боботинов, но и тој немаше среќа да се одржи во тој град повеќе од една година. Него го наследија еден по друг учителите Хр. Захариев од Т. Пазарџик, Ив. Шумков од Битолско Крушево и Андреј Германов од Стара Загора. Сите се издржуваат од поменатата т.н. Македонска дружина, ќе забележи авторот.

Салганџиев кој и самиот се издржува од Македонско-бугарската дружина во Цариград ќе забележи дека „во летото 1874 година под дипломатски притисок и наредба на Владата, Македонската дружина била растурена, а образовното дело во Македонија преминало во рацете на Егзархијата. Таа назначила една комисија под претседателство на егзархискиот секретар Георги Груев. Комисијата која се именува како Благодетелна дружина за поддршка на сиромашните училишта, наскоро згасна поради бугарското востание и војната меѓу Русија и Турција (1875 - 1877). Со тоа на училиштето во Солун му се стави крај по четврти пат“.       

За повторно отварање на училиштето авторот ќе забележи: „Петти пат тоа се обнови, по ослободителната војна, токму во 1880 година. Во оваа година се отвори училиштето само во Каламариската населба, до самиот параклис Св. Кирил и Методиј и за учител во него бил поставен Кузман Шапкарев од Охрид, автор на учебници на македонско наречје. Шапкарев беше ревносен поддржувач и приповедник на идејата “Македонско наречје за Македонските Бугари“.

Секој сега беше уверен дека тој (Шапкарев) ќе им угоди на веќе познатата тројка, ама на жалост и тој пријател на последните, не издржа повеќе од една година и беше принуден да го напушти Солун. Тогаш Солунските граѓани и раководители на образовното дело разбраа дека целта на тројката не била воведување во училиштата на македонско наречје, туку сосема друго се спроведувало со протерувањето на учителите, имено да се спречи преродбенското дело во Солун. Тоа, се гледа,  рано го разбрал Шапкарев, ...кој за да сочува чиста стекнатата репутација меѓу Солуњани, се решил да го напушти Солун и да замине во ослободената Бугарија“.

На крај од овој дел Салганџиев вели дека за да стават крај на аномалијата која го попречуваше успехот на образовното дело во македонските кругови и воведувањето во Солун, раководството на образовниот процес го одзел од тројката и го презел училишниот оддел при Егзархијата, кој гимназиските средства ги доверил на еден Комитет составен од наставници и граѓани на Солун. Но, според него и тој бил неуспешен, бидејќи во него влегле двајца од членовите на тројката кои влијаеле и на другите од комитетот на шекулативни акции со цел да заработат на штета на образовниот процес. Целата работа застанала на вистинскиот пат кога овие луѓе биле отстранети од училишниот Комитетот, вели Салганџиев.

Од сето ова може да се заклучи, дека кон крајот на XIX век во Македонија покрај грчката и бугарската пропаганда, личните интереси на поединци биле една од пречките со која Македонецот требал да се справува во борбата за создавање на македонски црковно-училишни општини, воведување на македонскиот јазик и обновување на Охридската архиепископија.

 

 

На прво место

News image

Македонија да ја направиме повторно Горда

  Претседателот на Унија на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ Мане Јаковлески на средба кај Мет...

Историја

News image

Титовите слуги измислуваат македонски национализам

На 18 јули о. г. сите дневни весници од Југославија донесоа подолги извештаи од заседанието на Секре...

Култура и туризам

News image

Верувања од Разлошко

Градба на куќа Кога се започнува да се копа темел за градење нова куќа, обично, се почнува со работ...

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ II) (28)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.