Петок, 28 Декември 2018   
Заев – гулаб на мирот или јастреб на раздорот

altПанде Колемишевски

Заев – гулаб на мирот или јастреб на раздорот

Донесениот закон за амнестија за лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април и неговото спроведување одново го постави прашањето дали претседателот на Владата Зоран Заев е политички гулаб или жесток јастреб. Во прилог на ова прашање оди целата иницијатива и поведената јавна кампања за политичко помирување меѓу партиите. Притоа забележливо е дека не се повикува на национално или некакво граѓанско помирување какви што беа повиците порано, туку само на политичко. Уште позабележливо што целата кампања е поврзана со низата судски процеси што се водат преку специјалното јавно обвинителство и затворски пресуди, а се во контекст на обезбедување двотретинско собраниско мнозинство за изгласување на уставните амандмани за промена на името.

Одговорот на прашањето е двосмислен. Од една страна, неговиот личен предлог и лична иницијатива за донесување ваков закон се смета како искрена понуда за помирување не само меѓу двете најголеми македонски партии туку и на целото општество во целост. Од друга, не се малобројни мислењата дека тоа е храбар но дрзок чин, итро смислен подмолен удар врз натамошното разнебитување на партијата ВМРО-ДПМНЕ, уште еден лицемерен гест што ќе внесе нови сомнежи и поделби не само во нејзиното раководство, туку далеку пошироко во членството.

Во современиот политички јазик гулабот од времето на дедо Ное е неформален израз што се користи за политичари што се склони кон мирни и компромисни решенија од заеднички интерес. Наспроти нив се јастребите, кои, како по правило, се погрлати, поофанзивни и се залагаат за подрастични решенија, дури и воени, ако треба.
Заев, овенчан со дел домашна, уште повеќе со меѓународна, слава на миротворец, оценет како искрен понудувач на маслиново гранче кон соседите, потврден преку потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија и со дадената согласност за промена на името на државата преку конечната спогодба со Грција, ја искористи можноста работите на домашен терен да ги дозаплетка во сопствена корист. Законот за амнестија и другите комбинаторики со (зло)употреба на затворски закани и уцени за учесниците, сигурно нема да му донесат нова и трајна слава, но му послужуваат да ги оствари предвидените спринтерски цели до 15 јануари, заокружувајќи ги со изгласувањето на уставите амандмани, процес што мораше успешно да го заврши. Во спротивно експресно ќе се збогуваше со претседателското место и засекогаш ќе беше загубен за политиката.

По добивањето на своја страна на осумте пратеници, пребегани од коалицијата на ВМРО, се покажува дека амнестијата е уште една придобивка за таа цел. Што тајно, што јавно, што чесно, што нечесно, низ законски и уставни кривини, низ неочекувано креативни „балкански решенија“ тој го истрчува историскиот маратон по што би требало на државата да ѝ се отворат вратите кон членство во НАТО и можеби, некој далечен ден, на Европската Унија.

На тој пат трча истовремено носејќи свесно врз својот грб тежок товар на предавник на националните интереси и на славната историја, обвиненија што му се лепат од противниците на неговата политика. Тој дел на политичкиот македонски корпус, за разлика од првиот, го смета Заев за политички јастреб, кој не им мисли добро на сопствената држава и на сопствениот народ. Дека со сите постапки не нуди заедничко пушење луле на мирот и не ги закопува воените секири како меѓу партиите така и меѓу народот.

Познатиот израз „гулаб на мирот“ е всушност изведенка со корени во легендата за библискиот потоп. Записите ни кажуваат дека по потопот, по десеттиот месец од неговиот почеток, откако се покажале врвовите на планините, дедо Ное од ковчегот прво пуштил гавран, а потоа гулаб (всушност гулабица) да види дали исчезнала водата од лицето на земјата. Гулабот, при вториот обид, се вратил кај него носејќи во клунот маслиново гранче. Така познал Ное дека опаднала водата на земјата и дека може да се стапне на неа.

Гулабицата го претставува она што во човекот е бесмртно, односно душата. Преку потопот се покажува дека големата несреќа сѐ може да земе, но душата не може да ја земе. Убавината и грациозноста на оваа птица, нејзината неизвалкана белина, милноста на нејзиното гугање направиле од неа бесмртен позитивен симбол на животниот дух, на светлината, чесноста, невиноста, едноставноста, простодушноста, кроткоста, благоста и мирот, на знаењето и мајчинството.

Маслиновото гранче што го донел гулабот го означува крајот на потопот и на неволјите, го обзнанува залечувањето на последиците од големата вода и од божјата казна за сторените гревови. Го најавува новиот почеток на човештвото, новиот циклус на цивилизацијата и на борбата за поправеден и почесен, помалку грешен свет. Тоа било порака за доаѓање на новиот живот, за преродба, за вратен мир и за спас, симбол за победата на животот над смртта, за ослободување од старите окови на животот и тргнување по нов пат кон иднината. По дождот сонце, по мракот светлина, по потопот, нов поинаков, подобар свет. Гулабот и гранчето претставуваат симбол на мирот, складноста, надежта, на пронајдената среќа. Исто така ги симболизираат мирољубивоста и внатрешното единство на народот, ја искажуваат желбата за меѓународно братство, дружење и разбирање.

Освен симбол на мирот, гулабот со маслиново гранче во клунот искажува носталгија по златната доба на човештвото, иако никој не знае кога и каде било, а нема човек што не сака да го најде и да го врати.

Ако гулабот и гранчето имаат библиски корени, познатото луле на мирот не е само предмет туку и типичен обичај познат кај американските Индијанци користен при различни племенски обреди, особено секогаш кога се случувало нешто сериозно, нешто што е од животна важност или кога се барал и постигнувал мир. Лулето и чадот од него биле врска меѓу небото и земјата, огнот и Сонцето како извор на животот. Пушењето било чин на молитва, чадот обликуван во тркалца значело носење на душата поблиску до небесниот бог, обид за усогласување на сопствениот живот со животот на целата природа. Тркалцата од чадот ги повикувале боговите да ја отстранат секоја опасност од селото и племето и да донесат среќа, а понекогаш биле молба кон небото да донесе дожд. Чадот им ги отворал вратите на невидливите светови и послужувал како мост меѓу луѓето и непознатите сили, кои ја одредуваат нивната судбина. Според верувањата на едно од племињата, вцртаниот орел и орловите пердуви врз лулето ја изразуваат желбата човековите мисли да се издигнат толку високо колку што летаат орлите.

По откривањето на Америка и доселувањето на првите Европејци лулето нашло примена како составен дел при склопувањето на договорите со белците. Да му се понуди некому пушење заедничко луле значело дека му се нуди рака на помирување. Познат и често е цитиран нивниот завет, кој ги содржел цврстите ветувања, силните гаранции дека ќе биде спроведено тоа што е договорено. Тој завет гласел: „Срам ми е пред Сонцето и пред Земјата, срам ми е пред небото, срам ми е пред зората, срам ми е при зајдисонцето, срам ми е пред мене и пред оној што говори во мене ако не го испочитувам дадениот збор. Нешто секогаш однекаде ме гледа. Никаде не ќе можам да се скријам. Затоа мора да ја зборувам вистината. Својот даден збор цврсто го држам на сопствените гради“.

И изразот „закопана воена секира“ потекнува од американските Индијанци, од племето Апачи (не апаши), кои по помирувањето со некое друго племе ги фрлале своите секири во една дупка и ги закопувале. Потоа палеле луле како благодарност што завршило војувањето или како молитва страдањата да не се повторуваат.
Такви биле обредите, принципите, непишаните закони на Индијанците. Ако Индијанците ги почитувале таквите договори, белците често ги прекршувале и продолжувале со уништувањето на индијанските распрскани, неорганизирани и меѓусебно завојувани племиња. Прашање до секого, најмногу до Македонците распоредени од двете страни на националната барикада: „Дали држењето до дадениот збор не била една од причините за толку лесното, геноцидно истребување на Индијанците од страна на белците, кои ги користеле сите нечесни средства да го изиграат договореното и да ја остварат својата цел, да им ја земат територијата и да ги ’спакуваат‘ во резервати?“.

Амнестијата, кампањата за помирување, за простување на гревовите од секаков вид, како тежок товар се движат по тенок конец и на тенок мраз. Голема храброст е да предвидиш долгорочно кој бил, кој ќе биде во право и какви последици ќе има државата Македонија во иднина. Ништо не останало невратено, а и секогаш и секаде има некој што однекаде гледа и пресудува.

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/

 

На прво место

News image

Пендаровски во суштина е кукавица

Мицкоски: Додека Стево се прави Мајка Тереза му стигна одговор од американската Фридом хаус која г...

Историја

News image

Трлиски инцидент

По Првата светска војна, соочени со фактот дека големите сили ја санкционираа поделбата на Македониј...

Иселеници

News image

Волф Ошлис: МАКЕДОНИЈА

ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ ПРИЛОГ ЗА МАКЕДОНИЈА

Култура и туризам

News image

Археологија на македонскиот дух

Марија Емилија Кукубајска

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ I) (27)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.