Среда, 21 Декември 2016    Печати
СВЕДОШТВАТА НА ЕДНА СТАРА ФОТОГРАФИЈА

Годините минуваат, светот се менува, но трагите остануваат.

Градби, уметнички дела, народни носии или едноставни фотографии, преставуваат сведоштво за едно време кое поминало.

За некои тоа значи многу, за некои ништо. Јас лично не им придавав посебно значение на тие работи.

Во една пригода, додека ги разгледував семејните фотографии, вниманието ми го привлече една стара фотографија која се разликуваше од останатите. Тоа беше една мала, црно-бела фотографија, која потекнува од дамнешни времиња. На фотографијата се наоѓаат моите предци опкружени со своите поколенија, сликани испод дрвото на дуњата кое се наоѓа во дворот од  куќата во која и јас сум се родил и која сеуште постои

Сите на фотографијата: возрасни и деца,  се облечени во убава селска носија. Забележувам дека тогаш се живеело многу поедноставно, но многу среќно. На нивните лица видлива насмевка додека стоеле поседнати еден до друг на дрвениот стол испод стеблото на дуњта, во исчекување фотографот да си ја заврши својата работа односно ја направи семејната фотографија. Со своето дебело стебло и густа крошна дрвото од дуњата изгледало величенствено.

Постарите ми прикажуваа дека токму во ладот под крошната на тоа дрво, често поминувале со часови на одмор. Ми кажувале дека тоа дрво за нив имало непроценлива важност бидејќи ги чувало спомените за нивната младост и убавите денови и години од животот поминати на село. Многу од нив повеќе не се меѓу живите, но тие ќе живеат во моите спомени  се додека постои дрвото на старата дуња како нем сведок за едно време , луѓе и настани од минатото.

Но, спомените кон моите предци не завршуваат тука со ова стебло, туку ќе продолжат да живеат во мене и  кога дрвото на дуњата ќе го нема повеќе, бидејќи се останува врежано на малата црно-бела фотографија.

starata-dunja
СТАРАТА ДУЊА

Дури сега разбирам колку се значајни и вредни старите фотографии. Тие се печат на едно време, тие се носители на спомени од минатото.

Боге Војноски