Среда, 11 Март 2020    Печати
Симеон Молеров

1a1Симеон Молеров

Симеон Вишанов Молеров (15. II 1875 – 7. V 1923) е македонски револуционер, деец на Макеонската револуционерна организација (МРО). Тој учествувал во Мелничкото востание (1895), потоа во запленувањето на мис Елен Стоун (1901), како и во Илинденското востание (1903), кога бил член на Востаничкиот штаб во Разлошко. По востанието бил избран за радовишки околиски војвода (1904–1906), потоа и за скопски војвода (1906 –1908). Исто така, учествувал во Балканските (1912 - 1913) и во Првата светска војна (1914 - 1918).

Симеон Молеров е роден на 15 февруари 1875 година во селото Банско, Пиринскиот дел на Македонија. Тој е внук на живописецот Симеон Димитров Молеров од големото семејство Молерови. Завршил класно училиште во родниот град и работел како чевлар во Софија. Потоа се пријавил во армијата и завршил ветеринарно училиште во Софија.

Симеон Молеров учествувал во Мелничкото востание во 1895 година. Во 1896 година тој се вратил во родниот крај и Гоце Делчев го привлекол да стане член на месниот комитет на МРО и војвода на реонската чета. По неговото пристапување на Организацијата, Молеров ја проширил револуционерната мрежа во Разлог и организирал канал за пренесување на оружјето во Серско и Солун.

Во 1901 година Симеон Молеров учествувал во аферата Мис Стоун, а веќе следната година бил избран за Кочански војвода. На почетокот негови четници биле Димитар Грчев од Порој,  Крсто од Скопје, Диме Апостолов од Кавадарци, Богдан Шејнов од Свети Никола, Васил Талев од Белушино, Георги Костадинов од Мусомишта, Крум Џеров од Охрид, Коста Андонов од Брезово, Мијал Стојчев од Брезово и Селен од Прибогово.

Во летото 1903 година Симеон Молеров бил делегат од Разлог на Серскиот револуционерен округ и бил избран за член на окружното раководно тело. Во Илинденското востание учествувал во Востаничкиот штаб во Разлошко, а по востанието бил избран за радовишки околиски војвода (1904–1906), потоа и за скопски војвода (1906 –1908).

По Младотурската револуција во 1908 година, тој се легализирал и се вратил во родното село и станал претседател на месното читалиште. Но на крајот на 1909 година Симеон Молеров бил уапсен и затворен во Мала Азија. Меѓутоа, на патот кон Солун, тој избегал и се населил во Софија, каде работел како ветеринарен техничар.

Симеон Молеров учествувал во Балканските војни (1912 - 1913) и во Првата светска војна (1914 - 1918). За време на Балканските војни бил војвода на партизанска чета бр. 38 на Македонско-одринското ополчение, која дејствувала во Струмичко во тилот на отоманската војска, а подоцна служел во 15-тата штипска дружина.

По војните Симеон Молеров се вратил во Банско и станал член на партијата Бугарскиот народен земјоделски сојуз (БЗНС) и раководител на месната организација на сојузот. Од 1919 до 1921 година бил кмет (градоначалник) на Банско. Тој беше убиен во мај 1923 година од страна на лица на Внатрешната македонска револуционерна организација, која дојде во судир со БЗНС.