Среда, 18 Август 2021    Печати
Ѓорѓе Ѓерѓиков(иќ)
1djorgia1 Ѓорѓе Ѓерѓиков(иќ)

Ѓорѓе Ѓерѓиковиќ (1880 – 1911) е македонски „автономист“, деец на македонската емиграција во Србија. Како српски поручник двапати со своја чета влегол во Македонија, Свесен дека македонските борци навистина војуваат за автономија на земјата и дека тоа е единствениот пат за нејзино ослободување од турското ропство, се вратил во Србија, поднел оставка на офицерската служба и станал сопственик и одговорен уредник на органот на обновениот (заедно со Григорие Хаџиташковиќ) Македонски клуб во Белград весникот „Автономна Македонија# (1905) со мото: „Балканот на балканските народи. Македонија на Македонците“

Ѓорѓе Ѓерѓиков(иќ) е роден во 1880 година во Гевгелија. Завршил француско трговско училиште „Гир“ во Солун. По кратко учителствување во село Мачуково, се запишал во Воената академија во Белград во 1898 година, а откако истата ја завршил во 1900 година, стапил во служба во српската армија.

По избувнувањето на Илинденското востание во 1903 година,  како српски поручник двапати со своја чета влегол во Македонија. Но бил ранет во борбите со Турците и се лекувал во Софија.

По задушувањето на Илинденското остание, Ѓорѓе Ѓерѓиков(иќ) се вратил во Србија. Свесен дека македонските борци војуваат за автономија на земјата и дека тоа е единствениот пат за ословодување на земјата од Турците, поднел оставка на офицерската служба и станал активен меѓу македонската емиграција.

Во 1905 година заедно со Григорие Хаџиташковиќ од Воден, станал сопственик и одговорен уредник на весникот „Автономна Македонија“, органот на обновениот Македонски клуб во Белград. Мотото на овој весник бил: „Балканот на балканските народи. Македонија на Македонците“, а девизата: „Првин слобода, па после пребројување“.

Ѓорѓе Ѓерѓиков(иќ) и Хаџиташковиќ преговарале во Софија со „левото крило“ на ТМОРО за учество на Рилскиот конгрес во 1905 година.

Во 1906 година, по големите реакции во Србија, весникот „Автономна Македонија“ бил забранет, а Ѓерѓиков(иќ) бил прогонуван и интерниран во Пожаревац. Но тој избегал и преку Австро-Унгарија, Црна Гора, дошол во Бугарија, каде работел како службеник во Бугарската народна банка.  

По Младотурската револуција во 1908 година, заедно со Јане Сандански се вратил во Македониј. Под влијание на левичарските идеи на Серската група, се преселил во Солун, каде што започнал да работи како администратор на весникот „Конституционна заря “. Потоа се вратил во родниот град, каде до крајот на животот работел како турски службеник.

Заболен од туберкулоза, Ѓорѓе Ѓерѓиков(иќ) починал во 1911 година во Гевгелија.