|
||
Зошто „Македонска нација“, Мане Јаковлески-17 јуни 2009 година |
Ќе напише во својот уводник уредникот Драган Богдановски на “Македонска нација“ во далечната 1971 година. Годината кога за прв пат светлото на денот го виде весникот “Македонска нација“. Весникот што долго време го очекуваа сите Македонци ширум светот. Весникот, во кој ќе можеа да прочитаат за себе, за својата татковина, за своите најблиски. Но, и весникот, чија главна улога беше да се зборува за она што беше забранeто. Да се зборува за вистината на Македонците, за вистината на Македонија, за вистината, која се сокриваше. За вистината на религијата, историјата, за националната припадност ... за нас Македонците, протерани, замолчени, измачени и убивани. За вистината на Македонија, за нејзината независност, за улогата на странските држави, за улогата на соседите. За се што придонесе да се јави гласот на освестените Македонци. Македонците кои си ја сакаат својата држава, своето парче земја, својот јазик и својот идентитет. Велат, годинити се менуваат но, болките остануваат. И тоа е точно. Сега во времето на демократијата во Европа ние повторно се соочуваме со истите, само модифицирани бoлки. Повторно некој сака да каже дека сме нешто друго. Повторно некој сака да ни го одземе чуството на среќа. Повторно некој сака да ја менува историјата, да ги занемарува фактите, да ги извртува нештата. Но, нема да дозволиме. Ние знаеме дека сме Македонци. Ние знаеме дека не можеме да бидеме ништо друго. Ништо освен Македонци. Големи или мали, како сакате! Порталот “Македонска нација“ од сега па натаму ќе биде местото, каде ќе се објавуваат вистините за нашата држава. Местото, во кое свое место ќе си најде секој. И оној што размислува лево, но и оној кој и припаѓа на десната опција. И оној кој размислува вака, но и оној кој размислува онака. Затоа што ние разбираме дека живееме во демократија. Впрочем тоа беше и желбата на оние кои го издадоа првиот број на весникот “Македонска нација“. Секој има право на својата вистина. Таа едноставно мора да се чуе, разбере, напише. |