Среда, 18 Октомври 2023    Печати
Лазар Кунгалов

1por5

Лазар Кунгалов (15. X 1884 – 15. IV 1970)  е македонски револуционер, деец и војвода на Македонската револуционерна организација. Тој е учесник во Илинденското востание. Со Радовски биле телохранители на Сандански, а Кунгалов бил  и чувар и готвач на Сандански во Роженскиот манастир, блиска и доверлива личност во последниот период од неговиот живот.

Лазар Кунгалов е роден на 15 октомври 1884 година во селото Радово, Серско, Егејскиот дел на Македонија. Тој бил член на Македонската револуционерна организација и со братучедот Тома Радовски организирал мала чета која дејствувала покрај реката Струма. Нивната цел била да соберат оружје и пари за организацијата. Лазар Кунгалов бил учесник во Илинденското востание.

Заедно со Радовски биле по ранг еднакви со војводите под водство на Јане Сандански. Тие биле негови телохранители, а Кунгалов бил и чувар и готвач на Сандански во Роженскиот манастир. Тој бил блиска и доверлива личност во последниот период од животот на Сандански.

Во 1915 година, по враќањето во Роженскиот манастир од селото Врања, Јане Сандански добил 2 телеграми од Петрич и Неврокоп: Во овие пораки испратени од непријателите се барало да оди во врска со решавање на некое прашање. Истовремено на двата правци биле поставени заседи. Кога Сандански тргнал со неговите телохранители, една кобила тврдоглаво одбила да се движи иако била многу послушна. Јане, кој верувал во предзнаци, одбил Тома и Лазар да го придружуваат и заминал за Неврокоп верувајќи дека „ќе се случи, тоа што треба да се случи“.

На 22 април 1915 година, Јане Сандански бил убиен кај месноста Блатата. Неговиот телохранител Лазар Кунгалов организирал заедно со Георги Хазнатарски, Тома Радовски и Никола Киримов, познат како Гоцето поради неговата блискост со Гоце Делчев, пренесување на телото на убиениот Јане Сандански од месноста Блатата.

За време на Балканските војна, Лазар Кунгалов учествувал во четите кои делувале на територијата на Серскиот револуционерен округ, а за време на Првата светска војна бил во редовите на бугарската армија, служејќи во 6-от пешадиски полк на 11-та македонска дивизија.

По војната тој бил во четата на војводата Алеко Василев. Во 1922 година, како подвојвода и готвач, со четата учествувал во Неврокопските настани. Во 1923 година ја предводел четата како војвода по битката со грчката војска кај селото Бурсук, Серско. Тогаш војводата Тома Радовски бил тешко ранет во двете нозе, а Лазар Кунгалов ја презел одговорноста како војвода и организирал повлекување на четата во Бугарија. Во 1924 година и Кунгалов се населил во селото Чучулигово, Пиринска Македонија, каде веќе били преселено неговото семејство.

Во 1935 година во рамките на мерките против македонските револуционери Лазар Великов Кунгалов, Иван Томов Радовски и Христо Ташев. биле уапсени и затворени во централниот затвор во Софија. Лазар добил 5 години затвор, а Иван и Христо биле во затвор до државниот удар на 9 септември 1944 година.

Лазар Кунгалов починал на 15 април 1970 година во село Чучулигово.

Подготвил: Т.К.