Среда, 04 Јуни 2025    Печати
ПАТЕШЕСТВИЕ На Драган Богдановски

Dragan-Bogdanovski-f

Патешествие

Маченику, самотнику, осуденику –

комито, визионеру, водачу...

За тебе човеку, на кој сите ти сме мили,

а низ немилост ти покажувавме:

заби, пендреци, кундаци, катинари...

За тебе и името ни мрзне на усните

и мислите ни ги морничават душите!

За тебе плаче и чедото и родината и иселеникот –

и изнемоштеното секојдневие плаче.

За тебе ниту зборови, ниту писанија,

ниту солзи се доста –

кон докажувањето на македонската вистина!

За тебе ќе проговори утрештината:

за едно потчовечко однесување

и за едно натчовечко истрајување.

Ќе кажува: за секојдневните ѕвекови по калдрмите,

за крвиштата по коридорите

и за воздишките по затворите.

За тебе, кон националното дело:

и ветерот ќе се огласи

и народот ќе се согласи –

за бесмртен да те прогласи!

За тебе, во име на емигрантската правда,

под отворено небо и по полноќ,

во Ферфилд – песнава ти ја напишав.

Иван Трпоски

31 јули 1990 г.