Среда, 25 Септември 2019   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (23)

a 2

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (23)

Кога веќе им беше познато на сите дека Југославија се распаѓа, уште пред осамостојувањето, Македонија се соочи со оспорување на правото на државност од соседите кои ја поделија македонската земја во 1913 година. Грците го оспоруваа името, Бугарите сметаа дека во Бугарија и Македонија живее еден ист бугарски народ, а Србите црквата и дека таа е Јужна Србија. Македонскиот народ соочен со опасноста од мирно радружување на Македонија од Југославија се крена во борба за зачувување на македонското име, македонскиот идентитет, а со тоа и зачувување на правото да имаат самостојна и национална македонска држава.  

Македонците особено од дијаспората со демонстрации, трибини, презентации и концерти ја започнаа својата борба во одбрана на македонското име. Аторот на книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“, Кире Кипроски за првата демонстрација во Берлин, Германија, во кои Мане Јаковлевски активно е вклучен,  ќе забележи: 

ПРВА ДЕМОНСТРАЦИЈА ВО БЕРЛИН

„Нешто повеќе од две години (1991–1993 година), Манојил–Мане Јаковлески, како претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа и претседател на Македонската православна црковна општина „Св. Климент Охридски“ во Берлин, беше еден од главните организатори на масовните, мирни демонстрации и протести, што се одржуваа ширум Европа, за одбрана на уставното име на Република Македонија и на македонскиот идентитет. Потоа, беше организатор на семинари и на трибини: „Македонија - вчера, денес и утре“, а истовремено, беа организирани концерти и се вршеше  презентација на македонските производи.

На почетокот на јуни 1991 година повторно се најдов во Берлин Не знам по кој пат бев гостин на Манојил Мане Јаковлески, кој раководеше со култниот ресторан „Ново Скопје“, што се наоѓаше на главната берлинска улица Ку-Дамм. Берлин пулсираше како една целина, го немаше ѕидот со кој градот беше поделен на западен и источен, Источна и Западна Германија беа обединети. Целта на Германците беше исполнета, се обединија во една држава која стана најмоќна и најсилна во Европа.

Секогаш кога доаѓав во Берлин, во вечерните часови со домаќините, браќата Гојко и Мане Јаковлески, вообичаено седевме на„ службената маса -13-ка“ во ресторанот „Ново Скопје“. Речиси секоја вечер, ни се придружуваа Македонци, кои живееја и работеа во германската метропола. Најчесто разговорите почнуваа со Македонија, за нејзинато минато и секогаш, завршуваа следниот ден во мугрите, во раните утрински часови повторно со Македонија. За време на мојата посета во 1991 година, разбирливо, најмногу се дискутираше за признавањето на Република Македонија од членките на Европската заедница под уставното име, како и за наметнатиот проблем од страна на Грција, која не сакаше во името на нашата држава да стои зборот Македонија, што за нас и за сите Македонци во дијаспората не беше прифатливо.

За иднината и за судбината на Македонија, со право бевме сите загрижени. Посакувавме патот на осамостојувањето таа да го изоди безболно, на мирен и демократски начин, без оружени судири, без човечки жртви и материјални штети. Верувавме, дека со заокружувањето на процесот на осамостојување ќе бидат исполнети желбите на нашите предци, кои низ вековите се бореле и го дале животот, Македонија да стане независна и самостојна држава, а Македонците да бидат слободни граѓани на Европа, по трагичното минато низ вековите.

Во тој историски момент за Македонија, кога добивме можност да создадеме самостојна и суверена македонска држава, заеднички констатиравме дека сите Македонци во Македонија и во дијаспората, треба да се сплотиме како никогаш досега, да бидеме единствени, и заедно, без разлика на предрасудите од минатото, наметнати од пропагандите на соседните држави и народи, да бидеме цврсти и непоколебливи и на дело да ја крунисаме неколку вековната борба за сопствена држава.

На 8 јуни (сабота), пред полноќ, во „Ново Скопје“, уличниот продавач на весници ни го донесе дневниот весник „ Берлингер морген пост“. Прелистувајќи ги страниците, забележав текст со наслов: „In Berlin soll „Europas architektur“ gebaut warden“, во превод „Во Берлин треба да се гради„ Европска архитектура“. Од текстот дознав, дека на 19 и 20 јуни 1991 год. , значи за десет дена, Берлин ќе биде домаќин на министерската конференција на КЕБС, на која ќе се води расправа за идната „Европска архитектура“, а на крајот на самитот се планира да биде усвоена посебна декларација. Со содржината на текстот го запознав Манојил и му реков дека самитот е убава можност, да го искористиме за да организираме мирна демонстрација, да го кренеме гласот за независна Македонија пред Рајхстагот, зградата на германскиот парламент, во која два дена министрите на КЕБС ќе дебатираат за иднината на Европа.

novaФаксимил на текстот ; „Нова европска „архитектура“ објавен во весникот „Нова Македонија“ на 12 Јуни 1991 година

На Манојил му се допадна предлогот и почнавме да разговараме, на кој начин да се организираме. Се договоривме, дека најдобро ќе биде, учесниците на демонстрацијата најпрво организирано, со протестен марш, да поминат низ берлинските улици и на крајот да пристигнат пред Рајхстагот. Сметавме дека на тој начин, пораките за неправдите кон Македонија, не само што ќе допрат до министрите за надворешни работи на Европа и ќе ја пробудат нивната совест и свест, туку за македонскиот проблем ќе чујат и жителите на германската метропола. Планиравме со демонстрацијата, да го дигнеме македонскиот глас и на светот да му кажеме, дека Македонците сакаат и заслужуваат да имаат сопствена држава, меѓународно призната со вековното име Македонија, без префикси и додавки придавки и географски одредници.

Следниот ден, со идејата телефонски ги информиравме членовите на раководствата на македонските здруженија и клубови во Берлин. Поддршка добивме скоро од сите, на кои што им се јавивме. Тие искажаа подготвеност да се вклучат во организацијата на демонстрацијата и да учествуваат во неа. На 13 јуни, во кафеаната на Никола (Коле) Талески, од битолското село Новаци, го одржавме првиот состанок на кој присуствуваа: Методија Јошевски, Симе Николовски, Момир Талевски, Јанко Пирковски, Ѓорѓи Личнов, Жарко Кленкоски, Манојил Мане Јаковлески, Љубица Дахленбург и авторот на монографијава, при што го формиравме Иницијативниот одбор и усвоивме програма за делување.

Присутните, без исклучок, ја прифатија иницијативата за организирање на масовен протест, за признавање на Република Македонија под уставното име од министрите на европската заедница. За претседател го избравме Манојил (Мане) Јаковлески, а за секретар Љубица Дахленбург. Притоа, се договоривме да ги известиме македонските клубови во Хамбург, Хановер, Бон и во другите германски градови, за да се вклучат во протестот, да се подготви и отпечати пропаганден материјал и да се напишат повеќе транспаренти и сл. Истовремено, се договоривме, да се обезбеди дозвола од полициските власти во Берлин. За секоја активност, беше определен одговорен на групата.

Подготовките течеа беспрекорно, речиси секоја вечер одржувавме состаноци, на кои членовите беа информирани за текот на подготовките и за проблемите што се јавуваа. Секој одговорен на групата, реферираше за завршените работи од преземените обврски. На 17 јуни, два дена пред одржувањето на првиот европски протест на Македонците за признавање на Република Македонија под уставното име, направивме целосна анализа и констатиравме, дека се е подготвено и протестот може да почне. Во преостанатите два дена, се апелираше секој член максимално да се ангажира, уште еднаш да ги потсети своите блиски и познати, да не заборават да се приклучат, за што поголема масовност, и да го делат прогласот меѓу Македонците. Во него стоеше следново:

МАКЕДОНЦИ! СИТЕ НА ПРОТЕСТ, ДА ГО КРЕНЕМЕ ГЛАСОТ НА НЕПРАВДАТА....

На 19 и 20 (среда и четврток) овој месец, во Берлин ќе се одржи редовен состанок на КЕБС, на кој ќе се расправа за човековите права во Европа и на Балканот. За нас, Македонците, Самитот е од огромно национално значење. Тука, ќе се креира идниот европски дом. Поради сето ова, а за нашата иднина, браќа и сестри Македонци, сите здружени рамо до рамо, да излеземе организирано низ улиците на Берлин на мирни и достоинствени демонстрации, да го кренеме гласот македонски, гласот на неправдата и на болката, гласот на вечно обесправениот, национално уништуван и раселуван Македонец, против денационализаторската и угнетувачка политика на балканските земји, пред се на Грција и на Бугарија.

Да го кренеме гласот на светите Гоцеви и илинденски идеали, за слобода и еднаквост на луѓето, без разлика на која нација и вера им припаѓаме.

Досега другите ја кроеја историјата и судбината на Македонија, без учество на Македонецот. Да не дозволиме повеќе да се повтори тоа. За иднината на Македонија, ќе мора да решава и Македонецот.

За ова сме должни кон македонскиот народ, кон слободата и човечкото достоинство, кон правдата, еднаквоста и заедничкото почитување и уважување на секој народ, секој јазик и на секоја култура.

Браќа и сестри Македонци, излезете масовно на овој повик, во овој многу значаен судбоносен момент за иднината на Македонија.

Со нашиот патриотски дух и масовното фамилијарно присуство на мирните демонстрации во Берлин, уште еднаш да го покажеме и да го манифестираме слободарскиот и правољубивиот дух на Македонците.“

Подрумот на ресторанот „Ново Скопје“ беше собиралиште на членовите на Иницијативниот одбор и на активистите, кои доаѓаа да помагаат. Како што наближуваше денот за одржување на протестот, сите беа на нозе, беспрекорно ги извршуваа задачите и ефикасно се решаваа непредвидените проблеми, кои се јавуваа. Најмногу работа имаше уметникот Куфало, кој од рани зори до доцна во ноќта, без одмор, ги пишуваше транспарентите на платна долги и по 10 метри и паролите на хамер. Вечерта, пред одржувањето на демонстрациите, целосно ја исполни задачата, платната беа распослани да се сушат од бојата. За само неколку дена напиша над педесетина пароли на македонски, германски и на англиски јазик со следнава содржина: РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА- ФАКТОР ЗА МИР И СТАБИЛНОСТ НА БАЛКАНОТ И ЕВРОПА; ПРИЗНАВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА – ЛЕГИТИМНО ПРАВО НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД; ЕВРОПО, ИМЕТО НЕ ГО МЕНУВАМЕ!; ВЕРУВАМЕ НА ПРАВДАТА; ПРОЦЕСОТ ЗА МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е НЕЗАПИРЛИВ; АРБИТРАЖНАТА КОМИСИЈА НА ЕВРОПСКАТА ЗАЕДНИЦА – МАКЕДОНИЈА Е СПРЕМНА ЗА ЕВРОПА!; ЕВРОПО, ЗАР НЕ ЦРВЕНЕЕШ?; ПОПОВ, САМАРАНС И ЛОНЧАР- ДАЛИ ЗНАЕТЕ НА КОЈА ПЛАНЕТА СЕ НАОЃА МАКЕДОНИЈА?; ЈУГОСЛОВЕНСКАТА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА ЗА МАКЕДОНИЈА Е САМО КУКАВИЧКА ПОЛИТИКА...

nova2Факсимил на прогласот

МАКЕДОНЦИТЕ ДЕМОНСТРИРАА НИЗ БЕРлИНСКИТЕ УЛИЦИ

На 19 јуни 1991 година, уште во раните утрински часови, во ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, почнаа да пристигнуваат Македонците од неколку краеви на Германија и на Европа. Во 15 часот, поворката тргнапо „Ку Дам“, главна берлинска улица, предводена од браќата Гојко и Манојил-Мане Јаковлески, а пред нив се движеше полициско возило со вклучено ротационо светло. Глетката беше величенствена. Улиците беа преполни со демонстранти со развиорени македонски знамиња, со транспаренти и плакати. Од имровизиран разглас сместен во автомобил, младата русокоса и симпатична, Виолета Добрешиновска, со продорен глас, наизменично на германски, англиски, француски и на македонски јазик, ги читаше прогласот и петицијата. Демонстрацијата  кај минувачите побудуваше голем интерес. Тие застануваа да слушнат за македонскитe проблеми, а поддршката ја искажуваа со аплаузи. Некои од нив се приклучуваа во поворката.

Пред Рајхстагот, во кој заседаваше министерската конференција на КЕБС, на платото беа собрани над 500 Македонци, изразувајќи го незадоволството поради непризнавањето на Македонија. Демонстрантите доставија петиција, со конкретни барања до министерската конференција на КЕБС, до дипломатско-

Конзуларните претставништва, до грчката и бугарската влада, како и до светските новински агенции, редакции на голем број весници и телевизиски куќи, кои имаа испратено специјални известувачи.

„Го креваме гласот уште еднаш, а тоа ќе го правиме постојано, се додека на нашите браќа и сестри во Пиринска и во Беломорска Македонија, не им бидат дадени човекови права како на народ ,на едно малцинство. Доста беше молчење. На Европа треба да и се изнесат нашите болки и страдања, а таа верувам дека ќе направи се, обединета Македонија да се најде во обединета Европа.“ – говореше пред насобраните претседателот на Иницијативниот одбор, Манојил Мане Јаковлески.“

Македонците обединети од сите страни на светот вака на овој начин на почетокот на 90-тите го бранеа аманетот на своите претци. Тие никогаш не размислуваа дека ќе дојде време кога некој ќе се откаже и ќе го смени уставното име на земјата.

nova3Манојил со демонстрантите низ берлинските улици

nova4демонстраните мина и пред култниот ресторан „Ново Скопје“ - Берлин

(продолжува)

Текст и фотографии: Киро Кипроски

 

На прво место

News image

Гоце Марков: Инфицираната нормалност на новото живеење!

Мудрите луѓе го менуваат системот системски и одговорно а револуцијата ја користат само како...

Историја

News image

Како братот на Манданата, Мито, бил избркан од Бугарите во 1941

Како братот на Манданата, Мито, бил избркан од Бугарите во 1941: Што си дошол, ти си се борел за М...

Иселеници

News image

Одржана свечената Академија за Браќата Свети Кирил и Методи во Сиднеј

Одржана свечената Академија за Браќата Свети Кирил и Метод...

Култура и туризам

News image

ВО ЧЕТВРТОК НА 28 МАЈ Е ГОЛЕМИОТ ГОСПОДОВ ПРАЗНИК СПАСОВДЕН. ЗА МНОГУ ГОДИНИ

ВО ЧЕТВРТОК НА 28 МАЈ Е ГОЛЕМИОТ ГОСПОДОВ ПРАЗНИК СПАСОВДЕН. ЗА МНОГУ ГОДИНИ.

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (22)

ФЛЕГИЈЦИТЕ НА БЕОТИЈА И НА ТЕСАЛИЈА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.