|
|
| Поделбата на Македонија историска неправда која сè уште боли |
|
Мане Јаковлески 1912-13 годината е една од најцрните во историјата на македонскиот народ Наместо остварување на вековниот сон за слобода и државност, таа донесе поделба, распарчување и ново ропство. Македонија, тогаш сè уште под османлиска власт, беше ослободена не за да стане слободна, туку за да биде растурена и поделена меѓу балканските апетити. По Првата балканска војна (1912–1913), кога балканските држави (Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора) се здружија против Отоманската империја, дојде до несогласувања за тоа кој колку дел од Македонија ќе добие. Сојузот се распадна, почна Втората балканска војна, во која Бугарија војуваше против поранешните сојузници. Завршницата беше катастрофална за Македонија, не за воените сили, туку за македонскиот народ кој не беше прашан.
Со Букурешкиот мировен договор, потпишан на 10 август 1913 година, Македонија беше брутално распарчена: -Вардарска Македонија ѝ припадна на Србија -Егејска Македонија ѝ припадна на Грција -Пиринска Македонија ѝ припадна на Бугарија -Мал дел од западна Македонија, подоцна, беше даден на Албанија Оваа поделба не беше само географска, туку и национална, културна и човечка трагедија. Македонскиот народ беше подложен на жестока асимилација, присилна денационализација, прогонства, и масовни преселби. Македонецот во Егејот беше правен Грк, во Вардарот Јужен Србин, во Пирин Бугарин, во Албанија непостоечки. Светот молчеше. Големите сили беа „зафатени“ со сопствени интереси. Македонија беше жртвено јагне на геополитиката. Но македонската борба не престана. Од тие неправди се родија нови генерации борци, визионери и патриоти. Идејата за обединета, слободна Македонија продолжи да живее низ делото на Гоце Делчев, Даме Груев, Карев и илјадници други кои не се помирија со неправдата. Денес, кога повторно сме сведоци на обиди за редефинирање на македонскиот идентитет, кога негирањето на македонскиот народ е секојдневие во соседството, но и во одредени центри на моќ, треба да се потсетиме на оваа историска неправда. Поделбата на Македонија не е завршена приказна. Таа останува отворена рана и повик за обединување, најпрво во духот, потоа и во реалноста. Така поделбата на Македонија во Букурешт во 1913 година, која наликува на онаа на Римјаните од 167 година, не е прва поделба на Македонија. Секако дека последиците се огромни врз македонскиот народ. Ова што се случува денес е уште една етапа на милениумската борба на македонскиот народ за зачувување на своето име, идентитет, јазик и култура. Во иднина, оваа епопеја на македонскиот народ ќе биде запишана, не само во македонската туку и светска историја, како еден мал народ им се спротивставил на притисокот на Грците, Бугарите и бројните нејзини „пријатели“ членки на ЕУ и НАТО. Македонија може да биде слободна и обединета, само ако Македонците се свесни за својата мисија. Историјата не се заборава таа се учи, се памети и се продолжува! |



















