|
||||
Јордан Пoпјорданов – Орцето |
Јордан Пoпјорданов – Орцето водачот на Гемиџиите станува легенда на македонската револуционерна историјаЈордан Ѓошев Пoпјорданов - Орцето (Велес, 1881 - Солун, 30. IV 1903) - гемиџија, водач на солунскиот заговорнички кружок Гемиџии, брат на војводата на ТМОРО Миле Попјорданов. Се школувал во Солунската егзархиска гимназија, каде што ги прифатил анархистичките погледи за удирање на европските економски интереси во Османлиската Империја. Учествувал во атентатите од 28 до 30 април 1903 година во Солун. На 30 април 1903 година, бидејќи останал жив, во гнев започнал да фрла бомби од балконот на својата куќа на улица каде биле присутни заптиите. Претходно си го осигурал животот на 10.000 франци со завештание парите да му бидат предадени на Борис Сарафов како враќање на долгот што тој им го дал за потребите на кружокот. Откако навлекол на себе цел одред османлиска војска, се самоубил, а парите од осигурувањето биле исплатени на Сарафов. Јордан Ѓошев Пoпјорданов – Орцето е роден 1881 година, во Велес. Тој бил син на трговецот Ѓоше и Султана Попјорданови, фамилија на познати македонски револуционери. Со своите дела и подвизи се истакнуваат и неговите браќа Миле и Петар Поп Јорданови. Смрта на неговиот брат Миле Поп Јорданов ќе биде опеана во една од најпопуларните македонски народни песни „Болен ми лежи Миле Попјорданов “. Сепак подвигот на Орце и неговите другари, потикнат од благородна патриотска побуда, станува литература и легенда во македонската револуционерна историја. Иако не се дел од револуционерната организација, нивната група позната како „Гемиџии“, ќе ги изврши познатите Солунските атентати, како најава на Илинденското востание во 1903 година. Тргнувајќи по стапките на својот постар брат Миле, Орце го продолжил своето школување во Солунската егзархиска гимназија. Јордан Пoпјорданов, попознат како Орцето, станува водач на училишниот кружок, во кој членуваат 14 претежно млади лица од Велес. Нивниот кружок не бил дел од Организацијата и преставува изолирана и самостојна група, која е под силно влијание на анархизмот и рускиот нихилизам. Нејзините членови се воодушевуваат на делувањето на ерменските револуционери и сметаа дека Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМРО) е нерешителна. Тие единствен излез за ослободување на Македонија од турско ропство го гледаа во терористички акции. Членовите на кружокот ги краси другарство, младешки интузијазам и непокорност. Во Солунската гимназија каде започна заговорот, членовите на групата биле познати како галамџии. Но, тие се нарекуваат „Гемиџии“, бидејќи тргнале со „чамец во разбранувано море, без да се сигурни дали ќе преживеат или ќе загинат“. Со доза на романтичност, која постои кај младите луѓе, групата на Орце ќе ја реализира идејата со упорност и пожртвуваност, откажувајќи се од животот, што ги става на пиадесталот на хероите и легендите на Македонија. По доаѓањето во Солун кон крајот во 1899 година, бугарскиот истомисленик, анархистот Славе Мерџанов се сретнува со групата велешани и после тримесечно интензивно дружење, таа идејно се обликува. Тие ја прифаќаат идејата да му помогнат на Мерџанов за да изврши атентат врз султанот Абдулхамид II, Отоманската банка и Тутунската компанија во Цариград., со што сакале да ја предизвикаат Европа да интервенира во корист на христијаните во Отоманската империја. Откако по доаѓањето во Цариград, Мерџанов сфаќа дека убиството на султанот е нереално, со Попјорданов - Орцето договараат наместо тој план, да се прокопа уште еден тунел под темелите на Отоманската банка во Солун. За таа цел се изнајмуваат простории наспроти банките во Цариград и Солун. По повеќе месечна интензивна копање на тунели, акцијата во Цариград била пробијена, а динамитот испратен од Борис Сарафов запленет. Потоа биле уапсени Славе Мерџанов, Петар Соколов, Петар Манџуков и Павел Шатев. Гемиџиите, по провалата во Цариград, одлучуваат прво да набават динамит а потоа да продолжат со копање на тунелот. За таа цел Орце Попјорданов оди дури во Женева, за да го најде Сарафов, кој дотогаш ги помагал финансиски. Орце добива на заем пари и ветување дека ќе му биде испратен динамитот. По смрта, Орце ќе ги врати парите на начин невиден до тогаш. Првата пратка на динамит била стопирана од Иван Гарванов, претседател на ЦК на ВМРО, по што доаѓа со заострување на односите со организацијата. Но, груата на Орце набавува 160 кг. динамит од Софија, кој не бил доволен за предвидените акции. Гемиџиите се откажуваат само од акцијата во одринската пошта и во јануари 1903 г. започнуваат да копаат нов тунел до Отоманската банка. Во овој период им се приклучуваат Павел Шатев и Димитар Мечев. Гоце Делчев и Даме Груев ги молат Гемиџиите да се откажат од нападите како штетни за Организацијата или да причекаат до почетокот на востанието. Меѓутоа, во март тунелот бил завршен, а истовремено властите во Солун започнале да копаат за поставување за канализација. Стравувајќи да не бидат откриени Гемиџиите решаваат да дејствуваат побрзо. На последниот состанок пред акциите, уште еднаш се дефинираат целите, се распределуваат задачите и групата расправа по прашањето дали е потребно да загинат во експлозиите или да останат живи? Додека Шатев и други сметаат дека смрта е бесмислена и дека тие им се потребни на делото, дотогаш Орце и Кирков сметаат дека треба да се загине при акцијата. Тие не можеа да замислат подвиг во кој би изостанал чинот на жрттвување. Едноставно тие неможеа да замислат да посеат околу себе толку ужас и смрт, во акција дотогаш невидена по својата големина, а притоа да останат живи. За нив тоа би било равно на подлост. Свесно земајќи ја на себе обвраската за доброволна смрт, денес многумина ќе се запрашаат што ги навело овие млади луѓе кои штотуку завршиле гимназија и се на возраст меѓу 18 и 22 години на еден ваков чин. Тоа можеби најдобро го објаснува Јордан Пoпјорданов – Орцето во своето последно писмо до неговата љубов. Во него тој ќе напише:
„Сакана единствена Кате,
Кога ќе го читаш моето писмо мене веќе нема да ме има - јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но, во ситуацијава кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам.
Од првиот пат кога те видов, те засакав. Ти ми беше единствена радост, но чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото кое што беше цел и смисла на мојот живот.
Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија. Те сакав со сите пори на моето тело. Чувствував потреба да те гледам, да го слушам твојот глас како звукот на цитрата. И сепак те одбегнував зашто ме плашеа честите средби со тебе ми ја ослабнуваа волјата ми ја смекнуваа десницата, зашто ти ми беше единствената врска со животот.
А не требаше ништо да ме врзува за него. Понекогаш бев груб дури и суров со тебе. Прости ми за грубоста и суровоста. Зад нив ја криев безграничната љубов, а срцето ми крвавеше. Верувам ќе ми простиш, ти си добра, а јас сега жалам што не бев подобар, повнимателен и понежен кон тебе. Сигурно ќе прашаш: Неопходно ли е да умрам?
За мене нема друг излез. Го поддржував пред моите другари ставот: Тој што не ги штеди животите на другите нема право да го штеди ни сопствениот живот.
Знаев дека нашата акција ќе им причини смрт на многу невини луѓе, ќе донесе многу солзи и страдања. Зар по сето тоа што ќе го сториме јас ќе имам право да живеам? Мислам ќе биде ниско и подло.
Да умрам, за мене е врховна повелба на мојата совест. И потоа мојата девиза беше - не зборови, на дело, а крајот е тој што го краси делото.
Има и едно последно сообразување, не сакам да му причинам задоволство на непријателот да се гаври со мене да си подигрува.
Зошто ми е живот лишен од слобода. Да тлее во некоја темна ќелија на Еди Куле или да се стопи под жешкото сонце на Сахара?
Не, претпочитувам да умрам!
Со мојата смрт ќе им го фрлам на непријателите, поробувачите на мојата татковина, мојот безграничен презир. Како што живеев, така сакам и да умрам - скромно и чесно, до крај верен на себеси, сакав да бидам и останам и една целосна личност.
Треба да завршам. Времето не чека. Многу нешта навираат во мојата душа
Но, ќе ги чуеш. Така е подобро. Срцето ти претскажа што би сакал да ти пишам во овој последен час. Ќе мине време, раната ќе ти зарасне. Животот е посилен од се.
Ти пожелувам, не, те молам да си најдеш друг маж, достоен за твојата љубов и нему дај му го своето срце и својата љубов. Дај му ги оние радости што ги чуваше и ги намени за мене.
Ти пожелувам да бидеш среќна.
Понекогаш во вечерните часови, кога спомените довеани од вечерните сенки ќе навлезат во твојата душа, спомни си за мене. Ти благодарам за тоа.
Те прегрнува и те бакнува првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните.
Твојот Орце.
Орцето и неговите другари скромно заминуваат во смрт. Секој си ја знаел својата задача. Но, за разлика од многу други револуционери кои пред да тргнат во смрт се сликаат во целосна борбена опрема, Гемиџиите зад себе не ја оставаат дури ни сликата на генерацијата. На 28 април 1903 година, Павел Шатев без жртви го потопува францускиот брод „Гвадалкивир“. Без жртви поминува и акцијата на Димитар Мечев, Илија Тричков и Милан Арсов кои го креваат во воздук возот на линијата Солун – Истанбул. На 29-ти април Константин Кирков предизвикува експлозија која го прекинува доводот на вода и гас, по што цел град останува без вода и осветлување. Тоа е знак да делува и Јордан Поп Јорданов - Орцето. Додека во градот владее паника и хаос, Орце го запалува фитилот и го предупредува семејството на директорот да ја напушти банката. Десетина минути откако градот потона во темнина зградата на Отоманската банка била крената во возух. Еден од зидовите на банката се срушил на германскиот „Кагел клуб“ каде загинуваат четири лица, а пет се повредени Деугите Гемиџии фрлаат неколку бомби и предизвикуваат дополнителна паника во градот. Милан Арсов фрла бомба во кафеаната „Алхамбра“, а Константин Кирков пред „Гранд хотел“. Владимир Пингов фрлил бомба пред вратата на турската државна управа, но во престрелката со турскиот аскер бил застрелан. Опишувајќи го настанот, италијанскиот конзул ќе извести дека „тоа беше момент на ужас, луѓето трчаа без да знаат каде одат...“ На 30-ти април Кирков во обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-постенска станица, бил убиен од турската полиција. На 1 - ви мај, Илија Трчков фрла неколку бомби на централната улица во Солун, Димитар Мечев пред хотелот „Египет, Георги Богданов ја крева во воздух кафеаната ,,Нија“, а Цветко Наумов се обидува да го убие солунскиот валија Хасан Фекти Паша. Во овие акции Мечев и Трчков биле убиени, Наумов се самоубил а Богданов бил уапсен. Јордан Поп Јорданов – Орцето загинува утрото на 30-ти април. Полн со гнев, од балконот на куќата каде што се засолнил во текот на ноќта, фрлил бомба и го предизвикал турскиот аскер кој го опколува. По околувањето, тој фрла бомби се додека ги има, а во моментот кога му завршиле, се појавува пред аскерот и паѓа застрелан. Восхитени од постапката, турскиот бимбашија ќе им каже на своите војници: „Вие треба да земете пример од овој херој како се умира за својата татковина“. Јордан Поп Јорданов – Орцето, не само што го исполнил долгот кон својата татковина туку по смрта на оригинален начин ги вратил и позајмените пари од Организацијата. Претходно си го осигурал животот на 10.000 франци со завештание парите да му бидат предадени на Борис Сарафов како враќање на долгот што тој им го дал за потребите на кружокот. Во есента 1903 година, Симеон Радев кој се наоѓа во Женева, неочекувано добива пари од осигурителната компанија „Њујорк“. Тоа биле пари од осигурувањето на Орце, а тој износот според завештението му го предава на Сарафов. Така Орце се раздолжува со сите и влегува во легендите на македонската револуционерна историја. |