Среда, 13 Јули 2016    PDF Печати Е-пошта
На Петровден на галичани им се исполнува нарачаното и порачаното

Киро Кипроски

galicnik1

Галичката свадба е регистрирана во голем број туристички алманаси во светот, календари и проспекти, па затоа често странски гости од сите меридијани присуствуваат на овој свадбарски спектакл Петровден за Галичник и галичани бил и останал голем празник. Празнувањето на денот на светите апостоли Петре и Павле, галичани не случајно го избрале за свој голем ден и го празнуваат со векови до денешни дни, како најсветол празник. А зошто? Петар значи камен, што претставува симбол на цврстината и непоколебливоста. Павле, пак, значи мал, смирен. Нивните имиња се симболи на цврстината и на смиреноста, а цврстината на верата зависи од смиреноста. Всушност, ова содејствува со карактерот на жителите на Галичник, кои низ столетијата биле изложувани на разни ветрометини, на притисоци и влијанија од окупаторите, од туѓите пропаганди, биле пљачкосувани, но желбата да останат свои на своето, да ја зачуваат територијата во која живеат и стопанисуваат, да го зачуваат својот македонски идентитет, македонскиот јазик (галички дијалект), да го зачуваат својот Галичник, била посилна од сѐ и затоа успевале да се спротивстават и да се одбранат од сите притисоци и да опстојуваат. Во тоа, како што веруваат, голема помош добиваат од апостолите Петар и Павле и во нивна чест и благодарност, и како потврда на нивната поврзаност и почитување, им го посветуваат соборниот храм во Галичник, кој го осветиле во 1931 година.

На почетокот на втората половина на 20 век, во десетвековното опстојување на Галичник му се закануваше најлошото, неговите жители се иселија и малку недостигаше да се струполи во длабокиот амбис, од каде што нема враќање, и засекогаш да го снема од географската карта. Дневно и по десетина семејства со триесетина члена, кои со голема тага и бол во душата, со плач и со солзи, беа принудени да се разделат од дедовите огништа, а некои како пркос кон власта ги уриваа куќите и заминуваа. Но група галичани, фанатично вљубени во грагорот на Галичник, деноноќно не спиеја и правеа планови што да сторат со Галичник за да не се случи најлошото. Поведоа повеќе иницијативи, формираа и одбор за спас и обнова на Галичник. Во тие рамки беше договорено секоја година на Петровден, како пандан на Галичката свадба, да се одржува туристичката манифестација „Галичка свадба“. Идејата беше манифестацијата да даде придонес и да не дозволи Галичник, со сето свое историско, културно, духовно и материјално богатство, да замине во заборав, да продолжи да ги негува и да ги зачува традициите создавани со векови. На Петровден да ечат зурлите, да трештат тапаните, оро да се вие, свадбарски песни да се пеат, Галичник да живее. Токму свадбата го спаси Галичник, го поврати животот, ја зачува архитектурата на галичките камени куќи, ги зачуваа галичката носија, традицијата, обичаите, фолклорот. Тоа даде силен поттик, иселените галичани со сопствени средства и со помош на општествената заедница, во 1973 година, да го асфалтираат патот низ планината Бистра, од Маврово до Галичник.
Инфраструктурните зафати беа предуслов и поттик иселените галичани да почнат да ги обновуваат напуштените куќи, да градат нови, а со тоа животот почна да се враќа и пулсира од април до ноември. Оптимистите веруваат дека живот во Галичник ќе има преку цела година, ќе се создадат услови и во зимските месеци, дека патот низ планината Бистра редовно ќе се чисти и ќе биде прооден. Во изминатиов период околу 400 куќи беа обновени, реконструирани и новоизградени.
    
ГАЛИЧКА СВАДБА

Галичката свадба е единствена и неповторлива, со многу обичаи и ритуали, со изворни песни, со уникатна галичка носија изработена со филигранска прецизност на терзиите, која ги плени очите на посетителите. Невестинската носија е составена од здоланче, кое се носело наместо долга кошула или фанела, минтан извезен со црвено кадифе и гајтани, кошула изработена од бело, тенко, домашно платно со богати елементи и детали, со впечатлива нијанса на црвената и срма-боите (жолта, сина, зелена, сребрена и златна). Нараквиците се изработени од срмен вез, елек направен од домашно ткаено платно, доламата претставува горна облека до колена, појаси, чорапи, опинци, плетеници, скутница и бочва. Невестинската носија е автентична, со накит што е богат и уникатен по својата изработка и е составен од синџир, сребрени пари, сребрени украси и накит за на гради. Значајно е тоа што невестинската носија и накитот се рачно изработени за оваа пригода. Галичката невестинска носија тежи околу 30 килограми.

galicnik2

Во минатото, пред седумдесетина и повеќе години, на Петровден се одржувале дури и по 50 свадби. Галичани и денес ја почитуваат изреката „коде да си, за Петровден во Галичник да си“. Печалбарите од Америка, Европа, Русија, Египет, Турција, Романија, Грција, Бугарија, Србија, речиси од сите страни на светот, доаѓале на Петровден, да се оженат со саканата, некои да си најдат либе, за следниот Петровден да направат свадба, или, пак, да учествуваат на петровденските веселби што траеле со денови.

Сите овие епитети влијаеле „Галичката свадба“, не само да биде регистрирана во голем број туристички алманаси во светот, календари и проспекти, туку тоа претставува голем предизвик за странските гости од сите меридијани да присуствуваат на овој свадбарски спектакл и да уживаат на свадбата со најмногу сватови. Во минатото печалбарите доаѓале пред Петровден, за да учествуваат на свадбарските веселби, кои траеле со денови, исполнети со голем број обичаи и ритуали, кои се пренесувале од колено на колено и се зачувани до денешни дни. Културолошко-туристичката манифестација „Галичка свадба“, која првпат се одржа во 1963 година, ги негува и од заборав ги оттргна сите духовни и културни вредности на бистроумните галичани.
Многу песни се испеани за Галичник и свадбата, секако највпечатлива е „Нарочува бело Менде порочува, како зноеш аџи Павле да ми дојеш, да ми дојеш пред Петровден...“. Годинашново, 43-то издание на „Галичката свадба“, ќе се одржи овој викенд, на 16 и 17 јули.

galicnik3

Само во Галичник, и никаде на друго место, заедно играат и небото и земјата, доловите и планините, каменот и водите. Никаде како во Галичник не се претвора сѐ во свадба, и воздишките и копнежите на младите и надежта и неизвесноста на печалбарите, како и тагата на оние што никогаш не го дочекале својот Петровден. Но и радоста на оние што тој ден им се исполнило нарачаното и порачаното. 

„Галичник село големо в Стамбол на ќутук пишано“ - оваа максима доволно зборува за големината и значењето на Галичник низ историјата, за неговата моќ и атрактивност. Галичник и галичани биле познати, признаени и прочуени не само на балканските простори туку речиси еднакво на сите континенти. Галичаните се познати по бистроумноста, а од другите се разликуваат по производството на првокласен галички кашкавал, галичко овчо бело сирење и по други млечни производи, по изработката на домашни ракотворби: јамболлии, мутафчиња, клашни, килими, изработка на народни носии. Галичник даде и многу значајни и знаменити личности во преродбенскиот период и потоа. Секако, со своите дела се издвојуваат Ѓорѓи Пулевски (учебникар, лексикограф, војвода), Партенија Зографски (првиот владика на Балканот, кој се вбројува меѓу најучените луѓе во 19 век, бил учебникар, преведувач, филолог и фолклорист), Панајот Ѓиноски (собирач на народни умотворби), Василко Ѓиноски (зограф, кој само во Црна Гора зографисал 110 цркви) и плејада други зографи, копаничари, сточари и трговци.

galicnik4

Галичани биле прочуени печалбари. Во прво време на печалба оделе во Бугарија, Србија, Грција, Романија, а подоцна во Русија, Украина, Египет, а поретко во Америка и во Австралија. Со ненаполнети 12 години, родителите ги испраќале децата на печалба. Мијачките мајстори-градители со своите тајфи биле познати во сите балкански земји и пошироко. Делата на каменоделците од Галичник ќе останат засекогаш скапи споменици на палатите во Версај, во Будимпешта, на големите хотели на Неаполскиот Залив, кралските палати во Букурешт и во Белград, објектите на Менхетн. Мијаците, познати како добри мајстори-градители, биле ангажирани и од самите турски аги и бегови да градат џамии, теќиња, касарни, беговски конаци, магацини, мостови и други објекти, кои потоа ги декорирале мијачките резбари...

galicnik5

galicnik6

ГАЛИЧКИОТ КАШКАВАЛ ПОТОНАЛ СО „ТИТАНИК“

Во Кралската и национална библиотека на Велика Британија меѓу многуте документи, има и записи за трагедијата на бродот „Титаник“ во 1912 година. Инвеститорот на градбата на „Титаник“, сер Самјуел, роден во 1854 година, непосредно пред завршните работи на големиот брод, се сретнал со некојси Ламби (Ламбе), трговец со ексклузивна стока. Според записот, Ламби му говорел за некое трајно тврдо жолто „сирење“, кое може да се најде на трпезите на големиот „Титаник“. Откако се договориле, Ламби ветил дека по шест месеци ќе го донесе производот. И така се случило. Од Галичник, Ламби со карванот коњи натоварени со пити кашкавал ги минал планинските масиви кон Албанија до пристаништето Драч. Оттаму со брод до Италија, а потоа преку Франција и преку Ла Манш, со стоката пристигнал во Англија. Крајно возбуден, сер Самјуел не само што се радувал на ексклузивниот производ и великодушно го платил туку ја купил и другата стока со која тргувал Ламби.

galicnik-macedonia-cheese

Во записот на Британецот стои дека „тврдото сирење“ (15 тони кашкавал) било складирано на „Титаник“ и било предвидено како дел од ексклузивното мени на многубројните салони и тераси на бродот. И по повеќе од 120 години од потонувањето на величествениот брод „Титаник“, мистеријата не е откриена.

За бистроумноста на галичани, за квалитетните производител на млечни производи пишувала и белградска „Политика“. На 20 април 1931 година (понеделник) пишува за Лазар Цубалевиќ (Цубалевски) и Стамат Дукиќ-Дуковски, двајцата од Галичник, како успеале да продадат 80 тони галички кашкавал на берзата во Њујорк. Овој весник објавил фељтон за трговската способност на галичаните. Новинарот забележал: „Вредните галичани, производители на кашкавал, Лазар Цубаљевиќ и Стамат Дукиќ, уште во текот на мината година презеле мошне ризична работа, полна со неизвесност. Во декември тргнале преку океанот и стигнале во Њујорк. За луѓето од планината Бистра тоа не е ништо чудно. Тие сакаат да работат, да стекнуваат искуство и тоа да го платат скапо. Ако еднаш го осознаат како корисно, ќе го искористат и по втор, третпат итн. И навистина нивниот пат во Америка им донел многу корист, им ги отвори очите и сега ќе знаат што да прават и како да го прават“.

Во триесеттите години на минатиот век, еден од најголемите американски писатели од словенско потекло Луј Адамич, по посетата на Галичник, ја напишал книгата „Враќањето на домородецот“. Писателот пишува за Галичник, во кој престојувал две седмици благодарение на двајца галички печалбари, кои од Америка се враќале дома и случајно во бродот се запознал и го поканиле да биде нивни гостин. Адамич добил впечаток дека Галичник е прочуен како Париз или Холивуд. Наместо со сопругата Стела да слезат во Сплит, со новите пријатели продолжиле за Галичник.

Чешкиот музиколог, фолклорист, етнограф и сликар Људвиг Куба двапати престојувал во Галичник и инспириран од архитектурата, како и од свадбарските обичаи, создал неколку слики.

Превземено од Нова Македонија

 

На прво место

News image

Литванија – европска земја во која жените бараат маж „под дрво и камен“ во Македонија многу мажи остануваат неженети

Во делови од Европа, демографијата сè почесто станува и личен проблем. Во Литванија, на пример, ве...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ДЕЛ ОД КУЛТОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ТЕКОТ НА ПОВЕЌЕ ВЕКОВИ (8)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА-АНТИЌ И С...

Фељтон

News image

УНГАРИЈА - ВТОРАТА ТАТКОВИНА НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ (11)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.