|
||||
КОГА НА ДОБРОТО СО ЛОШО СЕ ВРАЌА |
Вреди да си добар и искрен само доколку навистина го мислиш и чувствуваш тоа. Ако пак доброто го правиш за мислењето на околината –невреди бидејќи е исто како да не си го направил. Тогаш живееш за публика, а не за самиот себе. Исто така џабе е ако доброто го правиш за да ликуваш...таквите луѓе не вредат ни пет пари,а и околината многу лесно ги препознава. Вреди да си добар се додека навистина си таков и не знаеш за поинаку,вреди до моментот кога држиш до достоинството и гордоста за да можеш да се задржиш до моделот - човек, вреди се додека ти е во согласност со принципите и не те надвладува лицемерието. Не ги разбирам и не ги сакам крајностите. Сакам верни и искрени луѓе,па дури и полесно би се соочил со некоја искрена и истовремено лоша личност,отколку со некој си добричина што ми прави арно само од страв да не го осудам,а во себе тлее од омраза и фрустрација,ме пцуе и ќе ме озборува по луѓе како тоа мене ми помогнал или ме сослушал или не знам што и наводно нема ни благодарам. Често знам да подпаднам наивно со цел да помогнам, но не си го земам за зло,зошто знам да се освестам и да ја повлечам границата кога веќе ќе прерасне во злоупотреба и истата таа особа ме ползува мене за нејзини идеали, па дури и злобни планови и намери. Не го правам тоа за да не ме озборуваат или да добијам потврда. Го правам зошто сакам,сакам некому да му олеснам. Не очекувам спектакуларни заблагодарувања,ниту сакам некој да ми биде должник до крајот на живот, бидејќи ако некој не ја почитува мојата добрина,тоа повеќе говори за него. Не го правам тоа само во бои на виножитото... Не го правам нештото,ако не го сакам и ми претставува потешкотија. Лично сметам а и длабоко сум уверен во себе дека не е во ред да дозволиш да ти биде модар образот само затоа што си се заморил од вртење на истиот кон секого и по секоја цена.Тогаш имаш сериозен проблем со самиот себе и со својата слаба самодоверба. Мислам дека вреди да си добар, само доколку твојата намера е да направиш добро дело без внатрешни пресметки и очекувања за награда, и без ликување и хранење на егото. Тоа е потешко да се постигне отколку што изгледа, но секогаш вреди да се трудиш затоа што да стигнеш до пола пат не е исто како никогаш да не си тргнал. Вреди да си добар. но, не и наивен, ова се два различни поими. Наивноста според мене води кон глупавост, а добрината - кон исполнетост, среќа, слога. Добрината ја ценат добрите, оние кои не ја ценат - не се добри. Се’ се плаќа на овој свет. Доброто - со добро, лошото-со лошо. Наше е да избереме дали сакаме да не следи добро или лошо. Доколку го избереме првото, почнуваме со добрини. Секогаш многу повеќе вреди да си добар. Така или онака, нашиот телесeн, говорен и мисловен труд и залагање ќе настапи. Јас се согласувам дека вреди да си добар - и ќе се повторам - доколку таков си и доколку си искрен во намерите, доколку ти е тоа својствено и природно. Доколку не си добар само заради некоја скриена намера за сопствено добро, за да се покажеш добар а во суштина не си. Поголемо лицемерие од тоа – НЕМА!- . Добрината го тера човекот напред. Јас сеуште верувам во добрината на луѓето, сеуште. Инаку, колку што станувам повозрасен толку повеќе го разбирам она - „ги мразам луѓето, затоа што се зли“ нешто што мои пријатели ми го имаат кажано. И да сум последен на овој свет не сакам вештачки да се сменам иако почнувам да сум помалку наивен отколку во времето кога бев помлад. Да си добар-ДА, но не и по цена да ми се качат на глава човечки пијавици, мрзливци, песимисти ,злобници и интригаши. Од и пред таквите бегам, себеси се бранам, но немам ни најмал проблем да помогнам, да направам добро дело во било кое време. Напротив, мене ми е мило и посебно задоволство да го направам тоа. Она што многу повеќе од се ме разочарува е постоењето на луѓе кои гледаат негативно на секој обид на човекот да биде несебично добар. Токму тие, едвај чекат да те исмејат, оцрнат и да те етикетираат со зборчиња кои не ти доликуваат. И жал ми е за луѓето кои гледам дека се толку добри, праведни до степен да ги наречам ангели а сепак другите многу потценувачки настапуваат кон нив. Свесно ја искористуваат нивната добрина, глупаво ги манипулираат и потоа најглупаво знаат да им забодат нож во грб. Просто речено, да ти се заплаче. И затоа арам да им е на таквите луѓе кои зад секое добро дело гледаат некаква лоша намера. Веројатно - према себе ги оценуваат и останатите. Тоа се оние личности-крвожедни волци, крвопијци прерушени во јагнешка кожа-на кои ако случајно и без зла намера им застанеш на пат во сотојба се да те уништат и срамнат со земјата, кажувајќи против тебе зборови кои „земјата не ги држи“.Токму овие личности се тие кои во тој момент „без страм и перде“забораваат дека пред тоа со денови клечеле на колена испред тебе, плачејќи и молејќи се да им помогнеш по секоја цена. И тогаш, во моментот кога ќе ја добијат бараната помош, истите тие засекогаш ке те збришат од нивната меморија како да воопшто не си постоел и како никогаш ништо добро за нив да не си сторил.. Возвишеноста која ја добиле благодарение на твојата помош, сега ја насочуваат кон тебе за да те уништат-за да не постоиш повеќе. Ако сите вака постапуваме каде ќе ни биде крајот? И тогаш кога најмалку ти се прави нешто, ако се работи за тоа да усреќиш некого, особено пријател, другар, сосед, колега, направи го без да се двоумиш. Ако личноста на која си и помогнал ти е вистински пријател, без дилема ќе биде среќна што си и помогнал.Е тогаш знаете дека вреди да си добар. Па макар и да сте еден и единствен на овој свет пред изумирање. Цел живот, ќе бидеш добар, предобар , и ако само еднаш не успееш да одговориш на нивните барања, или искрено им кажеш дека и ти си живо суштество и дека не си семоќен, од таквите себичњаци и лицемери добиваш спуштање на слушалка, и коментари дека си себичен и цел живот само за себе мислиш.
Едноставно не сакаат да поверуваат дека и ти си човек. Ако во рајот ќе влезат само оние добрите, кои правеле добри дела тогаш -кое е мерилото за доброто што е направено?. Ако добрината е релативна работа, кој ќе пресуди што е навистина добро, а што лошо и непримерно Мајка, чие дете трпи дома за леб, украла еден портокал од пазар. За да му даде да јаде. Зашто нема друг излез. Дали е тоа добро или лошо? Добри се оние кои имаат непоматена слика и совест во себе. Совеста не можеме да ја изманипулираме. Сопствениот мир не можеме да го прелажеме. Што се однесува до мене, полека, но сигурно во речникот започнав да го внесувам зборот НЕ.Се трудам реално да ги проценам можностите како и кому можам да помогнам. Не сакам за себе да речам дека сум ангел,не сум и никој не е. И не ми е криво кога не добивам ништо за возврат кога пружам добрина, апсолутно не. Во овие ситуации претерано се разочарувам и тогаш се прашувам дали вреди, ама одговорот ми е секогаш тука: Да, ми вреди и мене и на мојата совест бидејќи тоа е она што ми дава траен мир и спокој во душата. На крајот, за сите оние што се обиделе и се обидуваат да го потценат, омаловажат, исмеат и изнегираат секој оној кој тоа не го заслужува и кој им помогнал во животот, нека Господ Бог им помогне да ја здогледаат, забележат и спознаат објективната вистина, т.е. да ја согледаат сопствената заблуда и направената неправда кон него и неговиот труд и нека Господ Бог им подари поголема сила на перцепирање, анализирање, синтетизирање и логично заклучување за да ја утврдат вистинската состојба и еднаш засекогаш излезат од светот на идиотизмот, саможивноста и умоболноста во која западнале, а јас, од длабочината на мојата душа ќе ги повторам само зборовите на Човекот со Крстот, кои ги има изречено по распнувањето: "Господе, прости им, оти не знаат што прават“ Боге Војноски- автор на текстот |