|
||||
„АЛБАНСКАТА ПЛАТФОРМА“ Е ПОЛИТИЧКА МАНИПУЛАЦИЈА НА ДУИ |
Таканаречената "албанска платформа" се разбира е грубо мешање на Тирана во внатрешните работи на Македонија. Очигледно е дека Еди Рама ја губи довербата во Албанија, популистички му беа потребни Албанците од Македонија во Тирана во демонстрацијата на политикантскиот патернализам. Но, повеќе од сигурно е дека "албанската платформа" претставува политичка манипулација на ДУИ заради изгубената доверба од избирачите пред локалните избори, освен лаги веќе друго и не може да им понуди. "Албанската платформа" на Албанците не им носи подобар живот, вработување, работа, пензии, инфраструктура, образование, здравство, култура... На вонредните парламентарни избори од 11 и 25 декември 2016 година најголем губитник беше ДУИ, од 153.000 спадна на 85.000 гласа, изгуби цели 80.000 гласа и 10 пратенички места. Приоритет им беше двојазичноста на целата територија на државата и измена на членот 7 "македонскиот и албанскиот јазик се службени јазици во Република Македонија". Заканата на Зијадин Села беше или двојазичност или формираме паралелно Собрание на Албанците во Македонија. На 20 февруари 2017 година ДУИ очекувано ретерира, вели: "ДУИ останува на ставот дека нашиот предлог не излегува од рамките на Уставот и Рамковниот договор. Ние не бараме двојазичност на целата територија, туку само практична примена на албанскиот јазик каде што живеат над 20% од оваа популација." За волја на вистината, практичната примена и на албанскиот јазик е уредена со Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа од 13 август 2008 година. Охридскиот рамковен договор е целосно имплементиран во Уставот и законите, а со него, Албанците со помалку од 15% во вкупното население станаа најпривилегирано малцинство во светот. И тоа е максимум што може, повеќе нема да добијат. Се разбира, ниту СДСМ им испорача на Албанците тоа што им вети. Само џабе се прогласи за албанска партија поради 60.000 албански гласа, кои гласаа за двојазичност а не оти очекуваа дека Зоран Заев ќе им гради водовод и фекална канализација во местата каде што живеат. Евентуална коалиција ДУИ - СДСМ ќе ги однесе и двете партии најбрзо до Бутел. Пишува Тодор ПЕТРОВ
|