Среда, 28 Февруари 2018    PDF Печати Е-пошта
ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (4)

На задоволство на иницијативниот одбор за организирање на мирната демонстрација во Берлин, подготовките без проблеми се приведуваа кон крајот и владееше одлична атмосфера

demonstracii-evropa

Со развиорени знамиња и транспаренти Македонците демонстрираа низ берлинските улици

Македонците со нестрпливост го очекуваа овој голем македонски историски ден, кога ќе ги изразат големата љубов и приврзаност кон татковината. Додека го делевме пропагандниот материјал бевме информирани од членовите на иницијативниот одбор дека одделни Македонци биле неопределени, резервирани за учеството, бидејќи се плашеле да не имаат проблеми од воената мисија на СФРЈ и од тајната југословенска служба, позната како УДБ-а. Пред неколку години, поради учество на македонски патриотски прослави, некои од нив веќе имале проблеми.

Глас против неправдата, глас за вистината

Со овој наслов, два дена пред почетокот на самитот на КЕБС, беше објавен мојот текст во весникот „Нова Македонија“ (17 јуни 1991 год.).

„На мирната демонстрација ќе учествуваат неколку стотини Македонци од Берлин и од десетина града на Германија“, ни рече Ѓорѓе Личнов. И другите соговорници Жарко Кленковски, Јанко Пирковски и Момир Талевски, членови на иницијативниот одбор за организација на мирната демонстрација, објаснуваа дека и покрај теснецот со времето и со зафатеноста на работните места, сепак, желбата им била најсилна и во вакви услови на дело ја покажавме приврзаноста кон родната и сакана Македонија. Затоа десетина дена работевме до раните утрински часови, сѐ со цел добро да ја подготвиме демонстрацијата, со која сакаме на Европа и на светот да им ги изнесеме нашите таги за распарчената и на четири дела поделена Македонија.

- Го креваме гласот уште еднаш, а тоа ќе го правиме постојано, сѐ додека на нашите браќа и сестри во Пиринска и Беломорска Македонија не им бидат дадени човечките права како на народ, на едно малцинство. Доста беше молчење. На Европа треба да ѝ се изнесат нашите болки и страдања, а таа верувам дека ќе направи сѐ обединета Македонија да се најде во обединета Европа - истакнува Мане Јаковлески, претседател на иницијативниот одбор.

Денот пред одржувањето на првата демонстрација во Берлин беше мошне бурен. Како што беше истакнато на состанокот на иницијативниот одбор, Македонците идејата ја прифаќаат со големо задоволство и ја поздравуваат. Меѓутоа, во семејствата со мешан брак и кај Македонците што беа пројугословенски ориентирани имало несогласувања, мали отпори и реагирање“.

На 19 јуни, на почетокот на дводневниот министерски самит на КЕБС, во весникот „Нова Македонија“ беше објавен мојот текст „Нова култура на живеење“, во кој меѓу другото пишува: „Рајхстагот, огромното плато пред него целосно преуредено во прекрасен парк, каде што се веат знамињата на 34 земји од Европа (освен Албанија), САД и Канада и на самиот Берлин, целосно е подготвен за почнување на првиот министерски совет, највисокото советодавно тело на КЕБС. ’Добре дојдовте во Берлин, германската метропола без ѕид и блоковски конфронтации’. Со оваа порака, со познатата германска педантност и прецизност, со засилени мерки на безбедност, Берлин деновиве живее во знакот на премиерниот состанок на министерскиот совет на КЕБС. Иако ништо официјално не беше соопштено, сепак се дознава дека во центарот на збиднувањето ќе се најде идната ’архитектура’ на Европа, новата култура на живеење, идната заедничка безбедност, многубројните проблеми околу економскиот развој, односно последиците што настанаа со трансформацијата на Источна Европа и социјалните проблеми што произлегуваат од тоа. На дневен ред ќе се најдат и многу други актуелни и акутни прашања, како што се приемот на Албанија за полноправен член на КЕБС, ситуацијата во Југославија, кипарскиот проблем, како и низа одлуки што се очекува да бидат донесени.

За многубројните известувачи од нашата земја секако посебно е интересно колку и како ќе се најде на дневен ред Југославија, која поради своите внатрешни состојби и национални судири стана речиси неизбежна тема на сите европски собири. Според тоа, и овде, во Берлин, не може а да не предизвика внимание југословенскиот хаос, но сепак се верува дека таа тема ќе биде и ’главна тема’ на првиот состанок на министерскиот совет. Пред денешното отворање на министерскиот состанок на КЕБС, Бејкер не случајно рече дека националното прашање или, како што нагласи, етницитетот повторно се изроди како моќна сила во Европа со уривањето на комунизмот, заканувајќи се притоа со нови поделби меѓу земјите, а и во самите многунационални држави, како СССР и Југославија. Токму затоа, се заложи за доградување на процесот на КЕБС“.

Нашите новинари им делеа летоци на колегите       

Со новинарите Трајко Мирчевски од весникот „Нова Македонија“ и Љубомир Гајдов од МРТВ, кои беа акредитирани на министерскиот самит во Берлин, пред да полетаат од Скопје, бевме договорени по слетувањето на берлинскиот аеродром да дојдат во ресторанот „Ново Скопје“. Договорот го испочитуваа и присуствуваа на состанокот на иницијативниот одбор за организација на првата македонска
демонстрација во Европа за признавање на Република Македонија од Европската заедница. На средбата детално беа запознаени со организацијата, со маршрутата на движење низ берлинските улици, за протестите пред Рајхстагот и пред амбасадите на Бугарија и на Грција.

Мирчевски и Гајдов се понудија на колегите и на телевизиските екипи акредитирани на министерскиот состанок да им поделат примероци на летокот и на петицијата на германски, француски, англиски и на македонски јазик. И покрај големата безбедност за влез во Рајхстагот, каде што се одржуваше самитот, тие успеаја да ги внесат материјалите, да ги стават во новинарските фахови во прес-центарот, а на некои лично да им ги врачат. Исто така, за време на паузата на првиот ден на министерскиот самит, пред Рајхстагот организираа прес-конференција, каде што беа македонските демонстранти, опколени со многу новинари и телевизиски екипи. Уште вечерта на ударните термини на ТВ-вестите во Германија и во другите европски држави беше емитувана информација од демонстрацијата, а следниот ден и во весниците беа објавени текстови.

Првпат светот, по демонстрацијата и прес-конференцијата, дозна за проблемите на Македонците, за причините зошто членките на Европската заедница нашата држава не ја признаваат под уставното име - Република Македонија.
 
Македонци демонстрираа низ берлинските улици
 
На 19 јуни 1991 година, уште во раните утрински часови, во ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин почнаа да пристигнуваат Македонците од неколку краеви на Германија и на Европа. Во 15 часот поворката тргна по главната берлинска улица, предводена од браќата Гојко и Мане Јаковлески, а пред нив се движеше полициско возило со вклучено ротациско светло. Глетката беше величествена. „Ку-дам“ беше преполн со демонстранти со развиорени македонски знамиња, со транспаренти и плакати. Од импровизираниот разглас во автомобилот, младата русокоса и симпатична Виолета Добрешиновска, со продорен глас, мошне емотивно и елегично, наизменично на германски, англиски, француски и на македонски јазик ги читаше прогласот и петицијата, која побудуваше внимание кај минувачите, кои застануваа да слушнат за македонскитe проблеми, поддршката ја искажуваа со аплаузи, а некои и се приклучуваа на поворката. Пред Рајхстагот, во кој заседаваше министерската конференција на КЕБС, на платото беа собрани над 500 Македонци што со протест го изразија незадоволство за непризнавањето на Македонија. Протестот побуди голем интерес кај берлинци и кај новинарите-известувачи. Демонстрантите доставија петиција до министерската конференција на КЕБС, до дипломатско-конзуларните претставништва, до светските новински агенции, до редакциите на голем број весници и телевизиски куќи, со конкретни барања упатени на адресите на грчката и бугарската влада.


Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“


glas-za-vistinata

(Продолжува)

Киро Кипроски

Превземено од Нова Македонија

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.