|
||||
Искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден |
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија: Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден. Денот на Воскресението Христово - Велигден е најголемиот христијански празник. Овој светол ден е темелот на нашата вера. Се вели дека преку Христос, Бог се стави на наше место. Благодарение на Божјата саможртва на крстот, Божјата љубов кон човештвото победи над Божјиот гнев. Свесни дека таа цена е платена за секој човек независно од разликите што со себе ги носи, наша должност е да се однесуваме кон секој човек во согласност со неотуѓивото човечко достоинство. Како што големото помирување меѓу Бог и човештвото е основа за надежта во победата на животот над смртта, така и помирувањето во македонското општество треба да биде обновување на посветеноста кон нашата заедничка иднина. И со таква увереност да ја градиме нашата единствена заедничка татковина Република Македонија. Честитајќи Ви го најголемиот празник, Велигден, Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, мир и спокој. Христос Восресна! Навистина Воскресна! д-р Ѓорге Иванов |