|
||||
РУДНИ БОГАТСТВА ЗА КОИ НИКОЈ НЕ ЗБОРУВА: Огромни количини на ураниум кај Битола, берилиум во Прилеп, злато во јужна Македонија! |
Американската Централна разузнавачка служба – ЦИА неодамна објави илјадници тајни документи поврзани со Македонија и Југославија, пренесува инфомакс. Во еден од тие документи се крие тајната за наоѓалиштата за берилиум во Струмица и карпестите предели во близина на Прилеп. Уште во 1950 година ЦИА укажува дека Прилеп го поседува еден од најретките метали на планетата, кој поради своите специфични својства може да се користи во нуклеарната, аерокосмичката индустрија, како и во индустријата за телекомуникации. Берилиумот може да се користи во изработката на вселенски летала, проектили и сателити, поради тоа што се работи за многу лесен метал. Освен берилиум во Прилеп, во близина на Битола се наоѓа огромно наоѓалиште на ураниум, кое според ЦИА било најголемо во Југославија. „Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат диатомејска глиница (диатомејска земја). Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на оваа жичница се проценува на милион динари“, пишува во информацијата која е достапна за јавноста, но откако значителен дел од документот претходно бил избришан. Овој кус податок е најинтересното сознание од записите за рудните богатства на Македонија кои ЦИА ги има отворено за јавноста. Од другите македонски ресурси, ЦИА го нотирала постоењето на рудникот за злато Дудица кај Демир Капија, за кој забележува дека германските окупациски сили сакале да го експлоатираат во текот на Втората светска војна, а во времето на Југославија биле извршени пробни копови и се утврдило дека златната жила продолжува до границата со Грција. За рудникот за хром Цер во близината на Кичево записите во архивите на ЦИА се толку детални што е забележан не само капацитетот на рудникот и механизацијата со која рудникот располага, туку и имињата на тогашните управители Ристо Влахов и Иван Георгиевски, како и тоа дека германски воен заробеник по име Хојнц работи на одржување на механизацијата во рудникот. Документот, изработен во 1953 година, не содржи информација дали ЦИА имала некои планови во врска со овој рудник. ЦИА под ознаката доверливо, ги бележела имињата на управителите и на хидроцентралата Маврово, како и другите помали енергетски инсталации кои функционирале во педесетитте години во Македонија, како и имињата на раководството на градежната компанија Бетон. Документите можете да ги погледнете ТУКА. Превземено од Маркукуле.мк |