|
||||
Како да се запре миграцијата во странство |
Фото: Игор БансколиевКако да се запре миграцијата во странствоНашата држава не мисли за младите, троши големи суми пари да ги школува, а потоа не води грижа за нивно вработување и тие заминуваат во странство. Државата ни старее, а иднината е во младите, велат гостиварци
Птиците преселници (штркови, ластовици), со доаѓањето на пролета, пристигнаа во традиционалните места во Гостиварско, да ги минат летните месеци, ги обновија седелата и почнаа да живеат безгрижно. Меѓутоа, започна и традиционалната преселба на добар дел на жителите од поширокиот гостиварски регион, во западноевропските и во соседните држави. Ако во изминaтиве години беше зголемен бројот на емиграција на луѓето од селата и се празнеа, пролетва е регистрирано значително зголемено иселување од градот Гостивар. Ден низ ден, градот е сѐ попразен. Ова може да се констатира со прошетка низ гостиварските улици. Многу локали се затворени, а на излозите стојат натписи „се издава под кирија“ или „се продава“. Бутиците, продавниците за бела техника, за мебел, за обувки, маалските дуќанчиња, па и маркетите се празни или полупразни. Продавачите се загрижени. Промет нема. Се случува и тоа денови по ред фискалниот апарат да не отчука ниту едно ливче, да не е продаден ниту еден производ, или пак минимален промет, со кој не можат да се покријат ниту дневните режиски трошоци Продавницата за текстил се наоѓа на главната гостиварска улица, Илинденска, која почнува од градскиот плоштад во правец кон крстосницата со булеварот Гоце Делчев, најпрометна, најраздвижена, главниот крвоток на градот, гостиварци мора да минат по неа, а продавачите се жалат дека, и покрај поволните временски услови, движењето на луѓето значително е намалено, а со тоа и прометот. Тоа ни го потврдија и продавачите на злато и златен накит, продавачите на обувки, продавачите на трикотажа итн. Прометот во сите трговски и занаетчиски дуќани постојано се намалува, само затоа што гостиварци го напуштаат градот и заминуваат на печалба во странство. Порано во Гостивар работеа многу фабрики. Во нив беа вработени над 10.000 лица, кои беа голем потенцијал на Гостивар и никој во тие времиња не помислуваше да оди на печалба. Кога работниците од погоните ќе ја примеа платата, целиот град живееше. Денес сликата е сосема поинаква. Во Гостивар со децении не е изграден и даден во употреба производствен капацитет Во Гостивар со децении не е изграден и даден во употреба производствен капацитет во кој би се вработиле по неколку стотина лица, забележа Фарук, човек од чаршијата. Кога нема вработувања нормално дека младите и повозрасните ќе ја бараат егзистенцијата надвор од местото на живеење. Се чини дека горнополошките села пролетва се испразнија меѓу 20-30 отсто и ако се има предвид дека во последниве неколку години се иселија уште толку, селата со бројот на жителите се преполовени. Многу гостиварци што во последниве декади заминаа на печалба во Италија, Германија, Австрија, Швајцарија и во други држави во Европа успеаја да отворат градежни фирми, фабрики за производство на градежна и друга галантерија, маркети и слично, а со тоа им обезбедуваат работа на блиските роднини и пријатели и ги повлекуваат без проблеми. Лекари и медицински сестри што ги научија германскиот и италијанскиот јазик без проблеми се вработуваат во здравствени установи и како негувателки. Во Гостивар сѐ почесто се повторува народната поговорка еден оди сто води. Така, жителите од долнореканските села одат во Италија и во Германија, најчесто се вработуваат кај блиски роднини како градежни работници, во Италија во фабрики, во земјоделството и сточарство, во јадранското приморје во Хрватска и Словенија во слаткарски и угостителски објекти. Во Албанија, исто така, како угостители и слаткари итн. „Во тешка финансиска состојба се наоѓаме. Многу средства, што се вели од устата штедев, само да ги образовам двата сина. Во рекордно време со висок просек двајцата дипломираа, едниот на Земјоделскиот факултет, а другиот на Машинскиот факултет на скопскиот државен универзитет ’Св. Кирил и Методиј’. Две-три години се обидуваа да најдат вработувања со пристојни плати. Но не успеаја во тоа. Работеа со договор на дело во државни институции за 350 евра, договорите им истекоа, нови не склучија, во приватни фирми им понудија вработување за смешни 15.000 денари. Видоа-не видоа, одлучија и заминаа во странство. Пред извесно време едниот син замина во Холандија, а другиот во Германија. Два месеца се таму и се презадоволни од работата и примањата“, со чемер во душата, ми зборуваше Петре. „Тешко ми е. Останавме сами со жената во голема куќа, а планиравме тука да се оженат, да имаме внуци, да се радуваме и да живееме. Заминаа во непознати земји, беа принудени, беа без иднина и без пари. Нашата држава не мисли за младите, троши големи суми пари да ги школува, а потоа не води грижа за нивно вработување. Државата ни старее, иднината е во младите“, заклучи 68 годишниот занаетчија Петре, кој е во пензија, а одвреме-навреме подработува да го подобри стандардот. Пред транзицијата во Гостивар успешно работеа: фабриката за огноотпорни материјали „Силика“, мермерниот комбинат „Мермери“, текстилната фабрика „Готекс“, фабриката за производство на безалкални и стаклени влакна „ГЕС Гостивар“, детската конфекција „Декон“, пекарницата „Жито – Шар“, МЕГО „18 Ноември“, во долнореканскиот регион текстилните комбинати „Единство“ од Скудриње и „Братство“ од Ростуше, два погона на МЗТ Скопје, во селата Велебрдо и Жировница и други помали индустриски капацитети, а денес ниту еден од нив не е во погон. Фабричките хали се урнати, на нивно место се изградени станбени згради, маркети или складови за градежни материјали, односно зјапаат празни, руинирани, чекаат некој да се смилува и да ги активира. Во нив беа вработени над 10.000 лица, кои беа голем потенцијал на Гостивар и никој во тие времиња не помислуваше да оди на печалба. Кога работниците од погоните ќе ја примеа платата, целиот град живееше. Промет остваруваа сите и остваруваа добар профит. А денес сѐ е поинаку, во обратна насока, сѐ е замрено. Гостиварци се прашуваат до кога ќе тонат. Веројатно сѐ додека не почнат во целост да се исполнуваат политичките ветувања и почнат да се градат фабрики и да се отвори процес на вработување. Колку побрзо започне инвестицискиот циклус толку побрзо ќе заживее горнополошкиот регион, а со тоа ќе се намали миграцијата. А ако се создадат поволни услови, може да се случи повраток на татковите и дедовските огништа, во својот крај. |