Антонио Милошоски
ВМРО-ДПМНЕ мора да ја преиспита (не)ефикасноста на коалицијата "За подобра Македонија"
Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите 2016та донесе одлука за заеднички настап со 23 политички партии во предизборната коалиција "За подобра Македонија". Истото беше потврдено и пред локалните избори 2017та. Овие партиски одлуки сеуште се на сила, но во реалноста коалицијата "За подобра Македонија" е далеку од сплотеноста и ефикасноста за која беше создадена како заеднички повеќепартиски проект. Но ВМРО-ДПМНЕ мора да ја преиспита функционалноста на коалицијата како предуслов за утврдување на сопствениот партиски коалиционен капацитет. Добар број од коалициони партнери, како што се Сојузот на Ромите, ГРОМ, Демократската партија на Турците и други, добија многу повластици, логистичка поддршка и битни позиции во изминатите 10 години, најчесто на сметка на ВМРО-ДПМНЕ како водечка партија, но истите денес не возвраќаат со нивната основна обврска за опозициска солидарност и заедничко делување согласно принципите на коалицијата. Недефинирана е и поставеноста на Социјалистичката партија, додека пак Титовите леви сили, освен за подбив, тешко се корисни за друга улога. Демократската партија на Србите во последно време е радо виден гостин во Москва, но дали тоа е во склад со определбите на ВМРО-ДПМНЕ е тема за сериозна размисла од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие партии имаат свои пратеници, советници или други раководни позиции на различни нивоа, со или без кои значително се менуваат ресурсите за опозициони политичко делување на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа партијата веќе нема простор и не смее повеќе да чека, туку има обврска да превземе неколку сериозни чекори: 1. Билатерални средби со раководствата на сите коалициони партии, особено со наведените, каде ќе се расчисти дали сме и со кого сеуште ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција ; и кои се причините, доколку коалициониот брак веќе не функционира. 2. Извештај од сите Општински комитети за состојбата на коалицијата на локално ниво и за дејствувањето на коалиционите советници/ функционери во или без координација со ВМРО-ДПМНЕ. 3. Извештај од пратеничката група во Собранието за заедничкото или одвоеното функционирање на пратениците од коалиционите партии. 4. Свикување на ЦК и утврдување на фактичката состојба на коалицијата "За подобра Македонија" и носење соодветни одлуки за редефинирање или распуштање на истата. 5. Утврдување на одговорност за новонастанатата состојба; дали тоа се должи на погрешни потези на ВМРО-ДПМНЕ или на несоодветни дејствија на коалиционите партнери или како резултат на други влијанија (притисоци и уцени од власта, смена на партиските водство и политики и сл.), за да може да се извлечат заклучоци и поуки за основите и потребата за коалицирање или некоалицирање со некои партии во иднина. 6. Дали и кои коалициони партнери ќе го поддржат "мајскиот" митинг во Јуни, со колку капацитет и членство, и кој претседател од овие партии ќе се обрати на истиот? И на крај моето скромно мислење, поздраво за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде прво да се распушти коалицијата "За подобра Македонија" и да се почне од ново, или истата драстично да се редуцира. И второ, ВМРО ДПМНЕ треба да ја поддржи идејата за една изборна единица и на тој начин како носечка партија да се ослободи од нужноста да влече во коалицијата партии кои не се релевантни, а преку поголемите партии стануваат некои фактори во Собранието или во советите. Со една изборна единица нема да има голема потреба од предизборни коалиции, секоја партија ќе може да се измери колку и тежи довербата, а потоа во Собрание да се коалицира на основа на програми и интереси, наместо после избори да се менуваат коалициски дресови и на тој начин да се изигрува вољата на гласачите.
|