Сабота, 30 Јуни 2018    PDF Печати Е-пошта
Француска врска

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev (Getty Images/AFP/L. Marin)

Француска врска

Стравот од популистички кошмар на наредните европски избори покажува колку политиката може да биде променлива. Од Македонија се бараше договор за името и сега, откако дојде, се прават опструкции во најлош можен момент.

„Тоа беше тешко раѓање“, изјави германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, по завршувањето на драматичните десетчасовни разговори на европските министри во Луксембург, откако беше усвоен заклучокот дека на Македонија и на Албанија им е отворен патот за преговори со ЕУ, но нивното досие ќе биде повторно разгледано на 19 јуни идната година. Европските медиуми јавија дека „ЕУ ги одложи преговорите со Македонија и Албанија“. Премиерот Зоран Заев самоуверено порача дека „Македонија доби чист датум за почеток на преговори“ и најави дека околу 20 јули еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ќе дојде во Скопје за да започне процесот на скрининг.

Се разбира дека е можно секој да ги чита различно заклучоците на европските министри. Особено кога ќе бидат спакувани во неверојатно заплетканиот бриселски вординг. Датум има, но за датумот повторно ќе се разговара и ќе се преоценува.

Компромисот за името е клучен за ЕУ и НАТО

Земјите на ЕУ жестоко се расправаат за имигрантската политика, за субвенциите, за распределбата на буџетот, за заштитата на еврото, за поголема или помала федерализација – тоа е дел од непрекината внатрешна битка. Но кога министрите ќе влезат во горчлива дебата за тоа дали на две мали земји од Западен Балкан да им се определи датум за почеток на преговори, очигледно дека работата е поголема, или посебична, од европската иднина на Македонија и Албанија. „Тоа е крвава битка“, изјави еден европски дипломат за „ЕУ обсервер“, опишувајќи го расположението и стресниот тек на дебатата.

Овој состанок во Луксембург на извонреден начин покажа колку може политиката да биде променлива, па дури и превртлива. Во една парадоксална ситуација, грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, беше еден од најголемите бранители на македонските интереси меѓу колегите. Европските извори велат дека тој имал емоционален повик во кој аргументирал дека ЕУ мора да оди напред со проширувањето за да спречи Балканот да не се врати назад од прогресот кој е веќе постигнат. „Објаснив дека за геополитичката и геостратегиската ситуација во регионот е потребна помош, повеќе отколку одложување, за двете земји. Објаснив дека внатрешната ситуација во двете земји има потреба од стабилност и безбедност, а не нови проблеми“. До пред само неколку месеци, или уште подобро речено, до пред неколку недели, Атина беше таа што објаснуваше колку е невозможно Македонија да добие датум за преговори затоа што не ги решила проблемите со соседите, колку е на ниска точка владеењето на правото или нејзините административни капацитети. Но политиката е таква, една фешта во Преспа, еден гигантски чекор да се склучи договор за името меѓу двете земји – и од противник добиваш поддржувач.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Јадрото на отпорот

Лондонски „Економист“ по состанокот во Луксембург напиша дека „македонските реформисти проголтаа тежок договор со Грција. Сега ним им е потребна европска помош“. Тоа е извонредно објаснување во две реченици и за политичката жртва која ја направија премиерот и неговите министри, но и за европската награда која треба да се дава на рати. Неколку месеци наназад се знаеше дека јадрото на отпорот е во Франција, во амбициите на претседателот Емануел Макрон да стане лидер на Европа, и во неговите стравови од пораст на крајната десница пред европските избори идната пролет. Прашањето беше кон кои европски метрополи ќе се прошири француската врска. Нон-пејперот од мај покажа дека на таа трансверзала е Холандија, а и Данска. А и уште некои други. Стравот од имигрантите кој се шири низ Европа (иако нивниот број последнава година е драматично намален) ги обликува политиките на владите. Тие ги сецираат надежите на Македонија, зборувајќи за целосно исполнување на критериумите, а мислат како да им се додворат на гласачите преку популистичката одбрана на сопствените држави од можното ново имигрантско цунами. Во таа француска врска ставовите се менуваат од час во час.

Пред почетокот на министерскиот состанок Заев беше во Виена на средба со канцеларот Себастијан Курц (новиот предводник што го носи популистичкиот штит) од каде двајцата повикаа Макрон да го омекне ставот кон македонското членство во ЕУ. По состанокот во Луксембург австрискиот министер за ЕУ, Гернот Блумел, изјави дека побарал Европската комисија да го подготви теренот за отворање преговори за приклучување, „но, се разбира, доколку одредени услови бидат исполнети“. Тој не ги повтори зборовите на канцеларот за попуштање на тврдата француска политика, туку за „натамошни видливи и одржливи резултати“ во реформите на судството, борбата против корупцијата, јавната администрација. Австрија го презема претседателството со ЕУ од 1 јули.

Стеф Блок, холандскиот министер за надворешни работи, пред почетокот на состанокот изјави дека Македонија направила „важен прогрес“. А потоа зборуваше дека неговата влада „ќе ги гледа многу внимателно наодите на ЕК“. Тој изјави дека „се надева оти приклучувањето ќе биде возможно еден ден“. А пред да се случи тоа, сака да види напредок во владеењето на правото и битката против корупцијата. „Овие две прашања се екстремно важни“, им изјави Блок на новинарите. Зарем некој рекол дека не се важни и зарем една фрагилна и сиромашна демократија може да ги направи сама?

Балканскиот експерт од Лондонската школа за економија, Џејмс Кер-Линдзи, на оваа реторика на Париз и Хаг одговори со гневно прашање на социјалните медиуми: „Каква игра играат Франција и Холандија? На договорот за името на Македонија му е потребна најголема можна поддршка, а ова е навистина најлошиот можен момент да се биде опструкционист. И тие мора да го знаат тоа. Ужасно однесување“.

Вечноста и отаде неа

Ужасно – неужасно, тоа е во стратегијата и на Макрон и на холандскиот премиер Марк Руте пред европските избори. Договорот за името беше најголемиот адут за Македонија (тоа помогна да се омекнат ставовите на многу сомничави земји-членки), но изгледа дека Франција и Холандија имаа уште порано донесена одлука. На самитот на ЕУ – Западен Балкан во Софија, Макрон настојуваше да биде што е можно повоздржан, па го изјави ова: „Јас поддржувам земјите од Западен Балкан да имаат засилен стратешки дијалог и перспектива, дека ги следиме реформите што се преземаат и дека ги охрабруваме – но да не бидеме невнимателни и лицемерни“.

Дали беше лицемерно она што Макрон го кажа за време на својот „голем говор“ лани во септември на Сорбона, целосно посветен на Европа. Тој тогаш рече: „Вистинското прашање овде е единството. Европското единство е нашиот најголем успех и најскапоцена вредност. Тоа е битка за единство што јас сакам да ја водам. Ние никогаш нема да имаме силна, суверена Европа ако таа не е обединета и кохерентна во себе. Ако го загубиме тоа единство ние ризикуваме да паднеме назад во нашите смртоносни поделби и деструктивна хегемонија“.

Belgien - EU-Gipfel in Brüssel - Kurz und Marcon (picture alliance/dpa/BELGA/C. Licoppe)

Себастијан Курц и Емануел Макрон на самитот на ЕУ во Брисел (28.06.2018)

Дали во тоа европско единство нема место за Македонија? Или треба да чека уште десет години за да стане дел од тоа единство, кое дотогаш може да се распарчи. Има еден парадокс со времето – ако во најдобар случај Македонија ги заврши преговорите со ЕУ во 2025 година ќе поминат 35 години од нејзината независност. Тоа е огромен период, цела една ера во чекање и пропуштени можности најмногу благодарение на неспособните домашни политички елити. Тоа еднакво на времето во кое Тито ја водеше Југославија по војната – цели 35 години. Тој период изгледаше како вечност, ова чекање наликува на повеќе од вечност.

Шифрата за оваа француска врска е во европските избори идната година. Емануел Макрон од нив сака да излезе како европски лидер со тоа што преку неговата партија и можните транснационални листи ќе го поткопа влијанието на двете најголеми парламентарни групи, народните партии и социјалистите. На ланските избори тој однесе голема победа над крајните десничари од Националниот фронт. Но популистичкиот појас што се формира од Италија, преку Баварија, Австрија, Унгарија до Полска е опасност за неговиот либерализам. Па затоа, треба да се бараат сојузници, ако веќе не може да се смета на ослабената Ангела Меркел. „Добриот популист“ (како што самиот се оквалификува) конзервативниот либерал Марк Руте се појавува на таа оска, како и десничарскиот либерал, премиерот на Данска, Ларс Локе Расмусен.

https://www.dw.com/mk/%D1%84%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%86%D1%83%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%B2%D1%80%D1%81%D0%BA%D0%B0/a-44467570?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.