|
||||
Вашите барања се и мои барања, вашите очекувања се и мои очекувања, вашите одлуки се и мои одлуки |
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод 2 Август – Илинден: Почитувани граѓани на Република Македонија, Годинава, на ден Илинден одбележуваме 115 години од славната Крушевска Република, 74 години од државотворниот АСНОМ и 27 години од независнoста на Република Македонија. Република Македонија е плод на неповратниот историски процес што започна со пролетта на европските народи во првата половина на 19 век. Но, таа пролет кај македонскиот народ беше поинаква. Додека соседните балкански народи преку монархии градеа независни држави, Македонскиот народ го избра патот на републиката. За разлика од оние кои повикувале странски династии да ги заштитуваат и претставуваат, Македонскиот народ сам си ги давал своите заштитници, застапници и херои кои се бореле за општото добро - за res publica. Водени од тој идеал, на ден Илинден 1903-та тука во Крушево, тие ја формираа првата македонска република – Крушевската Република. Тоа е воедно и првата демократска република на Балканот која ги вклучи идеалите на слободата од тиранијата, еднаквоста пред законот и братството меѓу народот на Македонија. Иако краткотрајна, Крушевската Република внесе светлина во долгата и темна македонска ноќ. Иако само за миг го огреа таа светлина на слободата, народот повеќе не сакаше да се врати назад во темнината на ропството и тиранијата. Слободата на Републиката стана негова трајна идеја-водилка. За Илинден и за славното Крушево пишуваа сите светски медиуми. Сведоштвото за тој сон се пренесуваше низ сите светски метрополи, од Њујорк, Москва, Токио, Виена, Берлин, Лондон, Париз дури и до земјите на Латинска Америка. Рефлектирајќи врз тие судбоносни настани, Димо Хаџи Димов во 1924-та ќе прорекне дека „народот што можеше да даде едно Илинденско востание и да преживее цел синџир тешки и горчливи разочарувања по него, но кој, пак, не е очаен, ами се крева на нови борби, тој народ нема да умре, туку ќе го доживее триумфот на својот идеал. Доволно е само да не си ги затвора очите пред условите во кои се развиваше во минатото и во кои ќе се развива во иднината неговото ослободително дело.“ Само 20-тина години подоцна, една млада генерација предводена од Кузман Јософовски Питу ги препозна условите и ја презеде на себе историската одговорност; одговорност да го поведе народот во организирана и решавачка борба за политичка слобода и социјална правда. И повторно, идеја – водилка на таа славна генерација беше македонскиот републиканизам. Затоа, излегувајќи како победник над фашизмот и нацизмот од Втората светска војна, македонскиот народ на ден Илинден 1944-та, ја формираше својата втора македонска република – АСНОМ-ската Република Македонија. Верен на републиканскиот идеал, на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ ја прогласи својата трета независна Република Македонија. Народот по трет и конечен пат ја презеде одговорноста за нејзината сегашност и иднина на самиот себе, без повеќе да се потпира на други. Драги сограѓани, За да ја разбереме историската одговорност на народот кон својата република неопходно е да се вратиме на изворот, каде што водата е најбистра. Во 1919 година, македонските студенти во Софија побарале од Ѓорчета Петров да одржи беседа на гробот на Гоце Делчев. Тие најверојатно очекувале да го чујат веќе познатиот наратив дека Делчев бил алфа и омега на револуционерна Македонија. Но, Ѓорче им кажал нешто друго. Гоце верувал дека не силните индивидуи, туку организираната сила на народот треба да ја изнесе борбата на своите плешки. Делчевата генерација кај народот ја вгнездила верата во сопствените сили, бидејќи ропството исчезнува тогаш кога робот престанува да биде роб во душата. Ѓорче им рекол дека македонското ослободително дело е историска неопходност што не се должи само на поединци, туку на колективната волја на населението во Македонија. Тој бил убеден дека „идејата за самостојна Македонија е директна цел на нејзиното население“ на нејзиниот македонски народ. Оваа цел за самостојна Македонија започна да се реализира на нашиот прв Илинден, во нашата прва република - Крушевската Република создадена заради правдата, слободата и човечкиот живот на нејзините граѓани. И оваа благородна цел продолжи да се развива на нашиот втор Илинден, во нашата втора АСНОМ-ска Република Македонија која стана симбол на слободата и изразител на суверенитетот на македонскиот народ. И токму оваа цел беше конечно заокружена на нашиот трет Илинден, кога на 8 септември 1991-та од суверената волја на македонскиот народ се роди суверената македонска држава. Нишката што ги поврзува трите наши македонски републики е суверенета волја на македонскиот народ.Таа суверена, општа волја на македонскиот народ секогаш била изразена во општото добро - во републиката. Драги сограѓани, Македонскиот народ секогаш ги сакал своите републики. Со носталгија се сеќавал на претходната, и со надеж ја очекувал наредната. Бидејќи само во Републиката која е негова, која е израз на неговата волја и на неговиот стремеж, народот можел да се чувствува дека е свој на своето. И тоа не треба да не чуди, бидејќи највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. И само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни. Но македонскиот народ не сакал каква било држава, туку ја сакал онаа најправедната, најслободната, најпрогресивната. Ја сакал својата република, бидејќи токму таа го штитела од нечовечните деспотии, тирании и автократии. Македонскиот народ ја сакал Републиката како највисок идеал на сите слободољубиви народи. Републиката што го штити општото добро. А општото добро е работа на народот – и токму тоа е суштината на концептот res publica res populi. Републиката е на народот, бидејќи од него извира сувереноста и во него се слева сувереноста. Република Македонија не е приватна сопственост та некој да тргува со неа, со нејзините атрибути и вредности. Република Македонија не е личен имот та некој да ја распродава. Република Македонија не е ничија земја, та секој да ја присвојува. Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал. А тој народ освен што полага историско право на својата Република, истовремено има историска одговорност кон таа своја Република. Бидејќи ниту една генерација, вклучително и нашата генерација, не може да тврди дека со неа започнува се. Нацијата, државата, Републиката се создавани и градени од многу генерации. Кај едни се родила како идеја што им ја греела душата а други се бореле и избориле за остварување на таа идеја. Трети пак, работеле на нејзино надградување. И сите тие генерации се вградени во нашата единствена татковина Република Македонија. Што друго е македонската традиција ако не демократија развлечена низ времето, демократија која им дава право на глас и на нашите предци. На преродбениците и Илинденците, на антифашистите и АСНОМ-ците, на граѓаните основоположници на суверена и независна Република Македонија. Но зошто, зошто наместо само една, сме имале дури три републики? Зошто сме ги губеле нашите републики, за да мора потоа одново да ги создаваме? Верувам дека причината лежи во една ненаучена лекција што постојано ни се повторува. Во 1903-та била донесена одлука за подигнување на Илинденското востание. Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Хаџи Димов и други сонцељубиви револуционери категорички се спротивставиле на избрзаната одлука за прерано кревање на востанието, бидејќи народот се уште не бил подготвен. Но, наместо да бидат послушани, тие биле игнорирани и заобиколени. За кратко време Крушево било разрушено а востанието крваво задушено. Настапило ново, потешко ропство, нова и потешка тиранија. Во 1945-та, непосредно по првото заседание на АСНОМ се правеле обиди одлуките за нас да се носат без нас. Ченто, Брашнаров, Чучков, Шатев, Полежиновски, Влахов и многу други патриоти се спротивставиле на едноумието на Комунистичката партија бидејќи цврсто верувале дека ние можеме да бидеме свои на своето. Но, наместо да бидат послушани, нивните гласови биле задушени. Во 1998-та, една претходна Влада на Република Македонија донесе одлука да го признае Тајван, и покрај спротивставувањето на претседателот на Републиката. Во ситуација во која сите механизми на системот беа ставени на страна, претседателот Глигоров потсети дека законите на Републиката се напишани за да се почитуваат, институциите се поставени да соработуваат, но и да вршат контрола едни над други и да не дозволуваат да се појавуваат грешки. Преку владеењето на правото Републиката има воспоставено законски механизми за да може да ја остварува својата суштина – а тоа е да се грижи за општото добро на граѓаните. Но, наместо да биде послушан, Глигоров беше игнориран и заобиколен. Онака како што денес, 20 години подоцна, оваа Влада се обидува да ме заобиколи мене. Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот договор е резултат на славољубие. Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ. Ако со тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план, со грчкиот договор се редефинира самата наша држава. Почитувани сограѓани, Се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство. „Насилството, рекол Солженицин, нема со што друго да се покрие, освен со лага, а лагата нема на што да се потпре, освен на насилство. Штом некој ќе го прогласи насилството за свој метод, мора незапирливо да ја бира лагата како свој принцип.“ Лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет. Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27 годишната историјата на независната македонска држава. Лага е дека со овој грчки договор се гарантира членство во Европската Унија и НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентализам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој не уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја. Лага е дека со овој договор конечно ќе сме станале рамноправен субјект со тоа што Грција ќе не признаела. Напротив, не само што се деградираат нашите стекнати права во Обединетите нации, туку спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република. И конечно, лага е дека со овој грчки договор се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ. Многупати се обидувале да ни накалемат некаков туѓ идентитет, но сепак не успеале, бидејќи нашето постоење не зависи од нив туку од самите нас. Затоа, сега не убедуваат сами себе да си се укинеме. Затоа, сега сакаат да го убедат македонскиот народ да изврши правно и историско самоубиство. Бидејќи од суверената волја на македонскиот народ извира и суверената македонска република. Без македонскиот народ, општото добро ќе биде сведено на ничие добро, кое секој ќе може да го разграбува и разнебитува. Без македонскиот народ, македонската република станува ничија земја. Бидејќи без македонскиот народ нема македонска република. За возврат на тоа ни е ветен просперитет, но по цена на нашиот идентитет. А јас се прашувам, каков ли е тој просперитет без идентитет, без слобода да се наречеме според нашето сопствено име? Вината за ваквата состојба не можеме да ја бараме ниту во нашиот јужен сосед, ниту во европските и евроатлантски партнери. Бидејќи ниту ирационалната параноја на првиот, ниту студениот прагматизам на вторите не можат да не променат. Каде е тогаш вината? Знаејќи какво е семето, Мисирков уште пред 115 години посочил каков ќе биде плодот. Тој речиси пророчки не предупредува за ова кобна македонска одлика и вели: „Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи дека постапуваме правилно.“ Затоа и авторот на последниот македонски манифест, оној што предмалку го чувме, прашувајќи кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината, без тронка задршка одговара – „Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.“ Затоа, лекцијата што постојано ни се повторува бидејќи никако да ја научиме е следната: најголемите национални катастрофи на Македонија и се случувале тогаш кога е заобиколувана општата волја и кога е напуштан националниот консензус. Републиката постои за да го заштити општото добро од секој оној што ќе посака да го присвои само за себе. Смислата на републиканските механизми е да ја спречат злоупотребата на власта за тесни лични и партиски интереси. Секогаш кога тесните лични и партиски интереси го завземаат местото на трајните интереси на Републиката се завршувало со национална катастрофа. Драги сограѓани, Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба. „Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“, предупреди Блаже Конески. А дали со штетниот грчки договор сега ние сами, доброволно им го даваме името? Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет. Затоа, не го прифаќам грчкиот договор кој е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци. Останувам доследен на мојот принципиелен став. Истовремено, повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија. Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми, Почитувани христијани, муслимани, Евреи, атеисти, Еден од столбовите на македонската република е и македонскиот јазик. Република Македонија и овозможува на секоја заедница да го користи својот јазик во сите сфери и на сите нивоа во согласност со Уставот. Република Македонија е задничка татковина на сите нејзини граѓани. Ние се гордееме што имаме 68 години од Албанскиот и Турскиот театар во Република Македонија. Имаме богата издавачка дејност и на Албански, Турски, Српски, Влашки, Ромски, Бошњачки... Дали друга Балканска држава може да се пофали со таква традиција на меѓусебно почитување на која можат да ни позавидат и многу европски држави. Но, ваквото единство на различноста е возможно благодарение на македонскиот јазик што ја има незаменливата улога на официјален јазик на државата, основен комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството. Македонскиот јазик е lingua franga благодарение на кој припадник на една едничка заедница се разбира со припадниците на другите етнички заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик. Драги сограѓани, До сега зборувавме за придобивките на Републиката. Но, што остана од сето тоа? Што би кажале нашите преродбеници и револуционери за она што ни го оставија во наследство? Сте се запрашале ли што би рекол Карев за состојбата на нашата Република? Дали и Македониумот во кој е погребан ќе го преименуваме? Што би рекле Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров за идеалот на револуцијата? Залудно ли ни ја враќаа вербата во сопствените сили? Што би рекол Димо Хаџи Димов, кој не упати постојано да чекориме кон нови и славни Илиндени, кои ќе ја усовршуваат македонската слобода, државност, независност? Дали ги зачувавме тие придобивки? Што би рекол Прличев, кој ни го остави тројниот завет да се познаеме себеси, да се почитуваме себе си, и да се чуваме себе си со тоа што ќе ја чуваме татковината? Сте се запрашале ли што би кажал Мисирков, кој го издигна македонскиот јазик како основен белег на македонскиот народ, како непобитен факт за нашата самобитност? Што би рекол Конески, кој заклучи дека „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина.“ Што би рекол тој за лажните пророци кои ја урнисуваат таа наша идеална татковина? Што би рекол Рацин за овие темни мугри што надвиснале над нас? Што би рекол Вапцаров кој не учеше како самосвесно да си ја сакаме татковината, и тоа без протекторати? Што би рекол Гане Тодоровски кој во едно слично време-невреме запраша „ќе не има ли тогаш кога ќе не нема – ако не немаше токму тогаш кога требаше да не има?“ Што би рекле Кузман Јосифовски – Питу и АСНОМ-ците, од чии дела и зборови сега се одрекнуваме, чиј манифест, сега слушам, ќе сме го цензурирале? Што би рекол Ченто, првиот претседател на втората АСНОМ-ска Република Македонија која ни ја остави за да ја пазиме како зеницата во окото? Што би рекол Борис Трајковски, кој на 100-годишнината од Илинден, тука, од ова исто место потенцираше дека во Европа не се влегува без идентитет и достоинство? И конечно, што би рекол Киро Глигоров кој не потсети дека нашата независна македонска република е нешто најскапо што го имаме, бидејќи Македонија е се што имаме? Оваа година целиот свет ќе го слави 70 годишниот јубилеј од донесувањето на Универзалната декларација на човековите права. За правата запишани во таа Универзална декларација се бореа и Илинденците, и АСНОМ-ците и сите ние како современи македонски граѓани на нашиот заеднички дом – Европа. Како конституивен дел на југословенската федерација, Република Македонија учествуваше во создавањето на таа Универзална декларација. Дали денес ние сами ќе се избришиме од тековите на светската историја? Почитувани сограѓани, Денес, во овој нов свет, Републиката не е само тука и не е само сега. Републиката се протега до таму до каде што допира светлината на Илинденскиот факел. Од Крушевската, преку АСНОМ-ската, па се до нашата независна Република Македонија. Таа република живее во срцата на секој чесен Македонец и на секоја чесна Македонка, на секој чесен македонски граѓанин, каде и да се наоѓа. Затоа Илинден е ден кога доаѓа и светлината која не осветлува, но и громовите кои не предупредуваат. Не предупредуваат дека за да се живее живот во светлина потребна е пожртвуваност. Како што Илинденците со својата жртва го подготвија патот за партизаните, и како што партизаните со својата жртва го отворија патот за нашата генерација во Република Македонија, така, и нашата жртва е некогаш неопходна за да опстои тој дух на републиката. Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци. На тоа не потсетуваат и нашите манифести како израз на нашата општа волја и нашиот национален консензус. Денес, тој наш консензус е недвосмислен. Македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Но, таму сакаме со нашето име, со нашиот идентитет, со нашето достоинство и нашата чест. Затоа, ниту еден политичар нема мандат да тргува со идентитетот на македонскиот народ. Како Претседател на Република Македонија, јас сум само гласот на народот. Вашите барања се и мои барања, вашите очекувања се и мои очекувања, вашите одлуки се и мои одлуки. Вие имате легитимно право да се грижите и да ја чувате својата Република. Иднината на вашата, на нашата Република Македонија ја градите со секој ваш став во однос на секое прашање за Републиката. Историјата ќе суди за тие што го следеле патот, го исполнувале заветот и не се откажувале од светлината на Илинден, светлина која многумина се обидувале да ја попречат за да не стигне до идните поколенија. Големите потреби раѓаат и големи надежи. Денес, повеќе од кога и да е претходно, судбината на независна Република Македонија е во рацете на самите Македонци и нивната историска обврска. Верувам дека нашиот народ е доволно зрел и мудар да ја одбере својата судбина и да ја одбрани својата Република. Бидејќи народот треба да се грижи за Републиката што ја создал. Ја создал, и истовремено подал рака на соживот кон своите вечни сотатковинци, кои иако зборуваат различни јазици и се именуваат со различни имиња, сепак се синови и ќерки на нашата единствена заедничка независна Република Македонија. Бидејќи македонскиот републиканизам исклучува секаков шовинизам. Затоа, да си ја сакаме, да си ја почитува и да си ја чуваме независна Република Македонија, за и таа да не чува од бурите на денешницата. Бидејќи немаме ништо повредно од тоа. За многу години Илинден! Нека ни е вековита слободата, независноста и сувереноста! Да живее Република Македонија! |