|
||||
| Мицкоски: Македонија избра насока, избра вредности |
|
Мицкоски: Македонија избра насока, избра вредности „Ви ветивме победа – и имаме победа! Вечерва Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности, работа и чесност. Но ова не е крајот – ова е почетокот на новата македонска енергија: мирна, одлучна и праведна.“ Мицкоски нагласи дека граѓаните гласале за вистината дека може подобро, за идејата дека трудот и чесноста носат резултати. „Довербата не е награда – таа е обврска што почнува утре. Со секој нов ден, со секоја улица, училиште, фабрика и болница што ќе ја направиме. Нашата вистинска победа ќе биде кога секој човек ќе каже: Да, вредеше!“ Победа во над триесет општини уште во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ победи убедливо уште во првиот круг во повеќе од триесет општини, меѓу кои: Струмица, Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Охрид, Велес, Радовиш, Ресен, Ѓорче Петров, Гази Баба, Бутел, Кисела Вода, Илинден, Свети Николе, Делчево, Берово, Гевгелија, Карбинци, Демир Хисар, Новаци, Градско, Петровец и Јегуновце. По дваесет години, паднаа општини кои долги години беа бастиони на СДСМ. Во Скопје, Орце Ѓорѓиевски има огромно водство и извесно е дека ќе победи и во вториот круг. Порака за ДУИ и опозицијата: „Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков: полека, ќе бидеш непријатно изненаден. И тоа се случи. Овие избори ја поразија политиката на етноцентризам и празни теми. Народот избра реални политики, работа и иднина.“ Мицкоски порача дека опозицијата мора да се реформира – не послушна, туку способна, чесна и фокусирана на реалните проблеми на граѓаните. Пред нас се уште две недели – време на одлука „Ова не е време за калкулации, ниту за поделби. Нема мали и големи општини. Постојат само граѓани кои сакаат достоинствен живот и чиста совест.“ Во следните две недели, Мицкоски најави директна комуникација со народот: „Ќе одиме од човек до човек, од куќа до куќа – не за да убедуваме, туку за да потсетуваме дека оваа држава е наша и никој нема право повторно да ја врати назад.“ Повикување на единство и масовност „На вториот круг излезете сите масовно – со иста сила, вера и љубов како денес. Да ја потврдиме промената и да ја заокружиме победата. Македонија има сила, има луѓе и има волја. И кога тие три нешта ќе се соединат – нема сила што може да ја сопре Татковината!“ „Ви благодарам, народе на Македонија. Заедно испишуваме историја. Да сте живи и здрави!“ |





















