|
||||
| Кога Америка се повлекува, државите мора да созреат |
|
Националната стратегија за безбедност на САД за 2026 година не е само уште еден бирократски документ. Таа е отворена порака дека времето на автоматска заштита и глобално туторство завршува. Америка повеќе не сака да биде гарант за стабилност на секој регион, секоја криза и секоја недовршена држава. Таа се враќа кон себеси, кон јасно дефиниран национален интерес. За Европа ова е предупредување. За Балканот аларм. За Македонија тест на државност. Во делот посветен на Европа, стратегијата не зборува за безусловна одбрана, туку за „поддршка Европа да ја обнови својата самодоверба и западниот идентитет“. Преведено на политички јазик: Европа треба да почне сама да се брани и физички и вредносно. Америка нема да исчезне, но нема ниту да носи товар што самата Европа со години го избегнува. Западен Балкан, очекувано, останува на маргините. Не затоа што е стабилен, туку затоа што повеќе не е приоритет. Тоа е опасна комбинација. Регион со нерешени конфликти, слаби институции и силни надворешни влијанија, во момент кога големите сили го намалуваат директното присуство. Историјата нè учи дека вакуумите ретко остануваат празни. Македонија формално е безбедна членка на НАТО, партнер на Западот, дел од евроатлантската архитектура. Но суштински, таа е поизложена од кога било. Затоа што во новата реалност нема „телефон од Вашингтон“ за секоја криза, нема арбитер за секој спор со соседите и нема толеранција за држави што живеат од туѓа заштита, а дома немаат функционален систем. Тука доаѓаме до домашната политика. Центар-десните политички актери имаат историска шанса но и обврска. NSS 2025 им ја одзема удобната позиција на слепа доверба во надворешни фактори и ги принудува да зборуваат за она што со години се избегнуваше: суверенитет, државен капацитет, безбедност и одговорност. Про-западноста повеќе не значи послушност, туку зрелост. Времето кога можеше да се владее со празна реторика и туѓи ветувања завршува. Во свет во кој и САД отворено велат дека нема да спасуваат држави од нив самите, опстануваат само оние што знаат што се, каде одат и како се бранат — институционално, политички и вредносно. NSS 2025 не е закана. Таа е огледало. Прашањето е дали сме подготвени да се погледнеме во него. |





















