|
||||
| Брисел, дали се слушаме? Урсула фон дер Лајен, во твојата Унија се забранува пеење на македонски јазик! |
|
Европска комисијо, госпоѓо Урсула фон дер Лајен, ова не е периферен инцидент, ниту „локално недоразбирање“. Ова е директен удар врз темелните вредности на Европската Унија, и се случува под ваш мандат. Во Европската Унија на хартија сите малцинства се еднакви. Во Лерин (Флорина), во декември 2025 година, во држава членка на ЕУ и НАТО, локална власт со еден потпис направи нешто што Унијата тврди дека е незамисливо: забрани пеење на народна песна на македонски јазик. Не говор на омраза. Не политички митинг. Песна. Народна. Македонска. Настапот на групата „Ендопика“ на празничната прослава на Коледе беше претворен во понижувачка фарса. Песната „Софка на татко“ смеела да се изведе само инструментално – без зборови, без глас, без идентитет. Зошто? Затоа што зборовите биле на македонски. Госпоѓо фон дер Лајен, да бидеме кристално јасни: ова не е културна политика – ова е етничка цензура. Вакво нешто не би поминало во ниту една друга држава членка. Само во Грција – земја која се нарекува лулка на демократијата, а се плаши од песна. -Во Шпанија, Каталонците слободно пеат и го користат својот јазик. Само македонскиот јазик во Грција – членка на Унијата што вие ја претставувате – мора да молчи. Активистот Павле Васкопулос со години предупредува дека притисоците врз Македонците во Леринско, Костурско и Воденско се системска политика, а не инциденти. Луѓето што го зборуваат својот јазик се жигосуваат како „скопски агенти“. Како е можно, Европска комисијо, Ромите, Турците, Албанците, Србите и Бошњаците да бидат заштитени со европски механизми во Македонија, а Македонците во Грција да се третираат како безбедносен проблем? Ова не е случајност. Ова е двоен аршин, и тоа брутален. Да беше забранета ромска песна во Македонија – ќе реагиравте. Госпоѓо фон дер Лајен, молкот не е неутрален. Молкот е соучесништво. Иронијата е сурова: Грција со децении тврдеше дека „македонско малцинство не постои“. Ако не постои – зошто тогаш се забранува неговиот јазик? Зошто една песна создава институционален страв? Зошто се применува цензура врз нешто што „не постои“? Ова е старата политика на негирање: прво тврдиш дека проблемот не постои, а потоа со сила го докажуваш неговото постоење. Ова повеќе не е само грчки проблем. Ова е ваш проблем, Европска комисијо. Зашто ако во Европската Унија е дозволено да се забранува јазик, тогаш Повелбата за основни права е празен документ. Македонците во Грција не бараат привилегии. Бараат она што Унијата го ветува на сите: право на глас, право на јазик и право да постојат без страв. И сега, госпоѓо фон дер Лајен, Европо, Бриселу, вие сте на потег. Ќе ги браните сопствените вредности и ќе покажете дека Европската Унија навистина е демократска заедница на еднакви народи и јазици – или со молкот и двојните аршини ќе докажете дека ЕУ не е демократска Унија, туку Унија што применува двојни стандарди.
|






















