|
||||
| Возот браќа почува да се враќа назад во Македонија! |
|
Во минатото се пееше песната „Возот, браќа, тргнува право за Германија“. Погрешните и штетни политики на СДС и ДУИ ја претворија Македонија во земја од која се бега. Не заминуваа само поединци. заминуваа цели семејства, цели генерации. И не заминуваа сите затоа што немаше работа или затоа што сите сонуваа за луксуз. Заминуваа од безнадежност. Од неправда. Од чувство дека во сопствената татковина нема иднина за чесниот човек. Но денес, Македонија се буди. Денес, неправдите полека, но сигурно се исправаат. И затоа сè повеќе наши иселеници не само што размислуваат, туку веќе и се враќаат дома. Не затоа што таму не успеале, туку затоа што повторно се враќа довербата. Довербата дека во Македонија конечно се води вистинска, бескомпромисна борба против корупцијата и неправдата. Таа борба не е лесна и нема да заврши преку ноќ, но најважното е, почна. И веќе нема враќање назад. Истовремено, државата гради Автопати, Железници, Училишта, Детски градинки, се инвестира, платите растат, а со тоа се враќа и чувството дека вреди повторно да се живее, работи и сонува дома, во Македонија. Нема поголемо богатство од тоа да си дома. Да ги гледаш своите деца како безгрижно играат со другарчињата од маалото. Да зборуваат на мајчин јазик. Да растат меѓу свои. Пред некој ден, пријател од Германија ми вели: Како е можно кај вас луѓето да се жалат дека немаат пари, а гледам полни кафулиња, ресторани, продавници, фризерници со закажување, возат добри автомобили, прават свадби со по 200 и повеќе гости?. Кај нас во Германија ако вака живееме ќе банкротираме. Во право е мојот германски пријател. Таму луѓето работат за да преживеат, во Македонија работат за да живеат. Кириите во Германија се астрономски, додека кај нас над 80 проценти имаат сопствен дом, многу имаат и „станче“ и „мала викендица“, луксуз што таму е недостижен за мнозинството. Таму најголемиот дел од платата оди за кирија и давачки, кај нас тие се далеку помали. Најважно од сè е што сè повеќе наши луѓе се враќаат, а уште поголем број сериозно размислуваат да се вратат дома, причината е јасна, редот почна да се воспоставува во државата. Корупцијата го губи здивот. Да, сè уште има поединци кои, следејќи ги лошите примери на Заев, Филипче, Груби и други поранешни функционери, си велат: „Ако тие можеа, зошто јас да не?“ Но времињата се менуваат, а со нив и одговорноста. И сè уште има обиди за „бакшиш“ по шалтери, болници и институции, но тоа е прашање на време. Народот повеќе не молчи, се охрабри да пријавува, а државата повеќе не замижува со оправдувањето: „Не го чепкај, наш е.“ И затоа, патот што некогаш водеше право за Германија, почна да се враќа назад во Македонија.
Македонија се радува на секој што се вратил, и на секој што размислува да се врати назад, дома, во нашата, но пред сè во својата Македонија. Браќа и сестри, вратете се. Вие ѝ требате на Македонија, а Македонија Ви треба вам. Среќна нова 2026 гдина!
|






















