|
||||
| Како правилно се честита Бадник и Божиќ |
|
Бадник и Божиќ – темелите на нашата духовна и народна сила Бадник и Божиќ не се само празници во календарот. Тие се живо сведоштво за духовниот континуитет на нашиот народ, за верата што нè одржала низ вековите и за семејството како темел на општеството. Во бадниковата ноќ, околу огнот и трпезата, се собира семејството – таму каде што се вкоренуваат вредностите на заедништвото, почитта и љубовта. Рождеството Христово нè потсетува на силата на смирението и жртвата, но и на надежта. Раѓањето на Синот Божји е вечна порака дека и во најтешките времиња светлината победува над темнината, а доброто над злото. Божиќ нè повикува да бидеме подобри луѓе – посилни во верата и поодговорни кон семејството, заедницата и татковината. Во време на брзи промени и бројни предизвици, Бадник и Божиќ остануваат нашиот морален компас. Тие нè учат дека без духовни вредности нема силна држава, а без силно и здраво семејство – нема иднина. Затоа, овие празници се повик за единство, солидарност и почитување на традицијата што нè дефинира како народ. Нека бадниковата вечер донесе мир во секој дом, а Христовото Рождество нека внесе љубов, надеж и благослов во срцата на сите православни христијани. Како правилно се честита Бадник Бадник е последниот ден од Великиот Божиќен пост и време на духовна подготовка за раѓањето на Христос. Според вековната традиција, кога домаќинот во зори оди да ја земе бадниковата гранка, тој ја поздравува со зборовите: „Добро божиќно утро“, молејќи се за здравје, напредок и благосостојба на семејството. Вистинскиот момент за честитање настапува навечер. Кога домаќинот ја носи бадниковата гранка на прагот и тропа на вратата, на прашањето „Кој е?“ тој одговара: „Бадникот ви влегува дома“. Домаќинката го пречекува со зборовите: „Добра вечер, баднику“. Тогаш членовите на семејството си честитаат со зборовите: „Среќна Бадникова вечер“, додавајќи ја и старата желба: „Нека Бог даде добро и среќа“. Традиционално честитање на Божиќ Божиќ е денот на најголемата радост во христијанството. Тоа е празникот кога верниците се поздравуваат со најсвечениот и најдлабокиот поздрав: „Мир Божји, Христос се роди!“ Единствениот и правилен одговор на овој поздрав е: „Навистина се роди!“ |




















