|
||||
| Раштимани пораки од Мала Речица: Филипче зборува за Гостивар, а Ахмети за Европа |
|
Средбата во Мала Речица меѓу Венко Филипче и Али Ахмети, одржана на барање на лидерот на СДСМ и само еден ден пред лидерската средба кај Христијан Мицкоски, повеќе личеше на раштиман оркестар отколку на сериозен политички разговор со јасна агенда. Двајцата лидери, иако формално зборуваат за ист настан, во јавноста испратија целосно различни пораки – Филипче за Гостивар, Ахмети за евроинтеграциите. Според Филипче, клучната тема на средбата била локалната самоуправа во Гостивар и соработката околу градоначалникот Валбон Лимани. Иронијата е очигледна: Лимани е кандидат предложен од Арбен Таравари, зад кој застана ДУИ, а поддршка даде и СДСМ на дополнителните избори. Филипче тврди дека во Гостивар има „сериозни проблеми“ и потреба од реорганизација, иако истиот тој градоначалник ја води општината уште од 2024 година. Прашањето што логично се наметнува е – дали проблемите се појавија дури откако СДСМ му даде поддршка, или станува збор за политичка конструкција за домашна употреба? Филипче избегна директен одговор дали на Ахмети му понудил соработка во т.н. „европски опозициски фронт“, иако токму таква информација објави ТВ 24, повикувајќи се на извори и од СДСМ и од ДУИ. Наместо јасен демант или потврда, Филипче избра напад – тврдејќи дека Ахмети, со тоа што по средбата заминал на лидерската кај Мицкоски, ја „легитимирал криминалната власт“. Од друга страна, од Мала Речица дојде сосема поинаква верзија. За ТВ 24 од ДУИ соопштија дека на средбата се разговарало пред сè за евроинтегративниот процес, додека локалната соработка во Гостивар ја сведоа на „автономна одлука на локалните власти“. Ниту збор за реорганизации, ниту за проблеми, ниту за политичка одговорност. Дополнително, ТВ 24 објави дека, според неофицијални информации, Филипче токму во Мала Речица, ден пред лидерската средба, му понудил на Ахмети формирање „европски опозициски фронт“, како и поддршка за бојкот на средбата кај Мицкоски. Висок функционер на ДУИ за телевизијата потврди дека таква понуда постоела, иако засега нема јасни информации дали Ахмети ја прифатил или одбил. Контрадикциите не завршуваат тука. Само неколку денови по лидерската средба, Филипче јавно ги нападна ДУИ и Левица, обвинувајќи ги дека „седнале на маса со власта“ и се договарале за свои интереси, прогласувајќи се себеси и СДСМ за „единствена опозиција“. Истовремено, јавноста дознава дека токму тој, зад затворени врати, преговарал со Ахмети за заеднички фронт. Сето ова отвора едно суштинско прашање: дали средбата во Мала Речица беше разговор за европска иднина, за локална власт во Гостивар, или за политичко преживување на СДСМ по бојкотот на лидерската средба? Кога еден лидер зборува за комунални проблеми, а другиот за стратешки државни процеси, јасно е дека не станува збор за несогласување во нијанси, туку за длабока политичка неискреност. Средбата Филипче–Ахмети не ја разјасни политичката сцена – напротив, ја замагли уште повеќе. А кога политиката се води со двојни пораки и паралелни вистини, најчесто единствената конзистентна работа е борбата за сопствен рејтинг, а не за јавниот интерес или европската иднина на државата.
|






















