|
||||
Свечена академија по повод 11 Октомври - Денот на борците и народното востание |
Скопје, 12 октомври (МИА) – Нескротливиот дух на слободата, идеалите за свет верен на вредности и високоизразениот морален кодекс беа атрибутите на антифашистичката и Народноослободителната борба. Граѓаните на Македонија водејќи се од своите определби за соработка и заедништво се спротивставија на теророт и одбраа заедно да му стават крај на најгрубото газење на човековото достоинство, човековите права и цивилизациските норми. Ова е дел од обраќањето на премиерот Никола Груевски на Свечената академија која синоќа се одржа во Клубот на пратениците во Скопје по повод 11 Октомври – Денот на борците и 68-годишнината од народното востание. - 11 Октомври е ден од македонската историја кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е започнат процесот за создавањето на македонската државност. На 8 Септември 1991 година нашиот народ го потврди и независниот државно-правен статус на својата земја, нагласи премиерот Груевски. Во Македонија, додаде тој, отсекогаш се негувал соживотот, луѓе од различни вери и нации си помагале и се почитувале меѓусебно. - Тој соживот многупати бил ставан на предизвици, но секогаш народот наоѓал начин да ги надмине сите тие кризи и да излезе од секој предизвик попосилен и посплотен. Интеракцијата, специфичниот мултикултурен модел, комплементарноста – тоа е македонскиот модел кој е препознаен во светот и затоа се вреднува, рече претседателот на Владата на Република Македонија. Тој подвлече дека треба секогаш да бидеме свесни за тоа и не треба да дозволиме никој тоа наше добро и наша вредност да ги загрози. Тоа е, како што рече, нашата обврска и нашиот завет за подобрата иднина на сите нас. Секоја генерација има своја битка, сопствени предизвици и сопствени идеали. Тие битки, предизвици и идеали на современието, потенцира во обраќањето Груевски, тој наш модерен 11 Октомври за среќа не е борбата за слобода и борбата против теророт и угнетувањето, но и модерните искушенија не се ни малку наивни. 11 Октомври на современието, нагласи премиерот Груевски, значи борба за достигнувања на европските стандарди, за подобрување на животниот стандард на граѓаните, борба за поинтензивна културна соработка на граѓаните од различните ентитети. - Премногу е важна европската иднина на нашите граѓани за да биде заложник на какви било други причини, потенцира Груевски, укажувајќи дека европската иднина е врвниот приоритет и аспирација на огромното мнозинство граѓани на Република Македонија. Неколку дена пред објавувањето на извештајот на Европската комисија премиерот рече дека не знае каков ќе биде Извештајот, но изрази надеж дека ќе биде резултат на нашите напори да се реформира и модернизира општеството. - Се надевам и верувам дека ќе биде препознаена нашата силна посветеност за достигнувања на европските стандарди, дека ќе биде вреднувана добро сработената домашна задача и оти ќе биде валоризирано исполнувањето на сите одредници кои ни ги пренесе Оли Рен, рече премиерот Груевски. Според него, никој од членките на ЕУ нема причина да го опструира нашиот евроатлантски пат затоа што таквата опструкција, како што рече, е опструкција на духот на Европа на нејзините европски вредности и цивилизациски придобивки. Македонија во Европа може да биде бенефит за сите. Македонија докажа дека заедно со своите соседи и останатите слободољубиви народи во светот може да се бори и да се избори за поубава иднина на граѓаните и народите. Премиерот Груевски смета дека Македонија го оствари првиот чекор кон достигнувањето на европските стандарди при што го спомена исполнувањето на критериумите за олеснување на визниот режим за граѓаните. Тој изрази убедување дека граѓаните на Република Македонија од идната година ќе може да патуваат слободно низ Европа. Груевски нагласи дека Македонија е силно посветена и на градењето добрососедски односи. Во врска со, како што рече, наметнатиот спор од Грција за нашето уставно име, премиерот Груевски потенцира дека тој проблем колку и да изгледа апсурден треба да се реши. - Ние добро знаеме кои сме и што сме. Ние сме Македонци, такви сме биле отсекогаш, рече во обраќањето премиерот Груевски, додавајќи дека решението треба да биде на линијата на почитувањето на меѓународното право и документите на Обединетите нации, односно правото на самоопределување содржано во Атлантската повелба. Тој потврди дека македонскиот државно-политички врв сака решение затоа што нашите граѓани имаат тешкотии заради нерешавањето на тој спор. - Ние сме подготвени да седнеме на заедничка маса со нашите соседи и да ги отвориме овие прашања, да разговараме и да бараме решение. Како политичари и јас и премиерот на Грција имаме обврска да бараме да најдеме решение. Подготвени сме за интензивно барање решение и максимално конструктивно влегуваме во овој процес, рече премиерот Груевски по однос на спорот за уставното име со Грција. Тој потенцира дека упорно се работи и на намалување на ефектите од светската економска криза. Притоа потсети на веќе донесените пакети антикризни мерки. - Свесни сме за последиците што ги предизвика светската економска криза, но со гордо крената глава можеме да истакнеме дека добро се справуваме со кризата, рече тој. Претседателот на Сојузот на борците Гавро Пановски, подвлекувајќи дека не треба да се заборават ликовите на народните херои, повика ѕвездата петокрака да остане на грбот на Република Македонија затоа што под оваа ѕвезда, како што рече, животот го загубиле 24.000 жртви и е симбол на антифашистичката војна. |