|
|
Живот посветен на театарот |
Васко Србиновски повеќе од дваесет и пет години го има посветено животот на театарот. Од хоби му стана животна страст и сега е неразделен дел од неговиот секојдневен живот. Два до три пати во неделата патува повеќе од 160 километри да дојде на пробите и го испита својот артистички потенцијал: од глума до режија и глума. Поведовме разговор со Васко да ја запознаеме македонската заедница со една уникатна личност која го посветил животот на театарот. Својата глумачка кариера ја започнавте во Вулонгонг во Македонскиот театар од Илавара а подоцна именуван на драматургот Благоја Нешковски. Кои улоги и во кои драми ги игравте во овој Театар? Повеќе од една деценија глумев во овој театар и играв повеќе улоги во драмите: „И Цоле прај компо“, „Бурите крај Вардар“, „Доброволни затвори“, „Ајде на корзо“, „Григор Прличев“, „Што на ум тоа на друм“, „Чија си“, „Чест“, „Чорбаџи Теодос“, „Хамлет од долно дупени“. Ја продолживте вашата кариера во Сиднеј во Австралиско македонскиот театар и кои улоги во кои драми ги игравте? Во „Страв и срам“ ја играв главната улога на Борис, татко кој сака своите културни вредности и навики да им ги пренесе на своите синови, а и не верува во традиционалното „лечење“ на менталната болест. Во „Мр Балкан“ исто така ја играв главната улога на Мр Балкан кој се „бори“ во старскиот дом со минатото и траумата нанесена од војната. Во „Стари и весели“ ја играв главната улога на Никола кој е препуштен на јадење и пиење и одбегнува да мисли за своето здравје и иднината. Во „Раскол“ го играв главниот лик на Ангел, закржлавен патриот кој не попушта на притисоците на времето. Во „Борење со мечка“ ја имав главната улога на Филип кој се срами да зборува за тешката болест со надеж дека ќе му „помине“. Во „Ограда“ го играв Никола, кој со сите сили се обидува да го држи семејството во целина но ја гледа неизбежноста што ја носи мултикултурното општество во Австралија. Во „Др Жими Мајка“ имав помала придружна улога. Во монодрамата „Ченто“ ја играв улогата на Методија Андонов Ченто. Која од улогите играни за вас преставуваше најдобра или во која улога најповеќе се покажа вашиот глумачки талент? Сите улоги за мене се предизвик и сакам целосно да ги реализирам онака како што се бара од мене, а сите ми „лежат“ на срцето бидејќи уживам да ги толкувам. Само да нагласам дека улогата на Борис во „Страв и срам“ ми даде можност да играм еден лик кој е многу близок до македонските мажи – печалбари (новоседелци) кои постојано се соочени со предизвикот на подлегнување на новата средина и притисоци. Овој лик колку што меше сакан уште повеќе беше мразен од публиката бидејќи неговото однесување како сопруг и татко беше неприфатлив. Улогата на Мр Балкан во „Мр Балкан“ бараше од мене да се преиспитам како родител и син но исто и како Македонец иако во Австралија сум го поминал целиот свој живот. За таа улога бев и награден. Ликот на Ченто во истоимената монодрама е еден од најсилните ликови што сум ги играл. Ченто како наша историска личност, идеолог и македонски херој ме обврза целата моја душа да му ја предадам на тој лик. Не е лесно да се толкуваат ваквите ликови бидејќи не само како актер што имам обврска кон себе, туку и кон ликот што го преставувам и кон публиката која очекува совршенство. На сцена се појавувате и како режисер? Да, досега имам режирано две драми: „Чест“ и „Др Жими Мајка“. Тоа ми даде можност да погледам на нештата од другата страна на сцената. Тоа за мене беше предизвикувачко бидејќи требаше да ги анализирам посебно сите карактери да го доловам она што драматургот сакал да престави за публиката. Режисерот игра клучна улога, се бара и се очекува доста многу од него. Јас сакам такви предизвици. Се надевам дека и понатаму ќе имам можност да режирам. Имате играно во престави и во други театри и што значи ова за вас како актер? Имам играно за Сиднејската театарска компанија во преставите: „Leviathan” и „The Other Way”. Потоа во „The Way” во Центарот за уметност во Бенкстеон, сите режирани од Стефо Нанцу. Тоа ми даде повеќе искуство, Стефо работи на професионален начин, а имав можност да работам со актери од други националности и театарски групи. Секако тоа искуство е многу важно за нас, го применуваме и во нашиот театар, бараме нови начини за подобрување на нашите престави. Исто бев вклучен и во снимање на посебни сценски изведби посветени на младите, жените и постарите. Сега сте повторно ангажирани во најновата престава „Куферот“ на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј, кој лик го играте во истата? Го играм ликот на Лазе (Лук), еден од синовите на Ангела, кој раскинал со се што е македонско и хумано. Тој е себичен, сака лесно да заработи и нема никаква грижа за своите истапи и за својата мајка. Интересен лик кој не мислам дека многу ќе им се допадне на гледачите, ама важен и клучен во она што се преставува во „Куферот“. Идни планови? После „Куферот“, до крајот на годината ќе се стави на сцена уште една драма преку АМТС, а исто се планира и турнеја со монодрамата „Ченто“. За идната година се планираат други проекти, настапи и турнеи. Ваквото темпо на работење и заангажираност во театарот ми се допаѓа, ме исполнува како артист целосно – театарот во стварност е и мој живот. Душан Ристевски |