|
|
Црковно - националното живеење на Македонците во иселеништвото во публикациите на Славе Катин (24) |
ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Македонската православна црква (МПЦ) игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји. По обновувањето на самостојноста на Охридската архиепископија во 1958 година и на автокефалноста во 1967 година, МПЦ направи силен пробив меѓу бројното македонско иселеништво од сите делови на Македонија во прекуокеанските земји САД, Канада и Австралија, како и меѓу Македонците во денешната Европска унија и во други земји. МПЦ е организирана преку своите епархии: Американско-канадската и Австралиската-македонска православна епархија која беше формирана во 1967 година, а која во 1974 година е поделена на: Американско-канадска и Австралиска епархија, во чија диоцеза денес е и Нов Зеланд, а од 2016 година постои и Сиднејско австралиска епархија Од 1984 година постои и Македонска православна епархија за Европа. Покрај задоволувањето на црковно-религиозните чувства и потреби, основните начела на МПЦ во своето дејствување во дијаспората беа и се, меѓу другото, јакнење на единството сред македонскиот народ, слогата, евангелската љубов, чувството за слобода, разбирање и заедништвото со сите луѓе во средините во кои се определиле да живеат. Тоа придонесува Македонците да бидат добри, чесни, примерни и трудољубиви граѓани во своите нови татковини. Трудејќи се да обезбедат достоен живот за себе и за своите фамилии, тие секогаш се подготвени искрено да придонесуваат за поголем просперитет на новата татковина Тоа беше повод авторот на овој текст Славе Николовски-Катин да ја подготви публикацијата „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД”, во издание на НИО „Нова Македонија”, Скопје, 1991, а која содржи 192 страници. Таа е прв и скромен историски обид за периодизација на македонските православни цркви и манастири во прекуокеанските земји. Во овој труд се настојува да се осветли историскиот и развојниот пат на црковните општини и на македонските доселеници. Делото опфаќа подолг временски период што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност да се создаде таква публикација која би го одбележила најважниот период на македонските православни црковни општини и активностите на македонските иселеници во нивните нови средини. Публикацијата „Македонски вознес”, која е монографија за првата македонска православна црква во Канада „Свети Климент Охридски” во Торонто, е дело на Славе Николовски-Катин и Фиданка Танаскова. Тоа е издание на црквата отпечатено во 1994 на 232 страници на македонски и на англиски јазик, а по повод 30-ет годишнината од постоењето на овој значаен македонски храм. Монографијата како вознес на постигнувањата на црковно и национално поле на Македонците од сите делови на Македонија во Торонто, разработува одредени прашања во врска со важноста на активностите на македонската православна црква „Св. Климент Охридски” и овековекување на своето постоење и мисија. По повод излегувањето на оваа монографија архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил ке го напише следното: „Плодот што го роди дрвото посадено од свети Климент Охридски во Македонија, доведе до создавање на Охридската архиепископија, која денес постои во лицето на Македонската православна црква. Корените, пак, на тоа Светиклиментово дрво се раширија насекаде низ Македонија и светот и стасаа до Северноамериканскиот континент, каде изникна еден од најголемите и најзначајните духовно-национални и културно-просветни храмови што македонските иселеници го имаат – црквата „Свети Климент Охридски” во Торонто”. И „Библискиот речник” (1997), на Славе Катин со проф. Д-р Петко Златески е првенец од ваков вид на македонски јазик, а е издание на „Библиското здружение на Република Македонија” и на книгоиздателството „Македонска искра” од Скопје. Тој е подготвен да служи како патоказ за истражувањето на Библијата, како помагало за секој љубител и читател на Светото писмо. Тој содржи, главно, историски и археолошки податоци за личностите од Библијата, поединости за библиските настани и институциите, податоци за библиските книги со најразновидни информации наменети за денешниот културен и религиозен свет. Историјата на Македонската православна црква се карактеризира со три основни фази и тоа:Охридската архиепископија (XI век до 1967 година); Јурисдикцијата на туѓите цркви во Македонија (1757-1944 година); и Македонската православна црква олицетворение на Охридската архиепископија (од 1944 до денес). Затоа, во 1994 годна се навршија 50 години самостоен слободен просветен и културен живот и растеж во Република Македонија. Во таа 1994 година, а по повод 25 гидишнината на поклоненијата на светиот гроб на свети Кирил во Рим, излезе од печат делото „Во чест на светите Кирил и Методиј” од д-р Вера Стојчевска –Антиќ и Славе Николовски-Катин. Тоа е издание на „Матица македонска“ и содржи 212 страници. На делото „40 поклоненија пред гробот на св. Кирил Филозоф”, пак, автори се д-р Вера Стојчевска-Антиќ, Славе Николовски-Катин и викарниот епископ хераклејски Климент. Тоа е издание на книгоиздателството „Македонска искра” (2008) на 228 страници. Во ова издание се одразени повеќеродни дејности, манифестации, собири, институции, личности, изданија и други активности кои се носители на името, дејноста, работата, на светите Кирил и Методиј и нивните ученици. Разбирливо е дека во него се проследени и јубилеите кои во одредени години ги потенцираат активностите и дејностите во врска со претставувањето, изучувањето или откривањето на нивното сестрано дело. Исто така, своевиден простор е посветен на културната манифестација „Во чест на св. Кирил” и поколенијата на светиот гроб на св. Кирил Солунски во Рим, во период од 40 години (1969-2014). Д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски-Катин се автори и на монографијата „Ореолот на Дева Марија и манастирот света Богородица во селото Сливница во Преспа”, издание на книгоиздателството „Македонска искра” од Скопје, 2007 година, на 164 страници. Книгата претставува обид да се осветли култот, славата и честа на Мајката на Исус Христос во светот и во Македонија, особено во манастирот света Богородица Слимничка во селото Сливница во Преспа. Таа го претставува нејзиниот лик кој е интензивно насликан на бројни икони и фрески во македонските цркви и манастири, како и пишани текстови поврзани со неа во бројни староцрковни книги. Во книгата е даден хронолошкиот развој на култот на Божјата Мајка почнувајќи од нејзиното раѓање па се‘ до денес. Овој дел го прикажува животниот пат на Пресветата Дева Марија преку евангелија и текстови од Новиот завет, преку делата на уметници и анонимни автори, преку легенди и митови, преку апокрифи. Посебен дел е посветен на македонските народни песни во кои Светата Дева Марија се величи, а прикажан е и список на цркви во Република Македонија кои го носат името на Пресветата Божја Мајка. Со создавањето на македонската држава во 1945 година, по Втората светска војна, и со прогласувањето на нејзината самостојност и независност во 1991 година, состојбата во иселеништвото рапидно се измени. Круната на тој историски вознес беше обновата на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, чија улога на обединувачки фактор на Македонците дојде до израз и во Македонија и кај Македонците во САД и Канада. Затоа, во оваа публикација е направен обид да се осветли иселеничката одисеја на Македонците во светот од сите нејзини аспекти и да се остави неизбришлива трага за нивното постоење во државите во кои несебично ги вградиле своите човечки и интелектуални способности за развојот на тие демократски општества. Делото, насловено “Македонците во САД и во Канда” (2002), е едно од позначајните дела на Славе Катин, кое, меѓу другото ја содржи и ја презентира улогата на Македонската православна црква во македонските процеси и ефектите од нејзините ангажмани во средината на доселениците, одржувањето и негувањето на верските и културните традиции, како и улогата на МПЦ во односите со соседните земји денес. Значаен простор е посветен на Американско-канадската македонска православна епархија, која постои од 1967 година и игра значајна улога во организирањето на севкупното живеење на македонските православни цркви и црковни општини. Епархијата, како и црквите, се легално регистрирани македонски институции, признати од властите на САД и Канада, а познати и широко прифатени од Македонците во овие земји. Од 1975 година до денес, Епархијата секоја година одржува црковно-народни собири, на кои доаѓа до израз заедништвото на македонските доселеници и нивните црковни институции, на бројните фолклорни групи и спортските екипи. Во еден подолг период Славе Николовски - Катин го свртува вниманието на себе со својата динамична информативна и публицистичка дејност поврзана со историскиот развој на Македонците во иселеништвото. Тоа му овозможи номинација во разни друштва, здруженија и организации во Републиката и пошироко, а врз основа на тоа и учество на бројни симпозиуми, трибини и семинари во земјата и странство. Тоа му овозможи да навлезе во суштината на проблемите со кои беа преокупирани Македонците во дијаспората, но и државните структури во земјата, кои во разни периоди имаа различни погледи кон иселеништвото, што е и причина за отсуството на една подолгорочна и конзистентна државна стратегија кон нив. Тоа е презентирано во публикацијата за Славе Катин од поранешниот министер за култура на РМ, Борче Наумовски, под наслов „Македонски иселенички потрет“, 2004 година, на 192 страници, во кое посебен дел имаат македонските православни цркви во прекуокеанските земји. Делото, пак, насловено „Илинден во Љубојно и Преспа“ од Славе Катин и Бошко Рајчовски-Пелистерски од САД е посветено на Илинден, на илинденските иселенички средби во Љубојно и Преспа. Илинден, Втори август е запишан со крупни позлатени букви во историјата на македонскиот народ, а особено во историјата на Преспа. На тој ден во 1903 година избувна Илинденското востание, а на истиот тој ден, односно на 2 август во 1944 година, Македонија се конституира во држава. Во ова дело посебен акцент е ставен на сто и педесетината македонски православни цркви во цела етничка Преспа и на бројни цркви во дијаспората, како дел од црковно-националното живеење на Македонците во иселеништвото во публикациите на Славе Катин. Продолжува „Македонска нација“
|