Среда, 24 Август 2016   
Разделебите меѓу македонските православни цркви „Свети Никола“ во Перт (28)

sv-nikola

ОД ЖИВОТОТ И АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА

Македонските православни црковни општини (МПЦО) во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализација на своите активности црковните општини, пред се‘, имаат добиено широка поддршка од Австалиската влада и од мајката – Светиклиментова православна црква во Македонија.

Со формирањето на црковните општини во Австралија, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците што живеат вон границите на етничка Македонија. Македонските доселеници во Австралија, без разлика од кој дел на Македонија се и со какви патни исправи се дојдени во новите средини, преку МПЦО добиваат документи што сведочат дека се Македонци, а со тоа стекнуваат право да избираат и да бидат избрани во црковно-општинските тела.

Така, тие добиваат крштеници, венчаници, умреници и други документи кои се официјални и законски пред австралиската и македонската администрација, со што само ја продлабочуваат љубовта кон Македонија и кон втората татковина Австралија.

pert2
Перт

Таков е случајот со Македонците во Перт, главнот град на Западна Австралија и трет по големина економски и културен центар на Австралија, по Сиднеј и Мелбурн. Многумина Перт го вбројуваат во најубавите градови во светот и често го нарекуваат бисер на Австралија. За тоа се уверивме при нашата посета на овој велеград. Тој станува милионска метропола, сместен на утоката на реката Сван и распослан десетици километри по должината на Индискиот Океан. Во ова значајно австралиско пристаниште, кадешто традиционално се одгледуваат цвеќиња и зеленило, живеат неколку десетици илјади дојденци од етничка Македонија. Нив ги има од сите краишта на Македонија, но најбројни се од Костурско, Леринско, Битолско, Прилепско, Охридско, Воденско, Преспанско, Скопско...

Првите Македонци дошле во Перт во дваесеттите години од минатиот век. Тие претежо биле од БеломорскаМакедонија и својот нов живот во ,,ветената земја“ го почнале како фармери, чистејќи ја шумата за да направат плодни површини, особено за градинарски култури со кои се занимавале во „стариот крај“- во Македонија.

Покрај Перт Македонците заминувале за Менџимап, каде најбројни се од Нерет, од Бапчор, од Турије и други села од Костурско и од Леринско, како и од селата под легендарната планина Вич, дојдени овде уште пред 1925 година. Се смета дека Македонците први го пренеле тутунот како култура во овој дел на Австралија. Тие останале во новиот свет, но не ја заборавиле родната земја - Македонија. Незаборавот го изразувале и го изразуваат со организирано собирање, другарување, заедничко живеење и чување на македонските традиции при што го зачувале својот идентитет, традиција, културата, јазикот, верата и обичаите од родниот крај - Македонија.

pert-lerin
Првиот Македонскиот центаро во Перт, Лерин

Организираното живеење кај Македонците од Перт и околните места се јавило уште пред Втората светска војна. Така, според пишаните документи, на 18 септември 1941 година е формарно прогресивното македонско друштво ,,Единство“, чиј организатори биле Нуме Шарин, по потекло од селото Бапчор, Костурско, Јован Пизарков од Костур, Павле Ќосев од Турије и Коле Караџа од Д’мбени. Тоа развило жива дејност сред македонските иселеници, а по војната бројот на членовите се зголемувал и се спроведувале акции дури и за собирање средства за изградба на болницата во Скопје. Ова друштво, заедно со друштвата ,,Нова Македонија“ од Џералдтон и ,,Слобода“ од Менџимап, беше основа за формирањето на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС), кој почна во иселеништвото да го печати првиот весник на македонски мајчин јазик ,,Македонска искра“, што за многумина кои не го владееја англискиот јазик ова информативно гласило  за нив беше  еден вид прозорец кон светот.

Како резултат на силниот патриотски дух и приврзаноста кон родната земја – Македонија, уште во 1962 година Македонците во Перт, по примерот на Македонците во Мелбурн, покренаа иницијатива за формирање на македонска црковна општина. Притоа беше купено место на аголот на улиците ,,Алберт“ и ,,Кеили“, со цел во почетокот да изградат културен центар, а потоа и општина. Така, донесена е одлука истата зграда да биде наменета и за дом и за црква.

За успехот на овој потфат се заслужни голем број иселеници, меѓу кои посебно место им припаѓа на: Мита Мијас, Трпче Пејов, Коста Капинков, Коста Ангелов, Сем Кристи, Томе Миовски, Ване Цигурев, Ване Боршов и многу други донатори и патриоти. Центарот, заедно со црквата го доби името ,,Св. Никола“ и е втор македонски дом во Австралија, а за прв свештеник беше поставен почитуваниот прота Спасе Стефановски. Инаку, во оваа македонска општина за првпат богослужба на мајчин македонки јазик отслужи тогашниот црковен мисионер прота ставрофор Методи Гогов (подоцна поглавар на МПЦ) во англиканската црква ,,Св. Ѓорѓи“. Тоа беше и пресвртница за Македонците, од кои многумина дотогаш посетувале туѓи, немакедонски цркви.

Македонско-австралискиот културен центар или Општината – какошто е позната, е современа, висока, пространа и убава зграда, а е проектирана од архитектот Џон Цугулис, Австралијанец, а по потекло од селото Бапчор, Костурско. Центарот има пространа сала, во која се собираат над 600 луѓе и служи за одржување игранки, веселби, забави, потоа има бифе за точење алкохол, клуб и библиотека, а на долниот кад е сместен духовниот храм, административните и другите простории. Овој македонски дом, или како некои го викаат – духовно и патриотско огниште за генерациите, е гордост на Македонците, на кој му завидуваат другите етнички заедници кои се и побогати и побројни од македонската етничка група.

crkva-sv-nikol
Црквата „Свети Никола“

Свеченото осветување на Центарот, односно на Општинската црква ,,Св. Никола“ беше извршено на 6 април 1969 година од тогашниот австралиски архиереј,  митрополитот Кирил и дебарско-кичевскиот архиереј, митрополитот Методиј, во сослужение на свештениците Спасе Стефановски, Методи Лазаревски и Ѓорѓи Кацарски. Оваа свеченост беше збогатена со присуство на голем број истакнати личности од австралискиот јавен живот и од околу 3.000 Македонци и нивни пријатели.

Македонската општина ја започна својата активност како сопственик  на Спортскиот центар и Домот кој е во составот на центарот. Во состав на Општината работи и фолклорно и фудбалско друштво, женска екипа и повеќе други секции. Меѓутоа, во изминатите години посебно место и‘ припаѓа на женската секција, која е една од најактивните, потоа неделното училиште, радио-часот на македонски јазик, што се емитува во составот на етничкото радио и гласилото ,,Весник“ на Општината, што претставуваа информатори за активностите на Македонците во новата  средина.

Меѓутоа, поради подвоеност на македонските доселеници во Перт, особено кај генерациите кои доаѓаа од Република Македонија, поголем број доселеници формираа нова црковна општина со исто име како и претходната – “Свети Никола”, нарекувајќи ја Обединета македонска општина, што беше прифатено и од Синодот на МПЦ.

Активностите на втората црковна општина со исто име на св. Никола во Перт започнаа во 1977 година кога беше купена една црковна зграда во која се одржуваа поголем број активности од црковен и национален карактер. Оваа нова црква беше осветена на 12 февруари 1978 година. Осветувањето го извршија поглаварот на МПЦ  г.г. Доситеј и митрополитот Кирил, во сослужение на бројни свештеници и присуство на илјадници Македонци..

Во состав на црквата “Св. Никола”, која има изградено нов Македонски храм и Македонски центар, работи друштвото “Вардар”, КУД “Илинден”, радио-час, гласилото “Македонска мисла”, женската и други секции. Таа е голем центар за Македонците од тој дел на Перт, со кои се гордеат иселениците.

Црквата „Свети Никола“ се карактеризира по своето архитектонско решени, меѓутоа најповеќе е позната по живописот на фреските и иконите што претставуваат придонес на црковното сликарство во Перт и пошироко.

Перт е место на дојденци од целиот свет. Заедно со македонските асоцијации, таму е формирано и друштво на Ромите од Македонија што го носи името “Пралипе” (Братство), во кое членуваат поголем број Роми од Република Македонија. Тие имаа радио-час на ромски и на македонски како и  неделно училиште  во кое се изучува ромскиот и македонскиот јазик како и историјата и географијата на Македонија.

Исто так, треба да се потенцира дека во државата Западна Австралија во градот  Менџимап се доселиле првите дојденци на тие простори кои потекнуваат од егејскиот дел на Македонија. Нивните активности беа крунисани на 26 јануари 1989 година, кога митрополитот Тимотеј го освети Македонскиот центар, кој е место каде Македонците ги продолжуваат јазикот, обичаите и  традициите донесени од дедовската земја.

crkva-sv-nikola-2

Со назначувањето за надлежен архиереј  во лицето на митрополитот Петар, името на Епархијата е променето во Австралиско-новозеландска и се појавија поголем број  прашања и проблеми од црковно-национален, организационен план.

Инаку, изборот на владиката Петар за митрополит австралиски се случи во периодот кога во иселеништвото во Австралија имаше силно превирање на национално, духовно и политичко поле. Се‘ беше добро до времето кога се постави прашањето за сопственоста на имотите на македонските православни цркви, црковни општини и манастири во Австралија. Тогаш, за жал, Македонците на петтиот континент се поделија на две групи. Едната ги одобри и поддржа постапките на владиката Петар, за воспоставување целосна контрола врз имотите и средствата на црквите, како новина во имотно-правните односи кај Македонците во дијаспората. Другата група, пак, формира своја асоцијација спротивна на владиката Петар, со цел да ги задржи имотите и црквите да бидат на членството, односно на народот, на верниците.

Затоа, денес во Перт едната црква „Свети Никола“ е под јуриздикција на Сиднејско - австралиската епархија на Македонската православна црква што ја раководи митрополитот Тимотеј, другата „Свети Никола“ е под јурисдикција на Австралиско-новозеландската епархија на МПЦ-Охридска архиепископија што ја раководи митрополитот Петар. Двете, односно трите, македонски православни цркви го носат името на свети Никола-обединувачот на Истокот и на Западот.

Ако се знае дека во Македонија во мали места, села има по десетина православни цркви, тогаш за големиот број Македонци во Перт, сигурно се потребни и други православни цркви, но се разбира не со исто име за да се предизвика недоразбирања и забуни. Затоа, често се вели дека во Перт, токму со името на свети Никола се причинети штети врз духовно-националното движење и финансиското опстојување на македонските православни цркви и на Македонците во целина. 

Затоа, ваквите недоразбирања и разделби на национално - духовно опстојување во Перт нека бидат поука и патоказ за Македонците како во етничка Македонија така и во дијаспората. Зошто ако ние Македонците имаме меѓусебна почит, верба и љубов, тогаш и Господ Бог ќе не дарува со надеж за опстој на родот македонски и на библиска Македонија.

Продолжува

slave-katin-1
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.