|
|
ПАТНИК ПО ЅВЕЗДЕНОТО МАКЕДОНСКО НЕБО – НАЈНОВАТА КНИГА НА ГОРДАНА ДИМОВСКА |
Во издание на Агенцијата за Иселеништво на Р. Македонија, деновиве излезе од печат најновата книга на Гордана Димовска, “Патник по ѕвезденото македонско небо“. Книгата е збир на раскази, песни за возрасни, песни за деца, научно-историски записи и легенди. Дел расказите се и на англиски јазик по барање на читателската публика од Австралија. Авторката во воведот на книгата истакнува: “Пишуваните дела не можеа да видат бел ден заради окупациите и наметнувањето на туѓи јазици. Денес, каде и да сме во светот, го носиме тој белег на себе МАКЕДОНЕЦ, и самото име зрачи како силно сонце и не задолжува да го браниме својот идентитет, својата бурна историја, јазикот, традицијата, верата, културата – како составен дел од се она што не прави МАКЕДОНЦИ. Секој напишан збор на свој мајчин јазик има посебна моќ, битно влијае врз општествената свест и го соединува националното битие во најубавото значење на тој збор. Колку повеќе трагам по минатото на Македонија, толку повеќе ја разбирам неговата величина, посебност но и потреба да се истражува и запишува. Преку расказите и песните, во оваа книга, патувам по македонското ѕвездено небо, оживувам сцени од историското минато во 1900 година, но и сцени од животот на иселениците во 21- виот век.“ За нејзината книга професорот Ванѓелко Лозаноски пишува: Ова лето господово, Мелбурн, Австралија се збогатува со ново поетско и прозно дело, со книгата: „ПАТНИК ПО ЅВЕЗДЕНОТО МАКЕДОНСКО НЕБО“ од Гордана Димовска. Гордана Димовска спаѓа во оние македонски културни, научни и поетски дејци кои животот ги одделил од родните предели, од милите и блиските во далечна Австралија. За да ја поврзе љубовта со родната Македонија, започнува со пишување новинарски записи, колумни и есеи, главно посветени на се што е поврзано за Македонија, животот и гледиштата од страна на иселеник. Има објавено песни и раскази во книгата „Од љубов со љубов за Македонија“ во 2011, коавтор во книгата „Љубовната одисеја на Александар Македонски и Бела Ица“ - 2012 а во 2014 ја издаде книгата„Вечна светлина над Македонија“. А оваа е нејзина најнова книга, во која повторно пулсира љубовта кон родната грутка, која никогаш не престанала, туку се продлабочила и добила свои димензии. Таа неизмерна љубов и носталгија ја преточува во поезија, од која ти затреперува срцето. Нејзината поезија е откорната од душата напишан со неизмерна искреност која ја разоткрива, тагата, болката, среќата, љубовта, надежта и погледите сокриени во она што се нарекува душа-вечност. Со оваа нејзина најнова книга, „Патник по ѕвезденото македонско небо“, македонската современа проза и поезија, се здобива со нова везба на родољубиви, социјални, мисловни и љубовни песни и раскази, кои ја огреваат душата уште при прегледот на содржината и разноцветните теми и мотиви, кои се испреплетуваат и треперат како ѕвездите на небото и спомените, поврзани со денот.Во македонската современа проза, таа се појави со своите родољубиви и психолошки раскази и новели. Таа со својот стил, отвори нова страница во македонската проза.“ |