|
|
Австралиско-македонска црковна епархија (33) |
Македонските православни црковни општини во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализирање на своите активности, црковните општини пред сѐ, имаат добиено широка поддршка од австралиската влада и од мајката-Светиклиментовата црква. Со формирање на црковните општини во Австрлија, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците од сите делови на Македонија. Македонските доселеници во Австралија, без разлика од кој дел на Македонија, и со какви патни исправи се дојдени во новите средини.
Преку МПЦО, преку членување во тие духовни домови, добиваат документи што сведочат дека се Македонци, а со тоа стекнуваат право да избираат и да бидат избрани во црковно-општинските тела. Така, тие добиваат крштеници, венчаници, смртовници, и други документи кои се официјални и законски пред австралиската админситрација. Со поголемиот прилив на емигрантите во Австралија, во последните педесетина години, се зголеми бројот на православното население, чиј број е за неколку стотици илјади поголем во споредба од пред Втората светска војна. Затоа има мешање на православните со луѓе од другите религии. Сето тоа доведува до брзи промени во општеството каде што припаѓаат и македонските православни верници. Македонската православна црква, како и другите православни цркви што дејствуваат во Австралија, има своја Епархија што е значајно духовно и културно просветно тело. Таа ги штити, ги организира и ги афирмира сите македонски црковно-патриотски интереси и потреби, овозможувајќи им на македонските доселеници од сите делови на Македонија да ја чувствуваат националната и црковната слобода. Епархијата обезбедува услови за сѐ поголема афирмација на целокупното културно наследство и современиот напредок на македонскиот народ. Тоа е потврдено и од австралиската влада, која Македонците ги смета за одделен народ со свој национален идентитет и со големи заслуги за културниот развој и на другите народи и претставува жив мост за пријателските односи меѓу Македонија и Австралија.
Според делото на авторот на овие редови „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“, „Нова Македонија“ 1991 година, Австралиско-македонската црковна епархија е формирана со одлука на Светиот архиерејски синод на МПЦ со цел да ги продлабочи врските и да ја јакне љубовта меѓу македонсктие доселеници во Австралија со Татковината и со Црквата. Во почетокот беше заедничка за САД, Канада и Австралија, како Американско-канадска - австралиска црковна епархија, кога во 1969 година, за прв архиереј на заедничката епархија беше избран митрополитот г. Кирил. Од есента 1981 година, за архиереј на австралиската епархија е избран митрополитот г. Тимотеј, во која меѓу другите, потпретседатели биле познатите исленици: Васил Мојанов, Ристо Алтин, Коста Радин, Ванчо Неделковски и други. Од 1995 година, надлежен архиереј за Австралиската епархија беше избран митрополитот Петар, (денес, и за жал или за среќа во Австралија има две епахии: Австралиско-новозеландска и Сиднејско- австралиска епархија). Седиштето на Австралиската епархија се наоѓа во Мелбурн во државата Викторија, каде што постојано има архиерејски заменик. Меѓу нив биле тогашниот повардарски митрополит Михаил, кој потоа беше поглавар на Македонската православна црква; а потоа свештениците Методија Лазаревски и Ѓорѓија Кацарски, Раде Атанасовски, Спасе Стефановски, и многу други кои заедно со членовите на црковните општини играат огромна улога во афирмирањето на црквата и нацијата. Инаку, Австралиско-македонската црковна епархија, треба да одржува епархиски собранија секоја втора година. Првото епархиско собрание се одржа во 1971 година. Епархиските собранија ги сочинуваат претседателите на црковните општини заедно со свештениците, потоа се избира епархиски управен одбор, како и други одбори и комисии кои ја кординираат работата на епархијата. Австралиската епархија ја сочинуваат сите црковни општини, цркви и манастири преку кои Македонците излегоа од тесните рамки на дејствување и се афирмирани како важна етничка група со богат општествено-црковен живот. Тие не се повеќе онаа аморфна маса на луѓе без национален идентитет од кој под притисок или од заблуда, или од нечиј интерес, и во Австралија од Македонците правеа „Грци“, „Бугари“ или „Срби“. Напротив, денес Македонците во Австралија, а и пред светската јавност, со гордост ја истакнуваат својата македонска припадност. Уште повеќе, благодарение на улогата на македонските општини, цркви и манастири, и позитивно ориентираното македонско свештенство, македонсктие иселеници во рамките на Австралиско-македонската епархија, со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции, фолклорот, јазикот, обичаите, минатото и сегашноста на нивната татковина Македонија. При тоа, македонската црква е мошне ценета од австралиското општество, пред сѐ, заради резултатите што македонските иселеници ги достигнуваат во работата, а и заради нивниот однос и висок степен на лојалност кон новата татковина – демократска мултикултурна Австралија. Крај
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|