|
|
Медал за заслуги за Македонија |
Повод за разговор со Иван Трпоски е добивањето на Медал за заслуги за Македонија, неодамна доделена од претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и објавувањето на неговата најнова книга „Македонија – не те забораваме“. Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов ви го додели највисокото државно признание што Македонец од дијаспората може да го добие. Што значи тоа за Вас, како општественик и долгогодишен борец за македонскиот јазик и култура? Се чувствувам горд и се гордеам што добивам вакво ласкаво признание од највисоката личност на татковината и со сите државни почести доделена за мојата досегашна макотрпна работа во полето на културата во македонската заедница, поготово во работата на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ и неговата библиотека во Сиднеј. Мојата работа во заедницата се одвива во еден четири-децениски период. Активно сум бил вклучен во повеќе македонски организации како во Просветно Школскиот Одбор, Охридско-Струшката асоцијација, Македонскиот добротворен центар, Комитетот за човековите права на Македонците и други асоцијации преку кои сум го ширел македонскиот национален дух. Книгата „Македонија – не те забораваме“ опфаќа четири децениски периот на твојата журналистичка активност. Која беше целта за објавување на ова монографско дело? Во книгата се застапени преку 250 записи со повеќе фотографии, кои се распослани на 270 страници (во голем формат), а во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј. Книгата доживеа две промоции, првата во организација на Агенција за иселеништво на Република Македонија, која се одржа во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Македонија во Скопје и втората во организација со Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, која се одржа во нивната просторија. Промотори во Скопје беа познатите журналисти Фиданка Танаскова и Марјан Велевски, а во Охрид промотор беше журналистот м-р Милчо Јованоски. Се чувствував многу гордо што издавањето на ова дело се подржа и на промоцијата присуствуваа повеќе колеги од Републиката. Зад себе имаш објавено седумнаесет книги, со што се вбројуваш како еден од најобјавуваните автори во иселеништвото. Што понатаму, кој е идниот твој креативен план? Имам доста планови за остварување. Но, за сега најважни се завршувањето на мојата автобиогравска книга за која имам отчукано преку триста комјутерски страници и довршување на монографската книга за Архивот на Македонското литетратурно друштво „Григор Прличев“ за која веќе имам отчукано преку четиристотини страничен матерјал. Книгата се планира да се објави по повод 40-сет годишниот јубилеј на Друштвото, кој ќе се одбележи на 31 март 2018 година. Секако ќе продолжам да пишувам и објавувам журналистички написи во македонските гласила и го промовирам македонството, а секако и понатаму активно да бидам вклучен во Литературното друштво и Библиотеката „Григор Прличев“ кои се дел од моето битие. Душан Ристевски |