|
|
Судбината на Македонците од Беломорска Македонија во Ташкент |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РУСИЈА (1) Уште во XIX век Русија била предизвик за голем број Македонци, претежно интелектуалци, кои таму завршувале академии и како преродбеници се бореле за македонската кауза. Во текот на еден долг период Македонците, главно, заминувале за Москва, Петровград, Одеса и други места. Меѓутоа, најголем број Македонци во поранешниот Советски Сојуз, дошле во текот на Граѓанската војна во Грција и тие се населиле во кавкаските региони. Така, според неофицијални податоци бројот на политичките емигранти од Грција во Ташкент и околните места во 1949 година, се движел меѓу 19.000 и 20.000, од кои 7-8.000 биле Македонци од егејскиот дел на Македонија. Тој број се зголемил во педесеттите години и достигнал бројка од околу триесетина илјади. Подоцна тој број рапидно се намалил поради големиот број повратници во Грција, Македонија и во други земји. Се смета дека денес на овие простори живеат околу 2.000 Грци и околу 300 до 500 Македонци, претежно стари лица или мешани бракови. И во Ташкент Македонците ја делеле истата судбина со Грците. Тие, главно, биле организирани во заедничка политичка организација, а информирањето имало едно од важните ролји. Така, улогата на информатор меѓу политичката емиграција од Грција во Ташкент ја вршел весникот „Прости ники“ („Кон победата“), кој под ова име излегувал во Грција како орган на Главниот штаб на ДАГ, а под истото име се појавил и пролетта 1951 година и во Ташкент. Во почетокот излегувал само на грчки јазик, на 4 страници, среден формат и тоа трипати во неделата (вторник, четврток и сабота). Од 1954 година втората страница се печатела на македонски јазик со кирилско писмо. Во 1958 година весникот го сменил името во „Неос дромос“ („Нов пат“), во кој, исто така, една страница била на македонски јазик. Весникот бил укинат во 1968 година. Страницата на македонски јазик била исполнета со материјали за борбата на Македонците во НОБ и ДАГ, нивниот живот и традиција во Грција и во новата средина, како и со информации, вести и други материјали од културата, општественото и политичкото живеење. На македонските страници бројни написи, информации и дргуи текстови го претставувале животот на политичката емиграција од Егејска Македонија, а информирале и за резултатите во производството, школувањето и културно-просветната дејност. Со разни написи и репортажи тие духовно ги хранеле политичките емигранти со вистини од историјата и културното минато, а најмладите преку детските рубрики, преку песничките, илустрациите и друго го осознавале својот идентитет и вистината за дедовската земја - Македонија. Во Москва, пак, во мај 1944 година, во рамките на радиостаницата „Слободна Југославија“, за првпат во етерот се пренесе македонскиот збор. Емисиите на македонски јазик се емитувалe два до три пати дневно по петнаесет минути. Потоа, вести на македонски јазик се емитувале на Радио Москва сè до пролетта 1991 година. Исто така, поголем број Македонци живееле во Русија како градежни работници и стручњаци. Тие оставиле видни траги во градежништвото во Русија и Украина. И денес овде има одреден број работници и стручни кадри, како и бројни интелектуалци и студенти. Се знае дека предците на Русите биле словенските племиња, чија прататковина (според некои научници) се смета дека се Припјатските Блата. Раните источни Словени постепено се населиле во Западна Русија во две насоки: првите се населиле од Киев кон денешниот град Суздал и Муром а другите од Полоцк кон Новгород и Ростов. Од VII век па наваму, источните Словени конструирале дел од населението во денешна Западна Русија. Скандинавските Викинзи, познати и како Варјаги во Северна Европа создале едно од најцивилизираните општества во тоа време. Во средината на IX век, тие започнале да се упатуваат од Балтичкото до Црното и Каспиското Море. Според првиот руски летопис, викингот Рурик бил избран за првиот владетел (Голем кнез) на Новгород во околу 860 година, пред неговите наследници да се преселат на југ кон Киев, каде претходно веќе доминирале Хазарите. Според историските податоци, во текот на IX век била создадена првата источнословенска држава која се викала Киевска Русија, која се наоѓала по должината на реката Дњепар. До крајот на X век, нордиското малцинство се соединило со словенското. Киевска Русија одиграла голема улога за воведувањето на христијанството, за православието на тие простори, издвојувајќи ја византиската од словенската култура. Христијанството кое се пренело од Охрид, од Македонија официјално било воведено во 988 година, односно по официјалното крштевање на кнез Владимир. Периодот на владеењето на Владимир I Велики (980-1015.) и Јарослав I Мудриот (1019-1054) го претставува периодот на златното владеење на Киевска Русија. Киевска Русија како држава се распаднала во 1240 година, главно, поради меѓусебната војна помеѓу членовите на кралското семејство околу тронот. Оваа територија конечно била заземена од страна на Монголците по нивната инвазија на Русија, каде на тие простори била формирана т.н. Златна Орда. Даниел Московски, најмладиот син на Александар Невски, го основал Московското Кнежество, по кое ги протерал Татарите од земјата. Кнежеството дополнително ги затегнало своите позиции кога градот станал центар на Руската православна црква.
До средината на XIV век, моќта на Монголците била во опаѓање, кога, всушност, и биле поразени. Во текот на XV век, големите кнезови на Москва се обиделе целата популација на кнежеството да ја стават под своја контрола. Најуспешен кнез од овој процес бил Иван III кој ги удрил темелите на новата руска национална држава. Големото војводство Москва во рамките на неговото владеење било зголемено три пати повеќе за разлика од неговиот претходник. Одбивајќи понатамошна соработка со Татарите, Иван III во својата кампања целосно ја поразил Златната Орда. Сите овие историски податоци, за оваа прекрасна земја со богата историја, ги прочитавме пред да го започнеме нашето долго очекувано патување за Москва. Во Москва пристигнавме во еден пријатен пролетен ден кога овој велеград беше разбуден од зимското белило и на повидок беше периодот на будење на природата кој московјани најмногу го сакаат. Летот од Скопје преку Белград, а од таму во Москва беше пријатен, а задоволството беше големо кога ја надлетавме руската убавица - Москва. Продолжува
|