|
|
НОВОГОДИШНА ЧЕСТИТКА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК НА АЛБАНСКАТА ДРЖАВНА ТЕЛЕВИЗИЈА |
1 јануари 2017 година, Тирана, Албанија На албанската државна телевизија емитувана е новогодишна честитка на македонски јазик, како и на јазиците на сите малцински етнички заедници во Албанија - на српски, грчки, влашки и ромски јазик. Новогодишната честитка на македонски јазик ја упати Нико Китани, член на Државниот комитет за малцинствата при Владата на Република Албанија, кој е претставник на Македонската заедница. - Новогодишните празници се време кога си ги потврдуваме нашите искрени честитки. Ги испраќам моите најискрени желби, им ја честитам Новата 2017 година на сите Македонци каде и да се, и на сите граѓани на Република Албанија, со желби за добро здравје, среќа, спокојство и хармонија во секое семејство. Во новата година уште посилно и уште подлабоко да ја негуваме нашата традиција на соживот, почитување и прифаќање на различностите. Среќна и бериќетна 2017 година, - порача Нико Китани. Претседател на Државниот комитет за малцинствата е Гркинката Констандина Бежани. За првпат честитка и на македонски јазик на државната телевизија беше емитувана во 2014 година, што Китани го оцени за историски настан. Нико Китани верува дека годинава на албанската државна телевизија ќе почне да се емитуваат еднаш неделно информативни и други емисии за животот, културата и традициите на малцинските етнички заедници. |