|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (6) |
ДЕТСТВОТО И ОБРАЗОВАНИЕТО НА БЛИЗНАКОВ Атанас Иван Близнаков е роден на 15 декември 1901 година во селото Д’мбени, Костурско. Според кажувањата на мајка му, тој бил запишан од селскиот поп во црковните книги на денот на крштевањето што го извршиле во средината на февруари 1902 година во црквата ,,Св. Никола”. За жал, за ова се уништени сите податоци и нема никакви траги од црковните книги. Меѓутоа, таа ,,административна грешка” на Атанас му овозможила да не биде регрутиран за војник во Грчката армија пред Турско-грчката војна, бидејќи во 1919 година, според црковната администрација, Атанас имал 17 години, а сите машки кои имале 18 години во таа година биле регрутирани и повикани да го служат задолжителниот воен рок. Во времето на Илинденското востание Атанас имал само неколку месеци; тогаш турскиот аскер навлегол во селото, а неговата мајка Доча во својата прегратка го однела во планината, каде што голем број соселани нашле скривалиште и спас. Во тие бурни времиња неговиот татко Иван, заедно со други мажи од селото, се приклучил кон востаничките селски чети што се бореле против отоманското ропство, а за слобода на измачениот македонски народ и на поробената родна земја – Македонија. Крстен е како Атанас, а нагалено го викале Насо. Така особено го викала неговата мајка, што го пренела и на неговата сопруга Славка, која постојано го викаше Насо. И блиските роднини и пријатели го викаа Насо, додека другите го викаа Атанас, а понекогаш Танас, додека во САД, каде што Македонците формално ги менуваат имињата добивајќи англосаксонски, го викале Томи. Многумина му се обраќаа со чичко Атанас. Инаку, во Д’мбени имало три цркви. Едната се вика ,,Свети Никола” во Каменско Маало, која сé уште постои. Црквата што некогаш била во Кладенско Маало се викала ,,Свети Димитрија”. Третата црква се наоѓала надвор од селото. Тоа бил манастирот ,,Света Петка”, што се наоѓал на местото каде што некогаш била соодветна населба. Секоја година во манастирот ,,Света Петка” се одржувал панаѓур, на кој доаѓале луѓе и од сите околни села (Косинец, Света Недела и Четирок). Манастирот имал многу убава местоположба. За него и за неговиот имот се грижеле калуѓери кои тука работеле и живееле.
На неколку километри од Д’мбени постоела уште една црква со име ,,Св. Никола”. Денес таа малечка црквичка ја реновирале доселениците – христијани и во неа одржуваат богослужби и други православни потреби. Атанас Близнаков го поминал детството во своето родно место, каде што животот му бил исполнет со многу радости, среќни денови и скромен живот, но често исполнет со неправди, сиромаштво и многу искушенија. Во споредба со животот на некои негови другари, детството на Атанас било многу посреќно, бидејќи татко му Иван, а пред тоа и дедому биле на печалба, од каде што се вратиле со поголеми суми спечалени пари. Тоа му овозможило на Атанас во тие услови, да има доволно за јадење и за носење. Според тогашните стандарди, со својата облека често отскокнувал од другите. Имено, уште на седумнаесет годишна возраст добил штоф од татко му од САД, а потоа кај некој шивач во Костур го сошил првиот свој костум со елек. Настан со големо значење во неговиот живот, а во исто време, сметал дека со новиот костум го зголемил авторитетот кај своите другари во селото. Во тоа време неговите другари носеле бечви (панталони од шајачно дебело волнено платно), или други алишта како дел од македонската носија од тој крај, а многумина од посиромашните момчиња биле момоци во селото, со цел да обезбедат гола егзистенција. Тоа особено било карактеристично за леринскиот крај. Во Костур, пак, животот бил понапреден, бидејќи градот имал врски од економски и трговски карактер со европски центри, затоа таму можеле да дојдат и европски моди и начин на живеење.
Како дете Атанас бил здрав и не боледувал од некоја болест. Бил воспитуван да биде трудољубив, чесен, вреден и послушен, а бидејќи татко му бил отсутен, често помагал во полските работи. Знаел да реже лозје, да бере дрва, орал, копал, а се разбирал и од другите полски работи. Семејството Близнакови било меѓу средните семејства во селото. Тие имале куќа на два ката што Иван ја изградил во 1910 година. На приземјето имале подрум, или како што во овој крај го викаат керал, кој се наоѓал на едната страна, а на другата бил аурот за чување на стока. Семејството Близнакови за свои потреби чувало една крава, маска, неколку кози и поголем број овци, за кои се грижел момок од селото. Во тоа време стоката ја чувале во аурите во куќите, бидејќи имало опасност од кражби од страна на Арнаутите, кои ноќе доаѓале во селата со христијанско население и им ја краделе стоката. Куќата на Близнакови била подигната во непосредна близина на кладенецот, на сред село и припаѓала на Кладенското Маало. На првиот кат имале три големи простории и ходник, а од предната страна бил изграден широк дрвен чардак. Пред куќата имало широко дворно место и гумно. Куќата била изградена од камен и плитари, а била покриена со камени плочи. Таа била една од поубавите куќи во селото. Семејството Близнакови имало и земја во атарот на Д’мбени, а покрај селската река на местото викано ,,Места”, имале неколку ореви стебла, од кои собирале многу ореви или како што ги викале во селото ,,к’стици”. Атанас Близнаков го започнал своето образование во првото одделение во училиштето во Д’мбени. Таму го завршил основното егзархиско училиште, во кое учителот бил од месното население и учениците ги учел на мајчин народен јазик. Училиштето траело четири години, а потоа имало и еден клас, како што го викале ,,клас гимназија” што бил организиран во селото, за учениците да не одат во Костур, што Атанас со успех го завршил. Тоа му овозможило да ги добие основните сознанија од повеќе области. Особено се интересирал за историјата и за математиката. Инаку, првото училиште во Д’мбени било подигнато веднаш до црквата ,,Свети Димитрија”. Во 1903 година изгорело и училиштето. По обновувањето на селото, на средина од селото, д’мбенци изградиле поголемо училиште со 5 училници и со други потребни простории. По укажаната потреба од поголемо училиште поради порастот на селото, од 1935 година до 1938 година со свои средства селаните подигнале големо модерно училиште со 7 училници, сала за состаноци и приредби, кабинети, други придружни простории со голем уреден двор. Тоа било гордост за д’мбенци и пример за околните села. За време на Граѓанската војна во училиштето била сместена грчката полиција и единици на грчката монархофашистичка армија, од каде што и давале отпор на ДАГ. На 21 јуни 1948 година заедно со селото изгорело и прекрасното училиште. По Втората балканска војна во 1913 година, која, покрај другото, ја предизвика дефинитивната поделба на Македонија меѓу балканските држави Србија, Бугарија и Грција, Д’мбени и целото Костурско се нашло под грчка власт. Затоа од мај 1913 година, Атанас заедно со другите д’мбенски ученици го положил последниот испит на свој мајчин јазик. Оттогаш грчките власти ги затвориле народните училишта и цркви, ги забраниле песните, македонските обичаи и традиции, а подоцна дури и самиот мајчин јазик. Треба да се нагласи дека диктатурата на Метаксас презела ригорозни мерки против македонското население. Сакал да го елиминира македонскиот јазик дури и во секојдневниот говор. За таа цел биле отворени вечерни училишта за возрасни. Во нив со сила биле доведувани дури и старци и старички и од над 70-годишна возраст. Поради недостиг на наставен кадар за оваа денационализаторска дејност, биле ангажирани некои од завршените учители од Д’мбени. Тоа било недолично – деца да ги погрчуваат своите родители. Инаку, Атанас имал силна љубов кон книгата и кон сознанијата за светот. Но, условите биле такви што завршил само пет одделенија во Д’мбени, а прв учител му бил Апостол Димитров Грежов, кој го дигнал знамето на народниот јазик, на народните училишта и цркви во Костурско. На возраст од петнаесет години Атанас го испратиле во Костур да го учи папучарскиот и чевларскиот занает. Таму останал една и половина година во дуќанот на Јани Паскали, кој бил од Нестрам и имал македонско потекло, меѓутоа, кај него било силно грчкото влијание. Дуќанот бил во чаршијата на Костур, каде што Атанас запознал голем број наши луѓе, кои имале свои дуќани и други деловни простории во Костур, а кај кои преовладувало грчкото влијание и пропаганда и станувале поголеми Елини од Грците. Во текот на зимскиот период, кога условите биле лоши за патување до селото, Атанас останувал во Костур, а во другиот период, за време на празниците постојано си одел дома.
Го завршил папучарскиот занает, меѓутоа никогаш не го вадел лебот од тоа. Но, му помогнало на чичко Атанас да стане чаршиски човек со широки видици, да се запознае со лицето и опачината на животот во градот, како што велеше, да ги разликува Македонците од Грците. Инаку, во детството имал многу среќни мигови. Тоа му го овозможиле неговите родители, кои, со својата релативно подобра финансиска состојба, најнапред му обезбедувале подобри услови за живот, за разлика од неговите врсници, му посветувале поголемо внимание. Нивниот однос бил многу коректен, го опкружувале со љубов и постојано се обраќале со топлина. Затоа, Атанас не ретко зборуваше за своето детство и покрај тоа што како карактер беше тврд и во одредена мера ,,скржав” во кажувањето за својот живот. ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА И Грција нека нé затвора бесно, И нека! ќе паднат пак прангите тешки, Лазар Поп Трајков Продолжува
|