|
|
Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? |
"Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака? Со овие стихови на Свети Кирил се отвори Саемот на книгата 2018 кој го организира МЛД “Кочо Рацин” Mелбурн во библиотеката во Мил Парк. Саемот на книгата се одржува секоја година во чест на Свети Кирил и Методиј кој воедно е и потсетување на значајноста на нивната величенствена мисија, во просветувањето на народот и создавањето на првата азбука.
Овојпат интересот за изложување книги беше најголем досега, беа изложени голем број на книги од авторите, членови на МЛД Кочо Рацин но и од други автори кои изразија желба да земат учество оваа година: Стив Јованоски со “The philospher’s game”,“The brotherhood”(романи на Англиски јазик), писателите од ЛД “Ванчо Николески”, Наум Трајчески (Одминато време), и Наум Пауноски (Душевен времеполов), голем избор од творештвото на Јанко Томов од Квинсленд(Патриотски конверзации и коментари од движењето на дијаспората, From communis to democracy) како и од писатели од Македонија.
Како и секоја година така и оваа се промовираа нови дела членовите на МЛД Кочо Рацин, а тоа беа: Љубов и завет низ виорите од Гордана Димовска и Ванѓелко Лозаноски (презентер Весна Дамчевска) додека Снежана Џамбазова Попорданоска читаше мал извадок од книгата што наиде на голем интерес кај публиката. Книгите од Љубица Поповска Патека на детството ,Песни од мојата младост ги презентираше Дона Д. Кантаровска при што прочита и неколку поеми. Поздравните писма од Ванѓелко Лозаноски и Наум Трајчески (ЛД “Ванчо Николески”, Квинбијан) ги прочитаа Славчо Трајкоски и Љупчо Столески, Медиумите: Australian Macedonian weekly, Today newspaper (Игор Павловски), SBS radio (Васе Коцев, Маргарита Василева), веб порталот Фаланга, Танас Петрин од радио Plenty Valley, координаторот на библиотеката Џек Чен, помогнаа многу во апелирањето до македонската публика да го посети овој настан. Настанот беше збогатен и со музика за што голема заслуга имаат: Група Извор (Зоки и Филип Стојчевски), младата талентирана пејачка Џесика Стојчевска која ја исполни песната Јовано Јованке и две песни од Тоше Проески, Хорот Плетенка, Хорот Утеха. Настан кој има за цел да развива свеста за зачувување на македонскиот јазик преку афирмирање на литературните дела од македонски автори. Треба се повеќе да биде поддржуван од сите македонски организации во Викторија затоа што е од многу големо значење. Извадоци: “И покрај уметничките продлабочувања, низ романот се задржува стилот на македонското народно раскажување со изобилие на стилски фигури, емотивни настани, сликовито опишани, кои на романот му даваат магична привлечност. Од обичен случајна средба крај чешмата во живописната Белица, дејствијата си земаат своја насока и вешто ве водат во светот на македонското кралство, преку дијалози и емотивни изливи ќе се запознаете со ликовите на Олимпија и Крал Филип за подоцна да се воодушевувате од необичниот пресврт на настаните кога Бела Ица војува заедно со Александар Македонски. Нејзината љубов е сила која го води во огнените походи за после се таа скромно да се повлече повторно во својот обичен свет” – рецензија од книгата Љубов и завет низ виорите. (Патека на детството - рецензија од Гордана Димовска ) Успешно зачекорување во светот на детската проза во која Љубица Поповска успеа да создаде нишка од бои низ кои се прелеваат убавите детски копнежи, смеа, палавост, итрина, досетливост и незаборавни спомени. Нејзината пасија кон пишувањето на поезија ја охрабри да зачекори и во светот на раскажувањето и да го докаже она што не можеше во поетските остварувања. Оваа збирка на раскази кои ќе го пленат вашето внимание се вистински дар за секое дете но и примамлив забавен потсетник за возрасните љубители на убавиот пишан збор. |