Среда, 27 Јуни 2018   
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (16)

ab16-1

МАКЕДОНСКО-АМЕРИКАНСКИОТ КОМИТЕТ ЗА ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦА ВО МАКЕДОНИЈА

Никогаш не дозволувај
да сретнеш некого,
кој после средбата со тебе
нема да биде посреќен

Мајка Тереза

Народноослободителната борба на македонскиот народ, создавање­то на македонската држава, како и добивањето на автокефалност на Македонската православна црква, направиле радикална промена во националната и политичката ориентација на македонските иселеници.

Овие факти предизвикале пресвртница кај дел од Македонците заблудени од пропагандите; тие го нашле правилниот пат и почнале со формирање на чисто македонски културно-просветна и национални организации, со цел да го помогнат македонскиот народ, но пред сé да ги негуваат македонските традиции, верата, обичаите, фолклорот ...

Една од таквите организации била и Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС) кој уште во текот на Втората светска војна морално и материјално ја помагал борбата на македонскиот народ. Во текот на војната се формирале комитети во сите градови за собирање помош која со бродови се испраќала во Југославија и во Македонија. МАНС и одделни македонски селски друштва испратиле материјална помош за настраданите бегалци од Егејска Македонија. Меѓутоа, најкрупна и највидна по својот ефект и значење е кампањата за изградба на американска болница во Македонија.

Во својата длабока желба да му се помогне на својот македонски народ, што побргу да се извлече од последиците на четиригодишната борба и заостанатоста, група истакнати македонски иселеници ја презеле иницијативата за изградба на болница во Скопје.

Оваа акција за собирање на помош за болницата почнала во февруари 1946 година на свечениот банкет во Њујорк што го приредил Болничкиот иницијативен комитет. Тука се решило, во градот Кливленд да се свика конференција од претставници на македонските организации од САД и од Канада без разлика на нивните политички и религиозни убедувања, бидејќи организацијата што требало да ја изведе целата кампања немала политички карактер и нејзината цел би била патриотско – хуманитарна.

ab16-2

Благодарение на солидната агитација во летото 1946 година планираната конференција била одржана во Кливленд и на неа присуствувале делегати од повеќе македонски друштва, од селски, црковни и спомагателни братства од САД и Канада.

Еднодушно бил избран Национален комитет за изградба и екипирање на една модерна болница во главниот град на тогашната Народна Република Македонија, Скопје. За претседател на Комитетот едногласно бил избран истакнатиот македонски општественик, културен работник во Америка, по професија оториноларинголог, д-р Живко Анѓелушев.

Од Националниот болнички комитет бил издаден апел, во кој Комитетот со пламени патриотски и човекољубиви зборови се обратил до иселениците за парична помош со која се остварила благородната и возвишена цел. Поради неговата историска важност, обнародуваме дел од Апелот.

Во Апелор се вели:,,Браќа и сестри, вековната мечта на сите нас најпосле е остварена. По епски борби и големи жртви, еден дел од Македонија денеска е слободен. Но, тешкото наследство од минатото сé уште тежи над нашата родна земја. Маларија, стомачни болести, туберкулоза, покрај другите епидемии, сé уште го поткопуваат здравјето на херојскиот народ...

Наш свет долг е да им помогнеме на нашите браќа и сестри во Македонија во овој час на најголема потреба. Тие не ја жалеа својата крв и своите животи за извојување на слободата. Да им помогнеме! Нека се радуваат и тие на таа слобода како луѓе. Кој Македонец достоен на тоа име ќе ја откаже својата помош? Ние апелираме кон сите Македонци во САД и во Канада да се обединат околу Националниот комитет и да ја поткрепат кампањата за собирање на 250.000 долари за болница во Македонија”.

Апелот завршува со овие зборови: ,,На работа, македонски браќа и сестри! Нека секој жртвува што може. Да сториме сé и да помогнеме на една среќна Македонија која оди по патот на својот успех”.

Многу брзо се формирале болнички комитети во многу градови во САД и во Канада, меѓу кои и во Гери, Индијана. Главна цел на овие комитети била да организираат активности (игранки, банкети и др.) со цел да собираат материјални средства за болница во Македонија.

Бранот на кампањата се пренесол и во Јужна Америка, во Аргентина и на петтиот континент, Австралија, каде што македонските иселеници развиле бројни активности за собирање помош за изградба на болницата.

Болничкиот комитет, пак, во Гери бил еден од поактивните во САД. Во него биле вклучени голем број видни иселеници, меѓу кои една од централните фигури бил Атанас Близнаков. Тој дал и свои лични средства и со својот хуманитарен донаторски однос послужил како пример и поттик за другите иселеници да се вклучат во оваа голема акција.

За Атанас Близнаков, всушност, активностите во Болничкиот комитет значеле пресвртница во неговите донаторски размислувања. Од тој период кај него се јавила некоја чудна желба повеќе време да посвети на хуманитарни цели, а со тоа можеби да се размислува и да се планира формирање на еден вид донаторство како Фондација.

Преку акцијата за собирање помош за болницата, кај него се родила една посилна желба, за тој лично, на некаков начин, да го помогне својот македонски народ.

Болничките комитети во САД постигнале вонредни резултати бидејќи иселениците покажале голема лојалност и хуманистички импулси. Тие собрале сума од околу 150.000 долари, со која била купена опрема, вклучувајќи: инструменти, машини, лекарства, медицинска литература и други неопходни средства потребни за новата болница.

ab16-3
Градската болница во Скопје

Со средствата на македонските иселеници и со големата сума пари од тогашната Влада на НРМ бил изграден и опремен болнижки блок во рамките на Државната болница во Скопје. Големата акција на македонските иселеници била крунисана на 8 јули 1958 година, кога болничкиот блок бил пуштен во употреба.

Меморијалната плоча, пак, на еден од ѕидовите на блокот, што била откриена на свечениот ден од пуштањето на блокот во употреба, ќе ги потсетува идните генерации за длабоката љубов и неизмерниот патриотизам на синовите на Македонија. Таа во минатото, сегашноста и иднината ќе стои како жив споменик и ќе поучува како треба да се сака татковината и сопствениот народ.

Атанас и Славка Близнакови се живи сведоци за активностите во врска со отворањето на болницата во Скопје. Тие тогаш првпат дошле во Н. Р. Македонија. Тогаш првпат ја почувствувале слободата кај својот дотогаш поробен македонски народ. Затоа, тие моменти биле значајни за Близнакови, бидејќи со пуштањето на болницата, всушност, тие се збогатиле со силна љубов кон својот народ и кон слободниот дел на Македонија.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.