Среда, 19 Декември 2018   
Митрополитот Кирил – првиот архиереј во македонското иселеништво (5)

 MK1

ДЕЛ ОД ПАТОТ НА УСПЕХОТ НА КУМАНОВСКО-ПОЛОШКИОТ АРХИЕРЕЈ МИТРОПОЛИТОТ Г. КИРИЛ

Митрополитот г. Кирил потекнува од благородно христијанско, православно семејство Поповски, кое ова презиме го добило, бидејќи со векови било посветено на Бога и на Црквата. Се запишал во Призренската богословија и како одличен ученик и, со од Бога даруваниот убав глас бил примен во 1951 година, а во 1956 година се здобил со диплома за завршено петгодишно Богословско училиште. На Благовештение (7 април 1964 година) Никола се замонашил во манастирот „Света Богородица - Пречиста“ кај Кичево

Според моногравското дело „Митрополитот Кирил“, што е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Полошко-кумановската епархија и Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, од авторот на овие редови Славе Катин, неговото високопреосвештенство, митрополитот полошко-кумановски господин Кирил (Никола Поповски), беше архиереј по хиротонија во составот на македонскиот православен епископат. Тој беше и потписник на историската Одлука на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква (од 1967 година) за возобновување на целосната духовна и канонска автокефалност на Охридската архиепископија.

Митрополитот г. Кирил е роден на 23.07.1934 година во Царев Двор, Преспанско. Основно образование завршил со одличен успех во своето родно место, во основното училиште „Браќа Миладиновци” чиј директор тогаш бил Гога Прцуловски. Богословија учел во Призрен, а студирал во Русија и Македонија.

Митрополитот г. Кирил потекнува од благородно христијанско, православно семејство Поповски, кое ова презиме го добило, бидејќи со векови било посветено на Бога и на Црквата. Неговите предци повеќе од 300 години наназад ќе иʼ посветат на македонската Црква и на македонскиот народ триесет и двајца свои потомци во свештенички чин. Тоа во него уште повеќе ја поттикнало љубовта кон Бога и желбата да се посвети на Божјата наука, наместо школувањето да го продолжи во некоја од воените школи, што, исто така, било во план.

MK2

Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“

Митрополитот г. Кирил живо се сеќаваше на неговиот дедо Ицо Ристовски и баба му Вања по потекло од Царев Двор. Биле благородни старци, чии спомени од детството длабоко се всадиле во сеќавањата на Кирил. Тие имале седум деца: Тренка, Круме, Кире, Геле, Мила, Томе и Бојан, таткото на митрополитот г. Кирил. Неговиот татко Бојан, за своја животна сопатничка ја избрал личната мома Македонка Милица, со која доживеале заедно и прославиле 50 среќни брачни години.

Им се родиле и израснале осум деца: Наум, Љуба, Драган, Никола (митрополитот Кирил), Живко, Киме, Виктор и Ванча. И не случајно ќе го чуете коментарот дека семејството Поповски, не е само едно од оние од највредните, туку и едно од поголемите фамилијарни заедници во Преспанско. Родителите на митрополитот г. Кирил биле и меѓу повидните домаќини, познати и запаметени по нивната трудољубивост, чесност и со голема посветеност кон најблиските.

Не ретко во Царев Двор се раскажувало и прикажувало за благородноста и за добрините на Милица, која како вистинска матица го собирала семејството, негувајќи исклучителна меѓусебна љубов и давајќи постојан импулс за тоа, среќа да ги следи и напредок да имаат низ нивните одбрани животни патишта по кои кинисале секој одделно и сите заедно во фамилијата Поповци.

Растејќи во закрилата на една топла родителска грижа и внимание, Никола уште од мал ќе се издвои по својата наклонетост, дарба и постепена обземеност од светиите во семејната традиција, во домот и во родното место. Тоа ќе го понесе уште од мали нозе. Ученикот Никола, отпрво кришум, а потоа и сеʼ повеќе се посветувал на овие свети патокази кои ќе му го одредат неговиот животен тек. И најнакрај, веќе било сосема јасно дека патот негов животен, веќе е определен. Не, не воени школи, туку на тоа што најмногу му лежи на срце - ќе продолжи да учи на Богословија.

Од мал, како четврто дете, меѓу осумте рожби на Милица и на Бојан Поповски, токму покрај топлото родно огниште, Никола ќе расте со типично македонско благородно извориште на православната вера, чија света традиција ќе му го осмисли и осветли животот. Овде за него, покрај богосознанието од тврдокорните верници, меѓу кои растеше, а подоцна и од древните богослужбени текстови, зачувани од прадедовските поколенија, благородно ќе му претставува и оној здрав, изворен, македонски патриотизам кај неговите родители, дедовци, баби и други роднини, со кои бил опкружен.

Уште од детските дни ќе го почувствува мирисот на темјанот во убавата црква во Царев Двор, посветена на свети Никола. Одејќи секојдневно во основното училиште, кое се наоѓа во близина на овој храм, младиот Никола често се навраќал во него и останувал таму понесен од восхитот на фрескоживописот и иконите околу него. Уште оттогаш неговиот живот веќе бил предодреден.

Митрополитот г. Кирил не информира дека од поголемиот број пријавени кандидати на приемниот испит за запишување во Призренската богословија, што се одржал во просториите на Скопската митрополија, како одличен ученик и, со од Бога даруваниот убав глас бил примен во 1951 година, заедно со уште малкумина други кандидати, меѓу кои и Александар Цандовски.

На приемот се јавиле царевдворците Љубин и Владе Поповски. Тоа е првата повоена генерација од Македонија, која се здобива со богословска наобразба во траење од пет години во споменатото училиште. Еден период Никола минува низ многу тешки животни искушенија, бидејќи во времето кога се школувал, честопати се пропагирало дека верата е опиум за луѓето. Но, не покорно опстојувал. Во 1956 година се здобил со диплома за завршено петгодишно Богословско училиште. По Богословијата, Никола ја завршува воената обврска во Сремска Митровица која траела две и пол години.

MK3

Лешочкиот манастир „Св. Атанасиј“

По враќањето во 1962 година, младиот богослов почнува да работи во Скопската митрополија. Во Скопје го доживува катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година кога, заедно со теологот Александар Цандовски и д-р Славко Димевски вложиле максимални напори за спасување на архивската документација на Македонската архиепископија, која била пренесена во резиденцијата на тогашниот поглавар на Македонската православна црква (МПЦ) архиепископот охридски и македонски, господин господин Доситеј.

На Благовештение (7 април 1964 година) Никола се замонашил во манастирот „Света Богородица - Пречиста“ кај Кичево, и со радост го примил името на македонскиот рамноапостол Кирил Солунски. Притоа, од страна на неговото блаженство, архиепископот г.г. Доситеј, беше ракоположен во чин ероѓакон, а само по кратко време и унапреден во архиѓаконски чин.

Во тоа својство пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил го придружува архиепископот г.г. Доситеј при посетата на САД и Канада, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска православна црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски. На Томина недела учествува во осветувањето на храмот посветен на Пресвета Богородица во американскиот град Колумбос, Охајо. Во текот на едномесечниот престој во САД и Канада, високата делегација на МПЦ ќе ги посети и Гери (Индијана), Сиракуз и други градови на северноамериканскиот континент, во кои има многуилјадни македонски доселенички колонии со Македонци од етничка Македонија.

По враќањето од САД и Канада, архиѓаконот Кирил е испратен на студии во Русија на Московската духовна академија во градот Загорск, со благослов на српскиот патријарх г.г. Герман. Меѓутоа, по две години студирање, односно по завршувањето на првиот степен, е повикан да се врати во татковината, заради повозвишени црковно-духовни и национални интереси на Македонската православна црква и македонскиот народ. На 5 јули 1967 година е избран за викарен епископ со титула тивериополски од страна на Светиот архијерејски синод на МПЦ и станува негов најмлад член.

По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули 1967 година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на апостолите свети Петар и свети Павле, извршено е наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, хиротонисан е за викарен епископ тивериополски.

Митрополитот г. Кирил како член на Синодот, веднаш се вклучил во довршувањето на обемниот елаборат за обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија. Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архијерејски синод на МПЦ одржал седница во црквата „Света Богородица Перивлепта“ („Свети Климент“)  во Охрид, на која е донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот г.г. Доситеј и митрополитите: г. Климент, г. Наум, г. Методиј и г. Кирил, истиот ден Одлуката е презентирана пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржал во катедралниот храм на охридските архиепископи – „Света Софија“ во Охрид.

На овој Собор, митрополитот г. Кирил беше избран за прв надлежен архијереј на штотуку востановената Американско-канадско-австралиско-македонската православна епархија, со која раководеше повеќе од две децении. Така зеде учество во повеќе делегации на МПЦ за запознавање на сестринските цркви со обновата на автокефалноста на Црквата на македонскиот народ, преку претставување на опширниот елаборат. Исто времено, ја извршуваше и функцијата претседател на Комисијата за враќање на македонски богослови од Богословиите на Српската православна црква (СПЦ).

Во 1968 година ја реализираше првата визитација на северноамериканскиот континент како надлежен архијереј на Американско-канадско-австралиско-македонската православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети и третиот македонски православен храм на американските простори, црквата „Свети Ѓорѓи“ во градот Сиракуз, во државата Њујорк, а посети и други градови во кои го отвори и поттикна процесот за формирање нови македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светиклиментовата МПЦ.

Митрополитот г. Кирил во текот на наредните две и пол децении одигра голема духовнонационална улога, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен народ на тие простори.

MK4

Црквата „Св.Тројца“ во Куманово

На 10 август 1969 година, во катедралниот храм „Свети Климент Охридски Чудотворец“ - во Торонто, со величествени свечености беше извршено востоличување на митрополитот Кирил во епископ на Американско-канадско-австралиската-македонска православна епархија. Тоа го изврши неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. 

Тоа е датум кога всушност започна познанството и соработката со митрополитот Кирил со авторот на овие текстови Славе Катин. Потоа во 1971 година, во МПЦ е востановена и Полошко - кумановската епархија, на која митрополитот Кирил беше избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ.

Под неговото архипастирско раководство во двете епархии беа изградени, реновирани и преуредени повеќе стотина храмови на МПЦ. Меѓутоа, црковно-духовните и националните постигања, особено на планот на обединувањето на Македонците, од сите делови на етничка Македонија, кои живеат и работат во прекуокеанските земји, се од непроценливо значење.

Сите тие резултати придонесоа митрополитот г. Кирил во 1972 година да биде поставен за претседателна Одборот за новиот архиепископски храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како и изградбата на 25 станови во Тетово и Куманово. Потоа е избран за претседател на Одборот за извршување на првото мироварение по возобновувањето на автокефалноста на Македонската света црква.

Продолжува

 SNK

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.