|
|
Митрополитот Кирил – првиот архиереј во македонското иселеништво (6) |
МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ - ОСНОВОПОЛОЖНИК НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ ВО ДИЈАСПОРАТА Македонските иселеници од сите делови на Македонија новото раѓање на Македонската православна црква го доживеаја како ново и целосно ослободување на национално и духовно-културно поле. Митрополитот Кирил има големи заслуги за тоа од неговата првата посета на северноамериканскиот континент што ја оствари во 1965 година како архиѓакон, а во придружба на архиепископот г.г. Доситеј, како и на австралискиот континент во 1969 година во својство на надлежен епархиски архијереј Денес Македонците во новите средини со гордост ја истакнуваат својата припадност. Уште повеќе, благодарение на улогата на македонските православни цркви, црковните и други асоцијации и позитивно-ориентираното македонско свештенство, со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции и со гордост го истакнуваат богатиот фолклор, јазик и традиции, афирмирајќи го македонското минато и сегашноста, а со тоа ја бранат и ја афирмираат Република Македонија. Затоа, Митрополито г. Кирил, со цел да се збогати неговото моногравско дело на авторот на овие редови Славе Катин, има дадено поголем број податоци, документација, изјави и друг вид корисни материјали за МПЦ-ОА и за вистината на македонското иселеништво во светот. Така, меѓу другото изјави дека како поранешен долгогодишен надлежен епархиски архиереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за прекуокеанските епархии се потрудил да ја претстави дејноста на нашата Света црква преку делото на македонските православни црковни општини, како и преку активностите на културно-просветните и духовно-националните центри во прекуокеанските земји, со посебен осврт на оние во САД и Канада. Првата негова посета на северноамериканскиот континент ја остварил во 1965 година како архиѓакон и во придружба на архиепископот г.г. Доситеј, а австралискиот континент првпат го посетил во 1969 година во својство на надлежен епархиски архијереј. Оттогаш речиси две и пол децении секоја година ги посетувал САД и Канада, земји за кои ќе стане збор во ова излагање. Македонската православна црква игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во организацијата „Обединети Македонци”. Св.Климент Охридски во Торонто Во македонските православни цркви членуваат Македонци од сите делови на Македонија. Тие, заедно, под закрила на мајката Црква, во своите храмови, пред сеʼ, ја претставуваат Македонија, го чуваат македонскиот национален идентитет, но во исто време ги делат радостите и жалостите, се молат на Бога на својот мајчин јазик, говорат еден ист јазик, пеат исти песни, играат исти ора и имаат исти традиции и обичаи. Со тоа тие го потврдуваат својот идентитет и своето јасно сознание дека му припаѓаат на еден ист народ и дека се чеда на својата духовна мајка - автокефална МПЦ-ОА. За тоа каква улога одиграла и што значела и значи нашата Света црква во прекуокеанските земји за нашите сонародници, колкава е нивната љубов кон неа и кон Македонија? Според зборовите митрополитот г. Кирил, Македонците кои се доселиле во Торонто во почетокот на XX век, сакајќи да имаат свое македонско светилиште, во 1911 година ја изградиле црквата „Св. Кирил и Методиј”. Во тоа време црквата не можеле да ја наречат македонска бидејќи не постоеше нашата матична МПЦ. Немајќи друг избор, ја прифатиле јурисдикцијата на Бугарската православна црква. Подоцна сфатиле дека горчливо се излажале, бидејќи црквата „Св. Кирил и Методиј” била правно (канонски) врзана за БПЦ и ја загубиле. Трагедијата да биде поголема, бугарската пропаганда правела сеʼ и преку оваа црква да им ја наметне идејата дека Македонците се Бугари. Идентичен е случајот и со црквите „Св. Климент Орхидски” во Детроит (САД) и „Св. Кирил и Методиј” во Мелбурн (Австралија), за кое го приведуваме искажувањето на Ристо Попов кој рекол: „Ние Македонците ја изградивме црквата, но потоа ни ја одзедоа Бугарите и ја ставија под своја јурисдикција”. И случајот со црквата „Св. Богородица” во Сиракјуз (САД) била купена исклучително со даренија од Македонци, а со измама била одземена од тогашниот бугарски владика Андреја Велички (според изјавата на митрополитот Кирил, искажувања на Марко Јанкуловски, Ацо Дудевски и уште десетина други Македонци од Сиракјуз). Меѓутоа, по престојот на архиепископот г.г. Доситеј во овој град во 1965 година, по кратко време се купи нова црква која беше евангелисана во 1968 година. Според искажувањата на митрополитот г. Кирил, црквата „Св. Климент Охридски” во Детроит е осветена од бугарски архијереј во 1964 година. Потоа е одземена иако е изградена со средства исклучително на Македонци. Денес, вредноста на овој комплекс чини преку 5.000.000 долари. Овие пропусти и загуби ни се случуваа бидејќи нашата Црква како самостојна не беше дефинирана пред властите во прекуокеанските земји сеʼ до обновата на нејзината автокефалност во 1967 година кога се стави крај на негаторските валкани манипулации. Организирањето на македонските црковни општини се зголеми, а со тоа и нивната огромна улога во целокупното живеење на Македонците во овој далечен свет. Така охрабрени, нашите сонародници почнаа вистински да ги бараат и наоѓаат корените на својот македонски национален идентитет, јазик, афирмација и сигурно опстојување во новата средина. Исто така, во една прилика во неговиот кабинет, митрополитот г. Кирил изјави дека при неговата канонска посета во Австралија во 1980 година, во градот Њу Касел, во една болница го посетиле сонародникот Стево Ѓорѓиев од с. Рула, Леринско. Долго беседеле. Во оваа пригода ќе изнесеме само дел од разговорот во кој со солзи тој му велел: „Стар човек сум и тешко сум болен. Наскоро ќе се разделиме. Но, во исто време сум и среќен човек. Ме радува многу она што нашата мајка Црква го прави и за нас Македонците кои со болка моравме да ги напуштиме татковските огништа, а многу од нив беа и насилнички протерани. Дојдовме во овој далечен свет, се распрснавме заплашени и здивени како пилиња без квачка. Но, сега ќе умрам среќен.
Поглаварот на МПЦ г.г. Доситеј и митрополитот Кирил во Перт, Австралија Овде сум 50 години. И како Македонец дојдов со грчки пасош. Ме измачуваше желбата да се здобијам со некој документ што ќе сведочи дека сум она што сум - Македонец, а не Грк. Го барав од властите овде, ми беше речено дека немаат административна основа за да ми издадат таков документ. Единствен документ што сведочи оти сум Македонец е членската карта од нашата македонска црковна општина. Сега, пак, срцето ми е уште пополно со радост зашто моите внучиња имаат документ - крштално свидетелство што е официјален документ и пред австралиското општество во кој пишува дека нивните родители се од нашата родна Македонија. Матичните книги на родените и венчаните при нашите македонски цркви се голема радост за нас. Тоа межеше да ни го пружи само нашата МПЦ и никој друг. Тешко можеме да иʼ се оддолжиме. Таа многу направи за нас”. Инаку, пред да се организира црковниот живот, венчавките и крштевките се вршеа и се заведуваа во протоколите на туѓите цркви и, секако, не од родители со потекло од Македонија и Македонци. Тие беа заведувани како Бугари, Грци, Срби и друго. Македонските православни црковни општини и културно-просветните центри за Македонците во прекуокеанските земји претставувале и денес се нивна лична карта за нивна препознатливост и афирмација на црковно-духовен, национален и културно-просветен план. До почнувањето со организиран црковно-духовен и културно-просветен живот, штедрите даренија од Македонецот се слевале во касите на другите цркви кои, за жал, биле употребувани за вршење асимилаторска дејност врз Македонците и на тие далечни простори од Македонија. Црковна служба во МПЦ „Света Богородица“ во Детроит Митрополитот г. Кирил има речено дека новото раѓање на МПЦ, Македонците го доживеаја како ново и целосно ослободување, зашто и покрај постоењето на слободната Република Македонија, ако немавме наша македонска црква, Македонците во светот сеʼ уште ќе беа под духовно ропство преку дејствувањето на ненародните балкански цркви, свештеници и архиереи и до денес нивната однародувачка политика немаше да престане. Ако не беа МПЦ-ОА и Република Македонија, ние, денес, многу малку ќе можевме да зборуваме за успешно црковно-духовно и културно-просветно организирано дејствување во прекуокеанскиот свет. Тоа е од фактот што грчките, српските и бугарските цркви беа порано организирани во тој свет па ги присвојуваа Македонците како нивни пред тамошните фактори. Меѓутоа, преку успешната дејност на македонските црковни општини, се успеа македонските етнички групи да добијат рамноправен третман со сите други етнички групи. Веднаш по Црковно-народниот собор во Охрид од 1958 година, а особено по Соборот од 1967 година, до раководството на МПЦ многу позасилено почнаа да пристигнуваат голем број честитки со целосна поддршка на значајните историски оживотворувачки настани за Македонската света црква и со многу барања за формирање бројни македонски црковни општини. Тие почнаа да се претвораат во најсилното оружје против сите оние кои посегаа по светоста, името и достоинството на народот наш македонски. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |