|
|
Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн го одржа петтиот по ред Саем на книгата |
На 18 април во просториите на библиотеката во Мил Парк, а во чест на Свети Кирил и Методиј, Македонското литературно друштво “Кочо Рацин“ од Мелбурн го одржа петтиот по ред Саем на книгата. Со звуците на песната Ленка започна обаа убава манифестација за подоцна да следат преубави стихови од Крсте Наумовски – Мечкар и другите учесници. Се оддаде и почит кон една од членовите и основачи на друштвото, истакнатата поетеса и радио водител на СБС програмата, Виолета Јовановска.
Љубовта кон родината и кон мајката, најсилно изразена во стиховите прочитани од учесниците на овој културен настан. Оваа година, главен акцент се стави на антологијата Ѕуница (издадена по повод 40 годишнината од постоењето на МЛД Григор Прличев, Сиднеј). Преку саемот се промовираат литературните дела а воедно и се укажува на значајноста на величенствена мисија на браќата Кирил и Методиј, напорна мисија во просветувањето на народот и создавањето на првата азбука. Значајна мисија со која посееја светлина во мракот, ги создадоа буквите, го описменија народот да може лесно да пишува, чита, комуницира на разбирлив јазик. Ги слави целиот свет, нивните дела се важни за целата цивилизација. За нив се напишани десетици илјади книги и тие се најсветли обрасци на македонската историја и идентитет. Свети Кирил и Методиј го зацртаа патот на развој на православието, и ја раширија писменоста и несомнено нивните дела се трајна вредност во светската културна ризница. Ова е значаен празник и треба да служи за обединување меѓу нас Македонците насекаде во светот, за јакнење на свеста за национална припадност и чување на македонскиот идентитет – порачуваат од МЛД Кочо Рацин, Мелбурн. МЛД Кочо Рацин, Мелбурн, уште еднаш ја оправда целта заради која е формирано - негување на македонското литературно творештво и мајчиниот Македонски јазик. Сакај ја книгата, негувај го јазикот! Гордана Димовска |