|
|
ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ ВО ИСЕЛЕНИШТВОТО (2) |
АЛЕК ПЕТЛИЧКОВ – ОСНОВОПОЛОЖНИК НА АНСАМБЛОТ „МАКЕДОНКА“ ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА Алек Петличков ја има истата судбина како голем број Македонци во светот, особено оние кои имаат потекло од егејскиот дел на Македонија и кои присилно ги напуштиле дедовските прагови во родните места. Тој е жива легенда за Македонците во Торонто. Петличков го формира ансамблот „Македонка”“ од Торонто, кој е еден од најстарите, најдобрите и најпознатите фолклорни асоцијации во македонското иселеништво во светот. Алек Петличков е роден во Егејска Македонија на 6 март 1941 година, во селото Буф, Леринско, каде што поминал шест години од својот живот. Во 1947 година, со големата армија на децата прогонети од Беломорска Македонија, во која бил и Алек Петличков, прво отишле во Битола, а потоа во Валандово. Според историските податоци, особено во книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за Буф дава многу опширен и детален опис за географијата, местоположбата и природните одлики на околината Тој запишал. дека селото Буф се наоѓа 3 ½ часа на северозапад од Лерин, при што од запад селото е заградено со планината Баба, од север е заградено со еден нејзин не многу висок разгранок којшто се одделува кај врвот Баба и се спушта кон исток и завршува кај с.Клештино, додека од југ и југоисток видикот на селото повторно е заграден со висок разгранок од планинската верига кој оди, исто така, кон исток и кој на завршетокот се раширува и се доближува до северниот разгранок кај Клештино. Инаку, Буф е село вo Егејска Македонија, Грција, вo општина Лерин, кое според пописот во 2001 имало 134 жители). Меѓутоа, во времето на посетата на Ѓорче Петров во 1896 година Буф имало 200 куќи со 2120 жители, сите Македонци под духовенство на Егзархијата, а селаните се одликувале како многу јуначни. Улиците на селото биле нерамни, а некои биле поплочени со тесна груба калдрма. Тоа е сместено е на надморска височина на околу 1000 метри, под источните падини на Баба Планина, расположено во котлината која ја формираат планините Баба и Бигла.
Селото Буф многу настрадало во Граѓанска војна во Грција, каде, според пишаните документи, во текот на борбените дејствија селото дало повеќе од 250 борци припадници на ДАГ, а своите животи ги положиле околу 120 буфчани, додека 30 борци од селото трајно останале инвалиди. Поради воените дејствија, се смета дека само во Македонија пребегнале 189 семејства со 686 члена, а околу 96 семејства со 140 членови побегнале во источно европските земји. По нормализацијата на ситуацијата, а поради силниот притисок и терор од страна на грчките власти, започнал силен бран на емигрирање во прекуокеанските земји. Во 1957 година Алек од родната македонска земја се преселил во Торонто, каде што и се оженил со својата избраничка и играорка Мери Џигоманова, родена во селото Баница, Леринско, која заедно со своите деца сите овие години е душата на „Македонка”. Покрај фамилијарните обврски, Алек е жива легенда за Македонците во Торонто. Под неговото несебично залагање и работа, преку фолклорното училиште на „Македонка” поминаа стотини македонски младинци, кои го изучија македонскиот мелос и фолклор, а некои од нив се оспособија да бидат кореографи и водители на играорни групи. Неговите залагања и денес се темел за работа на повеќе играорни групи во Канада и во Америка. Целата негова активност беше забележана од македонската емиграција, така што на годишното изборно членско собрание за мандатниот период 1987 и 1988 година бил избран за претседател на црквата „Свети Климент Охридски” во Торонто, а, исто така, бил потпретседател и член на Управата. Несомнено, популарниот Алек Петличков е еден од најзначајните активисти, Македонец кој го обележа ова време со позитивности и кој во сите години, извонредно многу придонесе во животот на македонската колонија во главниот град на провинцијата Онтарио - Торонто. Тој е кореограф со најдолг стаж (повеќе од 55 години) во една фолклорна група меѓу Македонците во светот. Ансамблот „Македонка”“ од Торонто, Канада, е еден од најстарите, најдобрите и најпознатите фолклорни асоцијации во македонското иселеништво во светот. Како фолклорна група е формирана од ентузијасти и вљубеници во македонското оро и песна, кои потекнуваат претежно од Беломорска Македонија На почетокот по формирањето во 1959 година, работел под името „Пелистерско оро”, кога и го започнал своето аматерско дејствување со организирање на концерти. Набргу по формирањето веќе стекнал популарност и углед меѓу Македонците на тие простори, така што кон него се приклучиле сѐ поголем број млади кои со голема љубов и жар го учеле, презентирале и негувале богатството на македонската игра и песна. Се чини концертот што оваа играорна група го одржала на 24 април 1966 година, во црковата „Свети Климент Охридски” од Торонто бил пресуден за нејзината иднина. Активностите на полето на фолклорот започнале во април 1969 година, кога во просториите на црквата „Свети Климент Охридски” се собрале група момчиња и девојчиња од македонско потекло кои биле членови на играорната група „Пелистерско оро” и сите заедно, вљубеници во фолк-музиката и орото, ја формирале македонската фолклорна група „Македонка”. Тоа било и првпат спонтано и многу решително во Македонската православна црква „Свети Климент Охридски” во Торонто да се поттикне идејата за формирање на еден поголем ансамбл, кој бара работа, истрајност, ентузијазам и залагање. Секако дека големата желба беше преточена во раѓањето на новата група. Уште на самиот почеток тогашниот потпретседател, а подоцна претседател на црквата, професор Филип Ангелковски, како искусен музичар и културолог, заедно со кореографот и фолклористот Алек Петличков, а со поддршка на членовите на Управата на црквата, чиј генерален секретар беше авторот на овие редови, Славе Катин, се поставија темелите на Играорната група „Македонка”. Од членовите на управата на црквата „Свети Климент Охридски” се прифати предлогот групата да работи аматерски, а сиот остварен приход да биде наменет за општината, која ќе се грижи младите да ги имаат сите услови за работа и за докажување. За главен ороводец и кореограф на „Македонка” беше одреден еден од втемелувачите и најверни членови Алек Петличков, а во управата влегоа: за претседател Владо Шуковски, негов заменик Тами Папаѓанис, секретар Елизабета Пиљурева и благајник Дијана Ману. Првиот успех Играорната група „Македонка” го имала на големиот семакедонски пикник што го организирала националната организација „Обединети Македонци” во летото 1969 година, кога се собрале повеќе од 15.000 посетители. Оттогаш започнале да се редат повеќе концерти не само во рамките на македонската заедница, туку и пред канадската публика. Така на 25 октомври 1969 година, во големата сала на црквата „Свети Климент Охридски”, Фолклорната група „Македонка”одржала концерт и се претставила на публиката со своја програма. КУД „Македонка” има реализирано повеќе турнеи во Република Македонија од 1971 година до денес, кога учествувале на бројни фолклорни фествали и други манифестации, меѓу кои: на „Илинденски денови” во Битола, „Скопско лето”, „Иселеничките средби” во Трново, Ресен, Свети Наум, Крушево и на други собири. Преку асоцијацијата „Канадско фолклорно-артистички совет” „Македонка” и во 1979 година, како прва македонска група настапи во провинцијата Нова Скошија, при што, во конкуренција на повеќе од 80 етнички фолклорни групи, од селекторите била избрана да ја претставува провинцијата Онтарио на Канадскиот фестивал на културно наследство. Тоа било голема чест и признание за членовите на Ансамблот „Македонка”, и за големата македонска провинција во Торонто. Како претставник, пак, на провинцијата Онтарио Ансамблот беше на гостување и во Саскачеван. Но, секако, најголем успех постигна во 1983 година кога на Меѓународниот фестивал во Сан Хуан во Порторико, КУД „Македонка” достојно ги бранеше боите на Канада со игрите и песните од Македонија. Исто така, има остварено турнеја низ Австралија, каде што постигна видни резултати во македонските заедници а и пошироко на петтиот континент. Кога ќе се сублимираат настапите на Ансамблот „Македонка” од нејзиното формирање во 1959 година до денес, меѓу другото, треба да се нагласат следните реализирани настапи и гостувања: Благодарница за „Македонка“ од претседателпт Георге Наумов Членовите на Ансамблот „Македонка”, главно, се интелектуалци од македонско потекло, но родени во Канада, кои со голема љубов и жар го негуваат македонскиот фолклор. Поголемиот број од ората што ги изведува Ансамблот ги обработил денешниот директор на Ансамблот Алек Петличков, за што добил високи признанија од стручњаци за фолклор. Алек денес има вистинска и професионална замена во кореографијата и организацијата во ликот и делото на синот Крис Петличков. Денес КУД "Македонка" е заштитен знак, тоа е, гордост и репрезент на "Св. Климент Охридски", но, тоа е и амбасадор на Македонија, која го афирмира и го презентира богатото фолклорно наследство во Канада и во светот. Успешиниот пат продолжува и натаму, младоста со успех чекори напред. Инаку, Ансамблот „Македонка” е добитник на голем број награди, признанија и плакети. Но, се чини дека најзначајно е тоа што Ансамбл бил овенчан со републичката награда „Свети Климент Охридски” за постигнатите резултати во афирмирањето и збогатувањето на македонскиот фолклор во иселеништво.. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |