|
|
УБИСТВОТОВО НА ЕФТИМ ЈУНАКОТ - ДЕДО НА БРАНКО РИСТОВСКИ (ГРЕЖЛОВСКИ) ОД ДЕТРОИТ (5) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ ОД ДОЛНА ПРЕСПА Бранко Ристовски (Грежловски) од Љубојно, Преспа кој долги години живее во Детроит и Флорида во Соединетите Американски Држави, во исповедта во скромното издание за дедо му Ефтим Ристов Гржлов, чиј уредник и издавач е неговиот братучет Славе Катин (Грежловски), го напиша следнoто: Веста за убиството на арамијата се пренесла низ селото и пошироко. Со ова храбро, несекојдневно и ризично дело, дедо ми Ефтим стекнал голем респект кај селаните, но во исто време се зголемила и неговата опасност од одмазда од арамиите. Сите него го познавале како човек кој од ништо и од никого не се плашел, затоа и селаните не само од Љубојно, туку и од околните села имале и страв и почитување кон него. Меѓутоа, со убивањето на еден од арамиите ситуацијата се влошила и дедо ми бил во опасност, бидејќи арамиите продолжиле да го следат со цел да му се осветат за стореното убиство. Бидејќи арамиите биле од муслиманска вероисповед, во нивните мисли била всадено крвното осветување, што секако си поставиле задача да ја извршат осветата врз дедо ми Ефтим. Еден ден неговиот син Јоше, мојот чичко, како и внук му Цветко (син на дедо Петре), отишле да го земаат млекото од „Колибите“ каде било стадото со овците. Инаку, собирањето и носењето на млекото била работа на момоците, но како за баксуз Јоше и Цветко се зафатиле за таа работа. Со тоа им ја олесниле работата на арамиите, на кои им пошло од рака да ги следат како одат кај бачилото. Арамиите се сокриле недалеку од бачилото кај Горна бразда (браздата која служела за наводнување на нивите од тој реон на селото). Тогаш еден од арамиите успеал да ги пресретни и да ги фатил децата, а другите двајца продолжиле кон бачилото каде се наоѓал дедо Ефтим. Интересно е да се спомене дека пред да оди дедо Ефтим за „Колибите“ кај своето стадо, некој од селаните кој соработувал со арамиите, го застанал на патот и му рекол да не оди на бачило, бидејќи тој наводно слушнал дека арамиите му направиле заседа со цел да го убијат. Ова ни го раскажа и баба Мара од семејството Јаневци, чиј сопруг исто така бил убиен од арамиите, а кои живееше во нашето соседство. Дедо Ефтим не го послушал човекот кој му ја соопштил лошата вест, туку напротив тој самоуверено му одговорил на човекот (кодошот) дека не се плаши од никого и дека е подготвен да се пресмета и со другите арамии. Според кажувањето на Бранко Ристовски (Грежловски), на денот на убиството на јунакот Ефтим неговите кучиња цело време завивале, како да претчувствувале несреќа. Тој ден и кучињата и овците и говедата биле мошне вознемирени. Тоа не го забележал дедо Ефтим туку секој момент ги очекувал момоците да дојдат и да го одменат во работата, па затоа мислел дека кучињата лаат по нив, слично како и првиот пат кога го нападнале арамиите. Дел од свадбата на Бранко Бргу открил дека тоа не биле момоците туку арамиите, кои веднаш почнале да пукаат по него. На тоа тој одговорил со брзо пукање од неговиот бел пиштол, при што отепал еден од арамиите. Потоа успеал да скокни во долот и започнал да бега кон западната страна, кон селото. Тој бил многу брз и веднаш се нашол кај Горна бразда и имал шанса да им избега на арамиите. Меѓутоа, кога дошол до браздата се стаписал кога видел дека еден од арамиите имал вперено пиштол кон син му Јоше и внук му Цветко. Во тие драматични моменти арамијата му се заканил дека ќе ги убие децата доколку Ефтим не се предаде. Мошне вознемирен од сцената дедо Ефтим немал друг избор туку одговорил дека тој ќе се предаде ако ги ослободи децата. Тогаш. арамијата ги ослободил децата кои веднаш почнале да бегаат кон селото. Кога видел дедо Ефтим дека децата биле доволно оддалечени од арамијата, почнал да пука и веднаш скокнал кон долот со цел да избега кон планината. За жал не забележал дека еден од арамиите бил сокриен на горниот дел од долот и можел директно да пука во него. Неговите истрели биле фатални за нескротливиот дух на дедо Ефтим, кој смртно погоден паднал во долот. Силно ехо се пренело низ долот и како молња се раширило преку „Колибите“ во планината. Веднаш лошата вест се пренела во Љубојно и во другите села. Тагата на баба Митра, на целото семејство Грежловци, на нивните роднини и пријатели била голема. Во исто време тага почувствувале и оние фамилии на кои арамиите им имале направено зулуми. На погребот што бил извршен другиот ден на гробиштата во Љубојно, дошле и стари и млади и сите почитувачи на јунакот Ефтим. Баба Митра заедно со другите жени како тажачки хор го ределе јунакот. Загубата била најголема за баба Митра која останала без стопан во семејството, го изгубила сопругот, столбот на семејството. Но, тагата била уште поголема бидејќи баба Митра била бремена и очекувала да го породи новиот член на семејството. Така и било, на 20 октомври 1922 година таа родила син кому му го дале името на јунакот – Ефтим. Тој е мојот татко кој среќно со мајка ми Зорка како американски пензионери живееја во Љубојно. Инаку, според кажувањата на баба Митра дедо Ефтим не само што бил како маж голем јунак, туку тој бил и домаќин, семеен човек кој спечалил многу пари. Во тоа време дедо Ефтим ги имал парите закопано во куќата, поточно во дворот. За таа тајна пред подолго време тој имал кажано на баба Митра, доколку нешто се случи со него, тогаш таа да располага со парите. Според кажувањата на баба Митра, таа била многу блиска со нејзината сестра Божана, на која во една прилика и ја оддала тајната за парите. Случајно или намерно, на денот на погребот на дедо Ефтим, баба Божана не отишла на гробишта, туку останала во нашата куќа наводно да се погрижи за ручекот. Бидејќи таа знаела каде се закопани парите, ја искористила погодната прилика со погребот, ги откопала парите и на тоа место поставила огниште. Кога сите членови од фамилијата се вратиле од гробишта, тогаш прва баба Јана, сопругата на дедо Петре го забележала новото огништето и и текнало дека нешто необично се случило. И’ рекла на баба Митра дека сестра и’ Божана отворила ново огниште, а бидејќи баба Митра била многу натажена во почетокот не обратила внимание на тоа, но подоцна и признала дека таму ги чувале парите. Баба Митра се поверила и ги дала на чување и другите пари (златници) на сестра и’ Божана кои, за жал, исто така пропаднале. Со тоа нашата фамилија најпрво го изгубила дедо ми Ефтим, а потоа останала без пари, осиромашена, со што настапил тежок живот за баба Митра и нејзините синови Лазор и Ефтим. Вистината за јунаштвото, подвизите, животот и смртта на дедо ми Ефтим ја дознав претежно од баба ми Митра, а тоа го потврдив и од кажувањата на голем број наши роднини и други луѓе од Љубојно. Затоа, во ова скромно искажување и кусо пренесување на фактите за дедо Ефтим се потрудив да бидам повеќе наративен, автентичен и непристрасен. Јас сум свесен дека обично во мислите и спомените на внуците дедовците се големи, значајни по многу нешта, забележителни и остават вечни траги и спомени. Ристовски на празнување Меѓутоа, прво татко ми, а потоа и јас не го познававме дедо Ефтим. Затоа, мојата цел е едноставна: само да оставам трага и спомен за мојот непознат дедо кој од кажувањата го носам постојано во мислите и ги пренесувам спомените за моите македонски корени кои, ете, се рашириле од Љубојно до Детроит. Ја користам приликата да се заблагодарам на моите родители Ефтим и Зорка, на мојата сопруга Соња и синовите Тони и Дени, кои ме поддржаа да ја објавам ова скромна биографија за дедо ми Ефтим. Посебно се заблагодарувам на мојот братучед Славе Николовски - Катин (Грежловски) кој го уреди, се ангажира за подготвувањето и печатењето на книшката. Верувам дека ова скромно дело ќе побуди интерес пред се’ кај моите роднини, а потоа и кај моите пријатели и соселани во Љубојно, Детроит и на други места ширум светот. Продолжува Пишуваат:
Бранко Ристовски (Грежловски)
Славе Катин (Грежловски) |