|
|
МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛНО - ЦРКОВЕН ЖИВОТ ВО ДЕТРОИТ (9) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „БОШКО РАЈЧОВСКИ-ПЕЛИСТЕРСКИ“ ОД АВТОРОТ СЛАВЕ КАТИН По формирањето на организацијата “Обединети Македонци”, како да се “скрши мразот” и се започна со црковно живеење и поврзување кон Македонската православна цркна кај македонските доселеници во Детроит. Првите аквисти на овој план беа љубанчаните Владо Пашариковски, Џан и Милка Христови, Миле Пашариковски, Бошко Рајчовски и многу други. Притоа треба да се истакне дека Бошко беше е еден од иницијаторите за формирање на првиот духовен храм на иселеници во Детроит. Набргу групата ентузијасти веќе и ја финализира идејата за отворањето на првата македонска црковна општина “Света Богородица” во градот Детроит, и прва македонска црква воопшто во државата Мичиген. Во оваа пригода треба да се нагласи дека процесот за отклонување на тешките политички и црковни хипотеки и проблеми, можеше да отпочне, и отпочна, со востановувањето на македонска држава на Илинден 1944 година и обновувањето на самостојноста и автокефалноста на нашата Света црква во 1958 и 1967 година. Овие големи историски настани наидоа на силен одек и во средината на македонското иселеништво во САД, Канада, и Австралија. Државотворноста од АСНОМ 1944 година на македонскиот народ, беше потребна основа и за канонското возобновување на Охридската Архиепископија во организирана Македонска православна црква. Со ова се создадоа предуслови за отпочнување на формирање македонски црковни општини и културно-просветни центри и нивно духовно и канонско поврзување со мајката Црква. Од огромно, ако не и од од пресудно значење беше подршката и разбирањето на кои македонската црква наидуваше пред домашните политички фактори во овие демократски земји. Ваквите констатации се базираат и врз дводецениското активно архипастирско раководење и служење со црковниот живот во македонските црковни општини и во македонските Епархии во дијаспората. Бошко Рајчовски-Пелистерски е немирен дух кога станува зборза афирмација на националните достоинства, и кога станува збор за афирмација на името македонско, на Црквата македонска, на својот народ и на своите две татковини-македонската во која се роди и американската во која со своето семејство, век векува. Тој одамна е дел од сиот тој колаж на себеорганизирање на Македонците во најголемата македонска доселеничка колонија во САД, во најголемиот светски центар на автомобилската индустрија, Детроит. Уште од првите денови на неговото доаѓање во Америка, Бошко доаѓа во духовните светилишта. Така е и до ден - денешен. Со гордост зборува за најголемиот и најубавиот високо издигнат македонски храм на една од најпрометните патни артерии на Детроит, за црковната општина “Раѓање на пресвета Богородица”.
Олтарот на МПЦ „Света Богородица” во Детроит Инаку, иницијативата за формирање и изградба на своја македонска црква меѓу Македонците од Детроит постоеше уште од поодамна. Меѓутоа, таа желба се исполни дури кога на 14 јануари 1975 година се конституира Иницијативен одбор за формирање на МПЦ “Раѓање на Пресвета Богородица” во Ворен – Детроит, која беше примена во закрила на Светиклиментовата црква и потпадна под нејзина јуриздикција. Првата архиерејска литургија во оваа колонија ја отслужи надлежниот архиереј, митрополитот Кирил, во сослужение на тогашниот повардарски митрополит Михаил, подоцна поглавар на МПЦ во една римокатоличка црква во август 1975 година, а потоа беше организиран пикник на кој присуствуваа повеќе илјади иселеници. Како резултат на бројните активности, собраните средства и силната желба на Македонците да имаат сбој македонски духовен и културно-просветен дом, во периодот кога се одбележуваше 75-годишнината од Илинденското востание, на 13 август 1978 година, митрополитот Кирил, во сослучение на бројни свештеници, а пред многубројни посетители е извршено осветување на местото, а на 24 декември 1978 години беше купена зградата во Ворен, која е осветена на 20 јули 1980 година. Осветување го изврши митрополитот Кирил. Денес стариот објект на црквата е продаден а изградена е нова црква која претставува соборен храм и најголем објект на МПЦ во САД. До храмот се изградени големи сали и други простории што претставуваат убав македонски архитектонски комплекс. Местото беше осветено на 25 септември 1995 година, а на 21 септември 1998 година е поставен камен-темелникот. Новиот објект на Св. Богородица, поточно салата е осветена од архиепископот Стефан и митрополитот Кирил на 21 септември 2000 година, а црквата беше осветена на 21 септември 2002 година. Црквата “Св. Богородица” е една од најзначајните македонски духовни и културно-просветни центри во САД. Таа е собиралиште на голем број Македонци од Детроит и од околината и организатор на бројни кативности, меѓу кои и на црковно-народните собири. Авторот на оваа монографија неколкупати бил на црковните манифестации, мегутоа Црковно-народниот собор во 1994 година што се одржа во Детроит му остана во посебно сеќавање. Така, во тие сенародни, црковно-национални,македонски, американски празнувања, сите патишта уште рано-рано во петокот, како да водеа кон градот Детроит, светскиот центар на автомобилската индустрија. Од многу страни реки од автомобили се слеваа накај престижниот хотел Мариот, од висока категорија, одамна, уште пред месеци и месеци резервиран. А во него, иладници Македонци, стари и млади, засекогаш задомени на тие простори на САД и Канада. Тие се иселиле се без престан од сите делови на родната македонска земја во временски интервал поголем од цело едно столетие и тука, век векуваат, тука семејни стебла американско-македонски продолжуваат. Првиот викенд на септември кој Американците го празнуваат како Ден на работникот, е време кога се одржуваат неколкудневните соборски, семакедонски свечености, чиј организатор е Американско-канадската македонска православна епархија. Тоа се традиционални среќавања и празнувања, кои еве пове од триесеттина години се одржуваат во сите поголеми градови на Северноамериканскиот континент Домаќини овој пат беа Управата, верниците, свештениците на Македонската православна црковна општина 'Света Богородица” од Детроит, најголемиот и најубавиот македонски духовен храм. Тој е изграден и извишен на пространите американски простори и е гордост архитектонска, градителска, световна за сите Македонци каде и да се задомени тие на пространиот прекуморски континент. Организаторите сторија се, гостите, соборјаните, црковните достојници и сите намерници од каде и да се, да се чувствуваат прекрасно и да поминат заеднички убави продолжени викенд-дни, токму во најпрочуениот автомобилски центар, и во по многу нешта, необичниот и интересен Детроит. Бошко Рајчовски Пелистерски, беше дел од соборските масовни празнувања, беше дел од домаќините кои на сите начини се трудеа, ама буквално за с# да им угодат на гостите дојдени од Торонто, Њујорк, од Кливленд и Хамилтон., од Њу Џерси и Виндзор, од Лос Анџелес и Синсинати, од Бафало и Колумбос, и од каде ли се не од големиот Северноамерикански континент за да бидат заедно, за да ја продолжуваат ретката и убава традиција. Како искусен новинар и еден од најуспешните и најдолговечните журналистички, поточно радиоводителски имиња, Бошко Рајчовски Пелистерски, само редеше лента до лента, снимајќи во репортерскиот диктафон многу разговори, кажувања, импресии, доживувања, очекувња и желби на соборјаните. Во исто време, тој се движеше од место до место, снимајќи делови од богатата програма со која младите играорци и песнопојци го збогатија разновидниот културно-забавен колаж на семакедонските дни во Детроит.
Црквата „Свети Ѓорѓи Кратовски во Детроит Не застана, ама ниту седна Пелистерски. Со силна кондициона маршута ги качуваше скалите, ги редеше салите, ги пребаруваше соговорниците, и секогаш стасуваше да биде на вистинското место и во вистинското време. Ама ништо не остави на случајноста. Ништо не му промакна од неговото будно и искусно новинарско око, ништо тој не пропушти. Бошко, сакаше да го чуе Сотира од Битола, Павлета од Прилепско, Митрета од Мариово, Цена од Велеса града, Кирета од Преспата. Сите повозрасни кои му ја ставија на дланка нивната животна вистина, нивните печалбарско иселенички судбини, нивните остварени или изневерени надежи. Тој со посебно родителско чувство, ги снимаше кажувањата на младите генерации Македончиња родени и школувани во Америка и Канада, обидувајќи се да допре што поблиску до младата личност, до нивните перцепции и преокупации, до нивната решеност да ги зачуваат за секогаш своите традиции, обичаи и потеклото македонско. Токму затоа така успешно и така умешно, би рекол, мајсторски го овековечи низ етерот Црковно-народниот собор во Детроит, во државата Мичиген. Бошко Рајчовски нас дојденците од стариот крај кои бевме неколкумина, како Димитар Керамичиев, претседател на Матицата на иселениците, Томислав Стојановски-Бомбај, како пратеник на Собранието на Република Македонија, Мирослав Спировски, како новинар на “Нова Македонија” и авторот на монографијата Славе Катин во својство на зам. претседател на државната Комисија за односи со верските заедници, не остави со едно многу пријатно чувство и долго сеќавање. Имено, во далечна Америка, токму, ете тука, во градот Детроит, тој Бошко Пелистерски, на самосвоен, во негов препознатли оригинален стил, на многу ефектен начин, со патриотски дух и порив, силно ја афирмира македонската вистина, име, минато и сегашност, ги афирмира нашите национални достоинства, ја афирмира Република Македонија. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |